Во понеделник на 28.9. во Загреб започна голем штрајк на градските работници и работнички во јавниот превоз, чистотата, одржувањето на зелените површини, изградбата на патишта и другите комунални работи. Причината за штрајкот е истекот на колективниот договор и барањето на работниците за зголемување на основицата на платата и другите материјални права. Штрајкот го зафати градскиот превоз ЗЕТ и некои подружници на Загрепскиот холдинг, трговско друштво во кое спаѓаат Чистоќа, Зрињевац и другите градски фирми.
Одзивот на штрајкот е огромен, па низ градот веќе со денови не возат трамваи и автобуси, не се собира сметот и не се вршат други комунални работи, што е апсолутно незабележано во поновата историја на градот. За ваквата ситуација е виновна пред сè градската власт и управите на градските претпријатија, бидејќи колективните договори (КД) истекоа уште пред летото; во ЗЕТ уште во март, а во Холдингот во мај. Синдикатите веќе кон крајот на март од градот побараа почеток на преговори за нов КД, но градската управа одолговлекуваше, па преговорите започнаа дури на почетокот на јуни. Бидејќи до крајот на август не беше постигнат договор, на 28.8. беше започната постапка за помирување, а потоа на 18.9. беше најавен и штрајкот што започна на 28.9. Според оваа хронологија на настаните, сосема е јасно дека синдикатите и дадоа доволно време на градската власт на Можемо и на СДП и дека ги почитуваа сите чекори во преговорите.
Работниците не можат да чекаат вечно. Возачите, чистачите и другите комунални работници во Загреб се обврзани да бидат на располагање сите седум дена во неделата, на сите празници и неработни денови, во сите три смени, под сите временски услови. И покрај тоа, тие имаат ниски основици (кои се клучни при одење во пензија или подигнување кредит), а добар дел од својата плата го заработуваат преку неоданочени додатоци. Во таа смисла нивното барање за зголемување на основицата е сосема разумно. Синдикатите најпрво бараа покачување од 19 отсто, за потоа да го спуштат на 13 за ЗЕТ и 12 за Холдинг, додека управата нудеше 4,5 отсто. До решение не се дојде, па беше започнат штрајк.
Манипулациите на Можемо!
Реакцијата на градската власт на чело со градоначалникот на Можемо, Томислав Томашевиќ, покажа дека Можемо во решавањето на споровите со работничката класа не се разликува од владеачката ХДЗ. Додека во опозиција на државно ниво ги поддржуваат работничките протести и притоа го прозиваат владеењето на ХДЗ, на власт во Загреб се однесуваат идентично како ХДЗ. Можемо и нивните идеолошки неутрални менаџери на чело на управите на ЗЕТ и Холдинг најпрво во медиумите пласираа манипулативни платни списоци на возачи и чистачи, при што не ја објаснија разликата меѓу основицата и неоданочените додатоци. Јавноста така стекна лажен впечаток дека работниците имаат високи плати и неоправдано се бунат. Синдикатите ова го демантираа, работниците останаа непоколебливи, а Можемо се одлучи за тужба пред суд, практика што во ХДЗ-ова Хрватска се спроведува веќе со години во случај на штрајкови (Croatia Airlines 2016., SDF Žetelice 2018., PZC Varaždin 2019. итн.). Така, жупанискиот суд во Загреб денес го забрани штрајкот и со тоа и асистираше на антиработничката власт на Можемо. Судовите веќе ги кажаа своите аргументи, работниците се вратија на работа, а синдикатите најавуваат жалба.

Томислав Томашевиќ е човек кој својот занает го испече во НВО секторот и освен тоа нема никакви допирни точки со работничката класа. Неговото фотографирање во работниот оддел на Чистоќа од 2023. денес потсетува на театралните популистички пози на Милан Бандиќ. Во овој штрајк кон синдикатите се постави цврсто како Маргарет Тачер, а за време на преговорите од јуни до денес ниту еднаш не се сретна со нив, туку тие работи им ги делегираше на шефовите на управата. А какви се тие луѓе? Шефот на управата на ЗЕТ, Марко Богдановиќ, е човек од бизнис милјето, кој пред ЗЕТ работеше во консултантската фирма Delloite, па потоа во OMV како директор за продажба, а шефот на управата на Холдинг, Иван Новаковиќ, исто така е „искусен менаџер“, кој во Холдинг дојде од приватниот сектор, каде што работеше како консултант. Како што вели старата изрека – „кажи ми со кого се дружиш, па ќе ти кажам кој си“. Ако Можемо во градот на управни позиции поставува вакви луѓе, тогаш не треба да нѐ чуди што кон синдикатите се однесуваат по принципот на влечење јаже. Дополнително, тоа очигледно покажува дека Можемо е најобична лево-либерална, капиталистичка партија.
Малограѓанската хистерија
На градската власт во обесхрабрувањето против штрајкот ѝ се придружија и понекои мејнстрим медиуми, на чело со ноториозниот либерален таблоид Index.hr. Овој портал традиционално ги напаѓа и оцрнува штрајковите (уште од штрајкот на работниците на Уљаник во 2018, штрајкот на просветните работници во 2019. итн.), а ни во случајот на загрепскиот штрајк не остана должен. Index инаку е портал кој примарно го одразува сентиментот и стремежите на фрустрираната ситна буржоазија, која е вечно бесна на државата поради даноците, и вечно љубоморна на работничката класа поради способноста за организирано штрајкување. Иако на тој портал знаат да се разоткриваат разни државни афери, неговиот профил останува темелно сензационалистички и кликбејтовски, а тој пример главно го следат и другите приватни медиуми.
Index го нападна штрајкот со својот расположлив арсенал, а бидејќи во последно време е сè повеќе настроен про-можемо, профилите кои го поддржуваат Можемо и ботови се натрупаа на Index, исто како што инаку прават ХДЗ-овите ботови и сендвичари на подесничарските портали. Така про-можемо фан база на Index и на други места веќе со денови поттикнува галама против загрепскиот штрајк, при што упорно без докази треска дека зад сè стои ХДЗ. И покрај тоа што преговорите започнаа уште на почетокот на јуни пред откривањето на личката еко катастрофа, што ниту еден синдикалист нема врска со ХДЗ, што една од синдикалистките од Чистоќа е членка на Работничкиот фронт, про-можемо фанатиците не се откажуваат од својата теорија на заговор. Ниту огромниот одзив од страна на работниците на штрајкот не пали ламбички во нивните глави, зашто тие мислат дека работниците се заведени пиуни, а не луѓе свесни за своите класно-социјални интереси и права. Иако самите себе се сметаат за пообразовани, поурбани и „попрогресивни“ од десничарите, овие про-можемо фанатици покажаа идентична количина на затупеност и идиотизам.
Вистина е дека синдикалистите на Холдинг и ЗЕТ не беа толку борбени во деновите на власта на Бандиќ, туку против работата на агенцијата, откажувањето на КД и божиќниците се бореа главно преку пократки штрајкови на предупредување и по судски пат. Но тоа повторно не значи дека зад овој штрајк стои ХДЗ, кој под своја контрола нема никаква работничка база што воопшто би можел да мобилизира за штрајк. Нема спор дека ХДЗ и нивните разни десни приврзаници сега уживаат затоа што можат на кратко да ја свртат темата од Лика, но, како што веќе утврдивме, овој штрајк настана затоа што на работниците уште пред летото им истече КД. Впрочем, Загреб не е главен град на некоја република Можемо туку на цела Хрватска. Непостоечкиот јавен превоз, раскопаните патишта и ѓубрето на улиците на метрополата на хрватскиот капитализам не ѝ одговараат на владејачката класа во целина, па така ни на ХДЗ. Исто така, офанзивниот штрајк на загрепските работници би можел лесно да ги поттикне и другите работници во Хрватска, а тоа на владеачката ХДЗ сигурно не ѝ е во интерес. Според тоа, тврдењата дека овој штрајк го организирал ХДЗ се само халуцинации на про-можемо медиумите и фановите без никакво упориште во стварноста.
Следствено, реакцијата на градските власти и медиумската офанзива против штрајкот дадоа поттик за излив на разни малограѓански побуди. Така некои граѓани на последната станица од трамвајските линии ги пцуеја работниците во штрајк и им покажуваа среден прст, една штрајкбрејкерка ја воздигнаа преку медиумите на статус на хероина, фрустрираните читатели пишуваа за „високата плата на возачите“ и ја споредуваа со својата мизерна „факултетска“ плата (наместо да сфатат дека и самите треба да се борат за повисока), а десничарскиот политичар и претприемач Марио Радиќ изјави нечуена економска глупост дека градските работници не ги заработуваат своите пари.
Конечно, медиумски повторно се создаде нетрпеливост меѓу работниците во јавниот и приватниот сектор. Имено, на многу работници во приватниот сектор колективните договори, регресот и другите материјални права им се непознаница, па се гневни кон работниците во јавниот сектор. Таков гнев е сосема погрешен. Не треба работниците во јавниот сектор да се срозат на ниво без колективни договори, туку работниците во приватниот сектор треба да се издигнат на ниво со колективни договори. Ако знаеме дека металската, хемиската, текстилната и многу други индустрии во Хрватска уште немаат грански колективен договор – треба да се бориме за него! Трговијата и градежништвото на пример имаат, но ако основиците и другите права се прениски – треба да се бориме за зголемувања! Во таа смисла штрајкот на работниците во Загреб само покажува насока напред.
Две фракции
Големиот загрепски штрајк предизвика несомнен политички потрес, чиишто амплитуди допрва ќе се чувствуваат. Можемо сега пред многу поширок слој работништво се покажа како лев пандан на ХДЗ, кој во случај на штрајк се служи со истите манипулации и судски тужби.

Денешниот Загреб во кој тајкуните градат деловни облакодери, а работниците штрајкуваат, би бил воедно и слика на утрешната Хрватска ако Можемо и СДП ја преземат власта. На чело на државните претпријатија би поставиле идеолошки неутрални менаџери како овие во Холдинг и ЗЕТ, а со синдикатите би се преговарало по истиот принцип. Работниците во приватниот сектор би останале во голема мера неорганизирани, при што медиумите би ги насочувале против работниците во јавниот сектор. Еколошки катастрофи како Лика веројатно не би имало, но тоа не значи дека не би имало корупциски афери како загрепскиот Хиподром. „За дом спремни“ можеби би го забраниле, но со тоа усташтвото не би стивнало – бидејќи не би имало осетен раст на животниот стандард, десницата би се дигала во воздух дури и од инат. Парите од ЕУ фондовите веројатно би ги влечеле нешто поуспешно, иако тоа се фондови што ги полниме ние самите, работниците на ЕУ, а ни се прикажуваат како великодушни подароци. Главната економска задача би била стабилен кредитен рејтинг, т.е. полесно задолжување кај меѓународните банки.
Сите знаеме дека десниот „суверенизам“ е демагогија затоа што владеат банките и корпорациите, но нели и социјалдемократите и зелените се исто така демагози? Па кој владее во нивниот поредок ако не банките и корпорациите? Тие не се способни да се носат ни со домашните тајкуни, а каде ли пак со крупниот меѓународен капитал? Бидејќи експропријацијата на крупниот капитал (во чиишто џебови се слева огромен фонд на нашето општествено работење) ним не им е опција, јавните буџети се слаби, мерките за штедење се нужни, а штрајковите се на суд. Разликата помеѓу ХДЗ и Можемо всушност е разлика меѓу десната конзервативна и левата либерална фракција на капиталистичкиот поредок.
Во мочуриштето на двете фракции, единствената револуционерна теорија и практика што нуди излез останува марксизмот. Револуционерниот комунистички сојуз е посветен токму на таа задача.

