Се плашам дека додека ги читате овие редови можеби веќе избиле нови настани и ја промениле сликата на светот. Бидејќи ако е нешто дефинитвно тоа е дека ништо во светската политика не е сигурно и нормално. За сега два процеса се најважни: прво, беснее војната во Украина, каде империјалистичките сили на Русија освојуваат дел по дел од територијата на земјата што би требало да е во некаков сојуз со европските сили и САД, и второ, воените удари врз Иран од страна на САД, кои не резултираат со очекуваниот блицкриг за најмоќниот хегемон во историјата. Обата процеса траат подолго време од почетно планираното и за обата не знаме каков исход ќе имаат. Јасно е само дека ќе има подлабоки промени од тие што ги чувствуваме денес.
Украинската војна можеме да ја разгледуваме како прокси војна на Западниот империјализам против Русија. Иранската војна, пак, само ги зближи Русија и Иран. Од друга страна Кина, како и Русија, го снабдува Иран со низа продукти, кои се користат директно во воените операции, или со кои Иран може да развие подобро производство на современа воена опрема. Конечно, официјалниот став на Кина е дека војната на САД и Израел против Иран е нелегална. Се оцртува блоковска поделба, САД со сојузниците, и Кина со Русија, Иран, Бразил итн. Бразил и Индија играат улога на посредници и режимите балансираат меѓу САД и Кина. Блоковите никогаш и не биле едногласни и униформни, а тоа се случува и денес.
По крајот на Студената војна, со пораз на деформираните работнички држави, американскиот империјализам стана неприкосновен господар на „Новиот светски поредок“. Либерализмот објави „крај на историјата“ на големите конфликти, триумф на, според нив, слободата и демократијата и конечно вразумување на светските нации дека прогресот е можен само во капитализмот. Сѐ што требаше да се направи е развој на технологија и човештвото ќе биде ослободено од национализмите, сиромаштијата и војните. Секако за ова беше потребна гаранција, а тоа е „доминација низ целиот спектар“ со „униполарна хегомонија“. Од тоа време потекнуваат и други фрази каде се велича сликата на САД како „светски полицаец“. Вербата на американската буржоазија во себе како спасител и еманципаторна сила беше грандиозна.

И за помалку од 35 години, поредокот што требаше да трае со векови според нивните визии почна да се прекршува. Наместо ветената економска придобивка од сесветскиот мир, започна нова трка за вооружување, а животниот стандард на Западот стагнира, додека за останатиот свет индексот за човечки развој расте најниско во последните 75 години. САД од најголем кредитор стана најголем должник. Во 2025 година сојузната влада потроши 1 илјада милијарди долари нето отплата на каматите на долгот, многу повеќе отколку на воениот буџет ($895 млд).
Изјавата на Вилијем Брнс, директорот на ЦИА, дека САД нема веќе обезбедено неоспорен примат, е спротивна од реториката на американските сенатори во ерата по Студената војна. Тој наведува и други важни заклучоци, покрај тоа дека е завршена ерата по Студената војна, и дека долгорочен стратешки предизвик е Кина, како и дека Русија е итен геостратешки предизвик особено по нападот врз Украина, а и од неговата област наведува дека ЦИА мора да инвестира повеќе на новата технологија за разузнавање на Кина.
Крајот на глобалната доминација на САД е пропратен со криза на глобализацијата, што е причинета од органската криза на капитализмот, а не од растот на периферните економии, посебно не од Кина, како поранешна неразвиена земја, што во суштина е ставот на експертот за шпионажа. Текот на историјата се менува под дејство на кризите, трговските војни, студените војни, големите фискални дефицити, незадоволените потреби за инфраструктура, преструктуирање на трговијата и повторната милитаризација на светот. Трамп е само симбол на протекционизмот и стегање на глобалните економски врски.
Странските директни инвестиции, како еден показател за глобалната економија, се намалени. Големо мнозинство на инвеститори тврдат дека нараснатите геополитички тензии влијаат на нивните одлуки за инвестиции. Некои проценки велат дека странските директни инвестиции се околу 10 отсто паднати, и сега се под нивото што беа пред пандемијата.
Американските капиталисти во своите странски потфати се заштитени од силите на САД во своите освојувања на пазарите и максимирање на профитите. Поради тоа тие трговијата ја претвораат во оружје, нудат бенефити на пријателите, а казни на ривалите, а кога баш ќе загусти, ѕвечка оружјето, праќаат егзекутори или лансираат ракети. Користењето на воена сила секако е дел од империјалистичките политики, но не се ограничени само на тоа. Има многу различни начини како да се постигнат интересите на владејачката класа. Според марксистите, империјализмот не е просто употреба на оружје за освојување на нови територии и сфери на влијание. Ова е многу еднострано гледање на појавата што ја сметаме за последно скалило на историскиот развој на капитализмот. Империјализмот е пред сѐ концентрирање на економијата, трупање на капиталот, монополизирање, и создавање соодветен државен апарат, значи и оружани сили за поддршка и негово ширење. Империјалистичките војни не се ништо повеќе од продолжение на економијата со други средства.
Руската инвазија врз Украина е империјалистичка затоа што произлегува од потребата на закрепнатата руска буржоазија за зачувување на последната сфера на влијание, за искористување на рудните богатства, за природните минерали и излез на Црното Море, а со тоа одбрана на своите интереси и подалеку. Таа не се случи поради кршењето на човековите права и појавата на неонацистички банди, поврзани со власта, кои делуваат против народот во Украина. Војната се случи откако НАТО пактот требаше да дојде до Русија. Првиот бран на ширење на НАТО кон Русија во 2004 година (на Балтикот) беше во период на незакрепната руска економија и нејзина немоќ да влијае на агресивната политика на САД и нејзините европски сојузници. Но, по 2008 година се случи интервенцијата во Грузија, која ја засили руската армија во нов правец. Ако ги споредиме буџетите за одбрана во 2004, 2014 и 2024 година запазуваме следен раст (во милијарди долари), 14, 84 и 140. Десеткратен раст, каде дури 7.5 отсто од БДП во 2024 год. е наменет за одбраната. Русија има цел за ангажирање на персонал од 1,5 милиони луѓе во одбраната, која е реформирана, професионализирана и подготвена за воена мобилизација.
Русија во Украина војува индиректно со Западниот империјализам, со ширењето на Европската унија и нејзиното воено крило – НАТО. ЕУ планираше интеграција на Украина во нејзината шарена хегемонија, која бараше стопирање и поништување на економските договори со Русија, каде одредени поволности на Русија се бараше да се укинат. Всушност, и тие се укинаа во 2013 година по што следеше државниот удар во 2014 година каде САД имаше директно влијание. Тоа беше почеток на отворени судири во поразвиениот русофонски дел од Украина и анексија на Крим. Овие судири добија нова димензија во февруари 2022 година кога Русија успеа да освои околу 20 отсто од украинската територија. Борбите продолжуваат затоа што зад отпорот на многукратно послабата украинска армија стојат западните сили, со финансии и логистика.
Едно крило на американскиот империјализам, во ликот на Трамп, се обиде да ги повлече своите канџи и да ги размести поблиску. Венецуела е неговиот прв плен, а веројатно втор ќе биде Куба. Гренланд ионака е негов по воени бази. Доколку Трамп успееше да се повлече од Украина тивко, ќе значеше пораз на американскиот империјализам во Украина. Истовремено тоа ќе беше и удар по германскиот и францускиот империјализам.
Многу е важно да нагласиме дека иако сме против најголемиот демон, САД и нејзината империјалистичка политика, тоа апсолутно не значи дека поддржуваме помал демон, олицетворен во Русија со својот империјализам. Нас секако ќе ни биде мило САД „да си добие по муцката“, но истовремено се згрозуваме од судбината на обичниот народ во Украина.
Она што е јасно е дека американската власт не се откажува од Украина, заедно со поддршката од Германија и другите, но е немоќна да ја одврати Русија. Веќе никој не размислува за тоа дека Русија би ги вратила освоените територии на Украина. Ова по ниту една логика нема да биде победа на САД, ЕУ и слугинската власт на Зеленски. А ако не е победа, тогаш е пораз.
Кога сме кај поразите, војната во Иран некои коментатори во САД ја споредија со срам каков не е виден од поразот во Виетнам. САД и Израел не успеваат во своите иницијални намери, напротив теократскиот режим е посилен, зацврствен индиректно од националното достоинство да не се предаде народот пред омразените Израел и САД макар и со бројните жртви.
За волја на вистината, ова не е прв пораз на американскиот империјализам. Војната во Авганистан против Талибан, која беше огромно трошење финансиски средства за оружје и подмитување, заврши со повлекување пред Талибан. Ако некој ги смета успешните акции на САД тоа може да се каже за Ирак со рушењето на диктаторот Хусеин, но секако дека милионите мртви ирачки деца, појавата на верскиот фундаментализам и мракобесието на Исламската држава, не се баш во корист на тамошните луѓе. Либија е уште потрагичен пример на империјалистичката интервенција за рушење на режими, каде успешното убиство на Гадафи и воената победа на САД и НАТО, донесе само ропство, мизерија, внатрешни поделби на оваа дотогаш убава медитеранска земја.
При анализата на состојбата на американската армија не смее да се извлече само еден податок и од него да направиме цела бајка. Треба да разгледаме тенденции, и тоа децениски. Во прв ред е висината на воениот буџет. Тој расте сразмерно на растот на БДП. Да споредиме две години – 2008 и 2024 , и раст од 655 на 997 милијарди долари со одвојување од 4.2% и 3.4% Во истиот период кинеските одвојувања пораснаа од 60 милијарди на 314 милијарди со скромни одвојувања од 1.9% т.е. 1.7% од БДП. На следниот график е претставен тој споредбен раст , пресметан со поправки од инфлацијата.

Не може, а да не се забележи апсолутната супериорност на финансиите на САД за одбраната во однос на истите на НР Кина. Од овој график јасно се гледа дека САД останува многу поголема воена сила од Кина.
Да го разгледаме бројот на американски војници надвор од САД на постојаните мисии, а не во борбените операции. Движењата се од 253,190 до 176 илјади во 2000, 2010 и 2024 година соодветно. Ако се погледнe бројката на американски војници распределени во странство се забележува тенденција на паѓање, и тоа за околу третина, и тоа е поради повлекување на војниците од базите во Германија, Јужна Кореа, Јапонија, иако пак се зголемени во источното крило на НАТО како и на Пацификот. Значи американската војска и покрај неуспесите е најсилна армија на светот, опремена со најсовремено оружје, кадровски спремна и со голема жива сила. Според тоа може да заклучиме дека САД троши повеќе финансиски средства на нечовечки ресурси, како нови технологии во авијација, дронови, ракети и сл. САД троши и повеќе на плати и пензии за професионалните војници поради ефектот на низок морал. Моралот на американската армија произлегува од моралот на владејачката класа, а тој не е во својот зенит. Напротив, никогаш во поновата историја не постоело толку големо разочарување на младината кон „администрацијата“, како што тие милуваат да се наречат. Оваа елита на богаташи, милијардери и политичари, е опијанета од раскалашениот и перверзен живот, а обичниот Американец е ставен во машинеријата на нестабилност, лош образовен и здравствен систем, кој никако да го реформираат.
Според воениот персонал, САД има околу 1,3 милион војници (активен воен персонал) наспроти 2,03 милиони на Кина, и 1,5 милиони на Русија. Секако дека бројот на персонал не е единствен показател на воената сила, САД имаат помалку , но затоа располагаат со поголем воен буџет, имаат глобална мрежа на бази, најголема флота на носачи на авиони и значително поголем капацитет за употреба на сила низ светот.
Илузијата на мултиполаризмот
Доминацијата на САД како единствена супер сила е завршена. Таа во секој поглед е најголема сила, но според неможноста да ја спроведе хегемонијата насекаде (Украина, Иран, итн) е во релативен пад и е ставена во положба да се натпреварува со други империјалистички сили. Но, во речиси целата историја на капитализмот,имаше повеќе сили кои се натпреваруваа за влијание и хегемонија – светот беше мултиполарен. Фазата во која се наоѓа денешниот свет е исто мултиполарност.
Како ова се одразува на класната свест? Американскиот империјализам изврши бројни смени на власти што не беа по негова волја, изврши бројни убиства, саботажи, соработка со подземјето и други криминални дејства, и конечно, заради економските и политичките интереси се постави против работничкото и народното движење низ целата Земјина топка. Како таков американскиот империјализам стана омразен од класно освестениот работник. Западниот империјализам успева да исцица дури 2 илјади милијарди долари годишно од земјите во развој во вид на исплата само на долгот на основа на камата. Од целиот труд на Земјата дури 90 отсто произлегува од Глобалниот Југ што добива само 21 отсто од приходите.
Во левите кругови кружи мислење дека растот на економиите и воената сила на Кина и Русија, понекогаш и Индија, носи политичка противтежа спрема суперсилата САД. Оваа противтежа би обезбедила, според нив, владеење на меѓународното право и би престанале воените конфликти. Останатите нации би се развивале слободно на светскиот пазар и би се натпреварувале за поголем квалитет на стоките. Ова е официјалната линија на руската и кинеската дипломатија, а на локално ниво и на српската. Претседателот Вучиќ отворено зборува за балансирање меѓу велесилите во мултиполарниот поредок, кој според него би донел поголема маневарска позиција на помалите земји, би ја зголемите геополитичката цена и би извлекле економски и политички придобивки наместо да бидат ограничени од еден доминантен блок. Новоизбраниот претседател на Бугарија, Румен Радев, зазема слични ставови, особено кога станува збор за иницијативата „Појас и пат“ и економското отворање, па дури и стратешко партнерство на Бугарија со НР Кина. Маргинални политички струи на десницата имаат проруски ставови и во Македонија, но растечката парламентарна Левица има официјална политика на мултиполаризам.
За жал, идејата за мултиполарен поредок е поддржана во најголем дел од комунистичкото движење (во Русија, Куба, САД и повеќето КП од Латинска Америка). Единствена значајна комунистичка партија која го отфрла мултиполарниот свет е грчката која традиционално влијае на неколку локални партии. И реформистичките партии заговараат мултиполарност (Подемос, Сириза или Варуфакис, Ди Линке) затоа што сметаат дека влијанието на Русија и Кина е прогресивно. Тие својот аргумент го црпат од повеќе извори: факт е дека кинеската економија расте додека западните економии стагнираат, а Кина е главен глобален инвеститор и гради инфраструктура низ земјите кои се отворени кон нивната економија и дека Кина и Русија како наследник на СССР имаат антиколонијална историја и се пријатели на поробените народи од Глобалниот Југ.
Превидот е во тоа што кинеските инвестиции се поради развојот на пазарот за нивните услуги и добра, изградбата на инфраструктурата е поради потреба на побрз тек на кинеските добра, а во поново време и извоз на производството како нов модус операнди на кинескиот империјализам. Ленин никогаш не напишал дека империјализмот е тепање и насилство. Тој го опишува како највисока точка на развојот на капитализмот, значи на економијата, каде употребата на насилство е нужна за одржување на економската нееднаквост и угнетување на масите во земјите под влијание на странската доминација. Нашите симпатии кон угнетените од Африка и Латинска Америка е за отфралање на доминацијата на американската и европската експлоатација. Знаеме дека антиимперијалистичкиот сентимент на овие народи е исправен. Она во кое се надеваме е да се сфати потребата од разобличување на империјализмот на својата држава односно дека борбата на американската работничка класа против американската елита е најдобар и единствен начин за пораз на империјализмот.
Мултиполаризмот гледа кон Кина и Русија со полуотворени очи, како на држави кои не се агресивни и освојувачки. Многумина се надеваат дека мултиполарниот поредок, каде канџите на САД ќе бидат скратени, е решение за крвавата доминација на САД.
Војната во Украина каде хегемонијата на САД се судира со руските национални интереси може да се разреши со пораз на Русија. Ова би значело пад на Путин и криза во руското општество и враќање на 1990-тите. Не се исклучува и граѓанска војна во земјата со најмногу нуклеарни глави. Работничката класа ќе биде поделена по секташки линии и земјотресот ќе однесе нови жртви. Војната во Украина може и да заврши со пораз на САД, односно повлекување на источното крило на НАТО. Поразот на Америка во Украина, како и во Иран, отворено и јасно ќе покаже дека е можен и друг исход за велесилата што ги надува мускулите и се занесе дека ќе ја казни секоја непослушна сила. Локалните владетели на споменатите земји спроведуваа слугинска политика и ги гушеа локалните движења. Охрабрените маси овојпат посилно ќе пружат отпор. Ова ќе има оддек во антиимперијалистичкото движење низ целиот свет како импулс за продолжување на борбата.
Германската канцеларка Меркел на средбите со Путин во 2007 година изрази подготвеност за соработка и ја разбираше вознемиреноста на руската елита, па вети отстапки за Украина и Грузија. Германскиот империјализам знаеше дека преговорите и поделбата на сферата на влијание е за нив подобар начин на решавање на проблемот на ширењето на доминацијата на САД. Но Германија, поради стратешкото партнерство со САД, мораше да делува поагресивно за ширење на своето влијание кон Исток. Поткрепата што германската владејачка класа преку Олаф и Мерц ја дава на Зеленски е астрономска. И будалеста. Затоа и поразот на американската политика во Украина ќе ги чини главата. Од политичката сцена ќе исчезнат традиционалните германски партии, а повеќе или помалку бран на потреси ќе тресат ред по ред во секоја европска држава.
Во тие услови нема да можат толку лесно да поминат клеветењата на САД и ЕУ како дежурни виновници за неспособноста на локалната елита да осигура напредок. Во Македонија, властите што се изградија врз идеологијата на евроатлански интеграции, ќе мора брзо да го прилагодат својот опортунистички малограѓански пат или да ги снема. Економијата на Македонија е целосно подјаремена на германскиот и ЕУ капиталот. А кризата на европскиот капитализам е неминовна. Ова ќе биде почеток на политичка бура.
Наша цел е да објасниме дека релативниот пад на САД и мултиполарниот поредок нема да донесат стабилност и мир, напротив ќе го продолжат капитализмот во својата агонија, империјализмот ќе продолжи со поинакви ужаси.

