На ден 31 октомври 2026 Народната банка на Србија ја одзеде дозволата за работа на АЛТА Банка во Србија поради значително влошена финансиска состојба и можност за дополнително влошување на финансиската состојба и ликвидноста на банката. Српската Алта Банка е наголемо поврзувана со Српската напредна странка (СНС) и оваа одлука доаѓа веднаш после политичките промени кои се случија на парламентарните избори на 25 октомври, кога СНС ги загуби изборите од Студентската листа. Сопственикот на банката, Давор Мацура, бизнисмен близок до Александар Вучиќ и СНС на 2 ноември 2026 е приведен поради основано сомнение дека нелегално изнел сума од 380 милиони евра од трезорот на банката. Заедно со него приведени се уште двајца вработени во банката кои му помагале нелегално да ги изнесе парите. Дел од обвинувањата кои кружеа во јавноста се дека после избирниот пораз на СНС, големи суми на пари се одлевани од Србија во Македонија преку оваа банка.
Веста за одземање на лиценцата, уште истиот ден доста силно одекна во Македонија, со оглед на фактот дека српската Алта Банка е сопственик на 95% од акциите во локалната Алта Банка АД Битола. Ова е единствената комерцијална банка во државата која има седиште надвор од главниот град Скопје и многу граѓани и правни лица од Битола и околината имаат сметки во оваа банка. Особено треба да се земе предвид фактот дека голем број на пензионери од Битола и битолско примаат пензии преку оваа банка. Сосем очекувано, уште во саботата на 31 октомври, граѓаните започнаа панично да ги повлекуваат своите средства од банкоматите и подружниците во банката и за помалку од еден ден се повлечени над 2 милиони евра!

Контрадикторна реакција на надлежните
Реакцијата на надлежните во Македонија беше доста контрадикторна и неиздржана. Првично, во саботата Народната банка на Македонија излезе со официјален став дека „Одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград не значи автоматско одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ АД Битола, соопштија денеска од Народната банка на Македонија (НБРМ). Од кабинетот на гувернерот Трајко Славески додаваат дека домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Република Северна Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка“[1]. После овој неуспешен обид за гасење на пожарот, кога стана јасно дека граѓаните не веруваат на сувопарни изјави и соопштенија на делегитимираните институции, туку се водат од своето живо искуство, надлежните беа принудени да преземат поостри мерки. Следниот ден на 1 ноември 2026 година, НБРМ воведе своја времена управа во Алта банка во времетраење од 3 месеци со утврдување на неделен лимит од 10.000 денари кои граѓаните што имаат сметки во банката ќе можат да го потрошат. Народната банка нагласи дека сопствениците од Србија сега имаат одреден кус рок да ги понудат акциите на продажба, во спротивно, тоа ќе го направи НБРМ и дека има одреден број на заинтересирани купувачи од земјата и странство.
Секој човек со здрав разум си го поставува прашањето ако „се е под контрола, во согласност со домашните закони“ и „нема опасност за банката во Македонија“ зошто тогаш се воопшто потребни овие мерки? Логиката на нештата вели дека Алта Банка АД Битола не функционира во вакуум и дека ништо не може да биде добро ако доминантниот сопственик оди во стечај во неговата матична земја.
Поради ова, слободно можеме да ја доведеме во прашање и самата одлука за продажба на Стопанска банка Битола на Алта банка во октомври 2025 година. Тоа се случи во контекст на крајно нестабилна ситуација во Република Србија и масовни антивладини протести кои во моментот на продажбата на банката траеа цела година. Како што веќе нагласивме, ништо не се случува во вакуум, па така политичката нестабилност повратно предизвикува и економска нестабилност. Ова само говори во прилог на фактот дека домашната владејачка класа кај нас нема никаква сериозна и долгорочна стратегија при водење и креирање политики и исклучиво се води од ситното профитерство на одредени слоеви на бизнисмени и политичари. Недостатокот на економска оправданост за оваа продажба се гледа и во податокот дека банката во текот на првите девет месеци од 2026 година работеше со огромна загуба од дури 800.000 евра! За истиот тој период во 2025 година банката имаше добивка од речиси 800.000 евра![2] Покрај тоа, банката има голема стапка на лоши и нефункционални кредити, во споредба со другите комерцијални банки.
Отворање стари рани
Оваа ситуација со Алта банка отвори свежи рани кај битолчани (особено повозрасните) кои го имаат горкото искуство на ТАТ од 1997 година каде илјадници штедачи беа измамени со загуби од над 60 милиони денешни евра, што пак резултираше со стотици самоубиства. Иако не може да се направи апсолутна споредба бидејќи штедилницата ТАТ беше класична Понзи шема својствена за раниот периферен капитализам, а АЛТА е регуларна комерцијална банка, сепак шарените лаги на капиталистичката класа и општата нестабилност на капитализмот на периферијата се она што ги поврзува настаните. Во книгата „Каде исчезнаа парите“ на авторката Вера Бужаровска издадена во 1997 година има корисна анализа на развојот и пропаѓањето на ТАТ. Според авторката на книгата за ТАТ, повторно, како во случајот со Алта, како недостаток се истакнува улогата на НБРМ која и во двата случаеви не ги надгледувала средствата и финансиските операции, што е нејзина должност. Ова се поврзува со општиот тренд на дерегулација на економските текови и оставањето на „невидливата рака на слободниот пазар“ да „управува“ со економијата. Дополнително, свежо е сеќавањето на пропаста на Еуростандард банка во 2021 година и пропаста на други банки од независноста навака (Македонска банка).
Од принудните мерки, секако најпогодени се пензионерите. Преку 11.500 пензионери (претежно од битолскиот регион) примаат пензии преку оваа банка, а дури 3.500 од нив немаат платежни картички[3]. Овие пензионери често имаат минимални примања (со кои сега ограничено располагаат) и со истите се принудени да подмират основни трошоци за живот, а многу од нив мораат од својата скромна пензија да купат и разни лекарства кои ги одржуваат во живот. Оваа ионака социјално ранлива категорија е колатерална штета на целата оваа ситуација. Дел од работниците кои земаат плата преку оваа банка, се соочија со потешкотии да примаат плата преку банката. Многу битолски компании праќаа итни мејлови до своите вработени со сметки во Алта банка, да отвораат сметки во други банки како исплатата би течела непречено. Ова создаде огромен хаос и метеж и во другите банкарски подружници и едно општо чувство на тензија и несигурност, како помеѓу пензионерите, така и помеѓу работниците во Битола.
Што некогаш значеше Стопанска банка Битола за нашиот град?
Раѓањето на Стопанска банка Битола е нужно историски врзано со развојот на социјализмот и планската економија кај нас. Банката е формирана во 1948 година како Комунална банка Битола и првично работела на поширокото битолско подрачје. Во 1977 година била конституирана како Стопанска банка – Основна банка Битола со одлука на основачите. Во 1989 година основните банки се соединуваат, а подоцна продолжува да работи како самостојна акционерска банка. Во 2018 година одбележа 70 години, за по неколку години, во периодот 2025-2026 да уследи конечна промена на сопственоста и името. Оваа хронологија на еден краток начин е и хронологија на системската промена низ која поминаа речиси сите субјекти создадени во социјалистичкиот систем: од стабилно фундирани локални субјекти, до стечајна маса со непознат епилог. Јасно е дека банката претставуваше локален бренд и имаше интересен симбол – зелено полжавче – поврзана со секојдневниот локален живот на граѓаните во Битола, а многумина од постарите генерации остануваа трајни клинети – остаток од времиња на поголема стабилност својствени за социјализмот.
Очигледно е дека „ветениот нов систем“ секојдневно се разголува во очите на мнозинството како штетен, нехуман и криминален. Последното горко искуство е веројатно уште една шлаканица за освестување која треба да го покаже патот напред. Тоа е борбата за рушење на старите експлоататорски односи и градење на нов систем каде човекот ќе биде повторно најголемата вредност.
[1] https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-31102026.nspx
[2] https://nezavisen.mk/kako-raboteshe-alta-banka-ad-bitola-zaguba-od-rechisi-800-iljadi-evra-no-i-visok-procent-loshi-krediti/
[3] https://sdk.mk/index.php/makedonija/penzionerite-koi-nemaat-kartichki-od-alta-banka-ke-mozhe-na-shalter-da-podignat-do-20-000-denari-najavuva-narodna-banka/

