Граѓаните на Госпиќ во Лика уште во 2019 година почнаа да забележуваат како во градот им пристигнува сè поголем број камиони кои својата финална дестинација ја наоѓаат на земјиштето на поранешниот индустриски комплекс ППК Велебит. Со љубопитност почнаа да испитуваат што се случува и им беше објаснето како во комплексот ќе се воспостави производство на монтажни објекти кои би се правеле од пластика која не е за рециклажа. Но многу брзо стана јасно дека никакви производи не излегуваат надвор од комплексот, туку само камиони со отпад влегуваа. Беше забележано дека отпадот всушност се натрупува во дупки во земјата и се закопува. Т.е. стана јасно дека ова всушност се користи како илегално депонија за отпад. Веќе тогаш некои граѓани доброволно спроведоа анализи на примероци од отпадот и сфатија дека се работи за потенцијално огромно загадување на почвата и водата преку разни соединенија, меѓу другото т.н. PFAS вечни хемикалии. Од фирмата и надлежните институции инсистираа дека не треба да се прави слон од мува и како ситуацијата се преувеличува. Меѓу мај 2022 и април 2024 година на подрачјето на Госпиќ од Италија беа донесени 12.338 тони пластичен отпад. Од Словенија во истиот период пристигнаа дополнителни 1.480 тони, додека дел од отпадот доаѓаше и од Германија т.е. од хрватски фирми. Толку од преувеличувањето.
Што е најлошо, жупаниската власт беше свесна за ова многу рано и во мај 2024 година бараа на фирмата Типос ресурс да ѝ се укине дозволата за управување со отпад. Жупанијата ја укина дозволата на 3 јуни 2024 година, но издаде нова веќе на 12 октомври 2024 година. Потоа инспекцијата за заштита на животната средина повторно побара укинување на дозволата и тоа се случи на 18 февруари 2025 година, пет дена откако првообвинетите сопственици на фирмата Моника и Јосип Шинцек беа уапсени. Јосип Шинцек сега тврди како со поранешниот државен обвинител Микулиќ дискутирал за тоа што всушност се прави со отпадот, но овој му порачал дека, ако проговори за тоа, него и неговото семејство ќе ги стави в затвор и дека не се игра со ‚големите деца’. Како и секогаш, сите, од самата фирма, преку жупаниската власт, па до самата држава беа преку мрежа на корупција поврзани во оваа профитабилна авантура и сега само се трудат да најдат жртвено јагне кое можат да им го понудат на луѓето во Госпиќ на кои во август им прекипе. Колку се Госпиќани бесни покажува изјавата на локалниот активист Анте Франиќ. Тој вели дека граѓаните не им веруваат на тврдењата на Хрватскиот завод за јавно здравје и на министрите кога велат дека нема опасност. „Во Госпиќ се случи нешто што никогаш во 36 години не се случило – луѓето му свиркаа на ХДЗ. Никогаш тоа не се случило. Не свиркаа, тоа беше неподнослива бучава.” Ова ја покажува сериозноста на ситуацијата, незадоволството од владата на ХДЗ доаѓа до екстремни размери во самото јадро на неговата поддршка, а Лика беше токму едно од неговите упоришта со децении.
Нека парламентарните игри започнат!
Кога стана очигледно дека ова нема да биде скриено под тепих само така, сите опозициски партии почнаа да скокаат на приликата. Беше свикана вонредна седница на собранието за крајот на август. Она што им беше заедничко на сите опозициски кампањи е поставувањето на ХДЗ и Пленковиќ како главна мета кои беа видени како главна причина за корупцијата. Далија Орешкиќ рече дека „секој што по сето ова гласа, поддржува или бара оправдување за ХДЗ, или не е бистар ум или совеста не му е чиста”. Од друга страна Миро Буљ ја нарече владата „отпадна мафија” и рече дека е поврзана во системот за отпад кој го спореди со земунскиот клан. „Пленковиќ сето тоа го упакува и направи, го озакони функционира по ова прашање на отпадот како Земунскиот клан”. Големото мнозинство од работничката класа би се согласило дека ни е доста ХДЗ, но мораме да се запрашаме дали само замената на владејачката партија нè води до реална промена. Дали е во прашање само корупцијата на ХДЗ или проблемот е подлабок?
Работата станува појасна кога ќе се осврнеме на барањата кои претседателот Милановиќ ги предложи за гласање во собранието. Накратко можат да бидат сумирани како: итно да се отстрани опасниот отпад, да се утврди политичката и казнената одговорност, на граѓаните да им се обезбедат целосни информации за здравствените и еколошките ризици и институциите да дејствуваат побрзо и потранспарентно. Овие барања можеби изгледаат очигледни и здраворазумски, но во реалноста можеме да ги споредиме со обид да се апелира на алтруизмот и добрите намери на тигарот кој ни скока за врат.
Во својот обид да спаси лице, Пленковиќ контрираше на нападите врз партијата Можеме! зашто тие самите имаат еколошки проблеми во Загреб како случајот Јакушевец. Ова е се разбира само нивниот неискрен обид за оправдување, но сепак укажува на подлабока вистина. Можеме! често го отфрлаат одолговлекувањето во санирањето на проблемот со Јакушевец на тоа дека им е оставен туѓ и претходно создаден проблем со нагласување дека имаат одредени буџетски граници.
На списокот на министерството за заштита на животната средина моментално стојат 5 други приоритетни црни точки во ХР, покрај Госпиќ, и не се наоѓаат само во места каде што владее ХДЗ. Дополнително, Пазин во Истра е една од црните точки, а во Пазин владее Можеме!. Ова одлично илустрира дека не е прашање на намери туку границите кои системот неизбежно ти ги поставува при решавањето на вакви проблеми. Граѓаните од октомври 2019 пријавиле 21 илјада случаи на нелегално одлагање на отпад низ целата земја. Ова се разбира вклучува сè од најмалите случаи, како нелегално одлагање на стар мебел, па до одлагање на тони градежен материјал. Но сигурно е дека вакви локации има низ целата земја, независно од тоа која партија каде владее.
Хрватска, како помалку развиена земја, нема силни компании кои конкурираат на светскиот пазар и акумулираат огромни профити. Во секторот за управување со отпад во ЕУ доминираат софистицирани фирми како францускиот Веолиа (Veolia) и СУЕЗ (SUEZ) или германскиот Ремондис (Remondis). Ако некој во Хрватска сака да се обиде да конкурира на европскиот пазар или дури да им конкурира на странците на свој терен, ќе се потпре на своите најсилни атрибути кои се послаби регулативи и со тоа поевтини трошоци. Еколошки здравото санирање на отпадот е за многумина под притисок на конкуренцијата, во Хрватска, но и во остатокот од ЕУ, преголем трошок. Ова е како успеавме да завршиме како „депонија на Европа”.
Ако сето ова не е доволно, капитализмот денес на светско ниво е во длабока криза: растечката инфлација, протекционизмот, долговите, милитаризацијата и забавувањето на економскиот раст сите ставаат растечки притисок врз државните буџети финансиите да се пренасочат од образованието, здравството, па и еколошкото зачувување. Хрватска не е исклучок во овој процес. Но треба да се нагласи како вакви случаи има низ цела Европа па и во најнапредните земји. Какви било илузии за еколошки освестена Европска Унија и нејзините закони кои би требало да ни помогнат се штетни. Законите на крајот на денот се само „правила” кои тие на власт избираат или не ги избираат да ги спроведуваат зависно од тековните интереси, а на властите во ЕУ секако им е во интерес да имаат вакви депонии каде можат да го извезуваат своето ѓубре и да ја зачуваат околината те политичката стабилност дома.
Протест без политика и идеологии?
Како што ситуацијата се развиваше, граѓанската иницијатива „Госпиќ е нашиот дом” повика на голем протест во Загреб против еколошката девастација во Лика. Од почетокот можеше да се види дека ова ќе биде значаен протест. Во Хрватска последниве неколку години драстично се интензивираше бесот против ХДЗ кој само чека некој канал низ кој може да се изрази. Но подлабоко од тоа, забележливо е ширењето на недостатокот на доверба во сите партии и целиот естаблишмент. Во приближувањето на протестот растеше идејата дека ова не е политички протест и дека претставува нешто што треба да ги обедини сите против ваквата очигледно уништување на нашата природа. Се зборуваше за протест „без идеологии”.
Ваквата „аполитичност” денес е во пораст низ целиот свет. Таа во суштина се разбира не претставува одбивање на тие движења и маси да учествуваат во донесувањето одлуки за политичкиот живот на своите земји, дополнително, самото тоа што се развиваат масовни движења покажува дека желбата на масите за директно донесување одлуки и со тоа учество во политиката расте. Она што всушност го претставува е одбивањето на тековниот политички естаблишмент и политичарите кои се видени како нешто страно и против интересите на мнозинството. Кога обичниот работник/работничка ќе слушнат политика тие помислуваат на Пленковиќ, Милановиќ, собранието и институциите кои ги издаваат со години и се разбира одбиваат да имаат каква било работа со тоа.

Кај значителен слој луѓе се развиваше чувство дека не може да се верува ниту на една партија да ја предводи оваа борба. Ова кај определен слој одеше толку далеку што одбија да дојдат на протестот зашто го видоа само како обид да, поготово левата опозиција преку СДП и Можеме, добие на сопствената популарност. Ова е и причината зошто централната организација на овој протест беше до пред неодамна непозната иницијатива. „Госпиќ е нашиот дом” одби каква било службена афилијација со некоја партија и во нивните барања, слични на оние од Милановиќ, не отидоа подалеку од барањето итно санирање на отпадот и поставување подобра инфраструктура за санирање на слични случаи во земјата.
Не беа подготвени да повикаат ниту на потребата од промена на власта зашто тоа би го ризикувало она што тие го гледаат како „политизирање” на протестот.
Самиот протест кој се случи на 05.09. беше еден од 5 најголемите во историјата на Хрватска. Без да навлегуваме во секундарните дискусии за точниот број на луѓе, протестот сигурно собра неколку десетици илјади луѓе и со тоа може да се смета за многу значаен.
Мораме да се запрашаме дали неговата службена политичка непристрасност беше сила на протестот или негова слабост? По протестот беа присутни две чувства, едното како успеа да ги обедини левите и десните работници те да покаже дека можеме заедно да се бориме за нешто, а второто дека протестот не отиде доволно далеку и нема ништо фундаментално да промени. Овде треба да го нагласиме она што несомнено беше најголемиот успех на протестот. Успеа, по години повторување на чувството како Хрватите не се способни за ништо да се соберат и борат, да го докаже спротивното. Ова само по себе е прогресивно и сигурно има освежувачки ефект врз моралот на работничката класа која полека се буди за нови борби.
Треба исто да се нагласи како овој протест покажа дека старите трикови на поттикнување национализам и антикомунизам слабеат како алатка на владејачките. Индекс објави скриншот од една ватсап група на членови и симпатизери на ХДЗ која наводно покажува како медиумскиот тим на ХДЗ упатил луѓе да ги прогласуваат оние кои го поддржуваат протестот за екстремни левичари, антихрвати, југословени и мразители на сè што е хрватско. Но последниот збор им остана на протестантите кои на ваквото чувство одговорија со исмејување на Томпсон кој, неколку дена претходно на својот концерт во Вуковар, зборуваше како во 1991 бил спречен да оди да се бори во Вуковар, а луѓето сега ги интересираше што го спречило да дојде да протестира за Хрватска денес. Така иронично зборовите на неговата песна станаа антинационалистички мем по протестот: „Ако не знаеш што било, нека ти каже Лика!”.

Некои рекоа дека протестот всушност не обедини луѓе околу нешто значајно зашто прашањето за екологијата и човековото здравје е толку основно што не може да има поделба околу тоа прашање. Десно или лево, ако компирот ти е отруен нема да го јадеш. Ваквото разбирање ја пропушта целата слика. Тоа што овој протест воопшто се случи не може да се сведе само на прашањето за бесот околу аферата во Лика, туку на постепената акумулација на незадоволство од последиците на неуспехот на капитализмот во Хрватска. Последната снегулка која паѓа пред лавината не ја предизвикала лавината колку целата структура снегулки врз која паднала последната.
Се разбира, прашањето за еколошката катастрофа само по себе не е неважно. Низ Балканот еколошките прашања играат улога во развојот на бесот против последиците на капитализмот. Неодамнешната „Фламинго” револуција во Албанија започна околу прашањето за еколошко уништување, а и студентското движење во Србија беше претходено со движење против озлогласената, мултинационална, рударска компанија Рио Тинто и обидот за ископување на литиум. Сите луѓе се разбира ја ценат природната убавина на земјата од која доаѓаат, но на Балканот многумина ја гледаат нашата природна убавина како последна недопрена територија на екстремната корупција и уништување. Единствената убава и чиста работа што ни остана и што уште може да ни даде гордост. Можеби властите ги затворија фабриките, го уништија земјоделството, го осакатија здравството и образованието, но барем ни останаа нашето убаво море, планини, езера и долини.
Во Хрватска каде што туризмот е темел на економијата, тоа зема уште поголемо значење. Сега дојдовме до точка каде корупцијата не го уништува општеството само на индиректни начини, туку директно ни ја труе водата, храната и околината.
Тоа што луѓето се обединија „само” околу екологијата мора да биде набљудувано како дел од подолг процес на развој на работничката свест во кој контрадикциите на системот ѝ покажуваат на работничката класа каде всушност лежат нејзините заеднички интереси т.е. дека е на неа директно да ја преземе власта. Се разбира, не треба да се пренагласува каде во тој процес се наоѓаме. Аферата Госпиќ не ја обедини преку ноќ целосно работничката класа и на протестот дојдоа т.е. отидоа луѓе кои поддржуваат партии од Можеме па до Мост. Но работничката класа нема да се обедини само под влијание на кризата на капитализмот. Она што е и повеќе од потребно за таа обединетост е нејзината сопствена работничка партија која може да артикулира програма околу која можеме да се обединиме. Овде можеме да ја најдеме главната причина за службената „аполитичност” на протестот. Сите постоечки „леви” партии кои би требало да ги претставуваат интересите на работничката класа работат токму спротивно за да бидат „разумни и толерантни” раководители на кризата на капитализмот.
Така СДП и Можеме се пласираат како опции кои нудат хрватски капитализам без корупција, без еколошки катастрофи и други проблеми кои се сведени на политичката партија ХДЗ. Ова е зошто овие партии не можат да понудат некоја поширока политичка програма која ќе го направи протестот посилен и ќе доведе до пошироко единство на работниците. Зашто таквите барања би биле барања за уништување на капитализмот, а не само на ХДЗ.
Тогаш можеме да кажеме дека „аполитичноста” додека значи одбивање на естаблишментските партии и нивното мешање во организацијата на протестот беше негова сила, но недостатокот на јасна политичка програма и план за борба понатаму од протестот е негова слабост.
Хрватска настрешница?
Прашањето кое на сите им се врти во главата е – може ли од ова да се развие некое поголемо движење? Самиот Пленковиќ се обиде да ја смири ситуацијата така што нагласи како ова не е споредливо со падот на настрешницата во Нови Сад, но на мнозинството му е очигледно дека нема голема разлика. Финалниот план за санирање на отпадот кој владата го имплементираше планира одвоз на околу 650 тони отпад во цементарниците во Нашице и Коромачно. Во двете овие места отпадот веќе почна да пристигнува со што се предизвикани помали локални протести кои собраа неколку стотини луѓе. Покрај тоа, луѓето сè повеќе почнаа да ја поврзуваат оваа афера со слични еколошки проблеми како изградбата на мегафарми како онаа планираната во Сиск, која исто така предизвика поголем протест во Загреб неколку месеци порано. Неодамна и во Лудбрег избувна протест против изградбата на уште една мегафарма.
Немаме кристална топка за да можеме да предвидиме точно како ќе се развиваат настаните и дали ова за три, пет или колку години или месеци ќе стане поголемо движење. Она што дефинитивно можеме е да го поврземе овој настан со генералните политички перспективи за Хрватска и светот т.е. да предвидиме во кој правец ќе се развива Хрватска. Капитализмот низ целиот свет влезе во сериозна криза која води кон длабока економска криза, повеќе војни и со тоа политичка нестабилност. Хрватска неизбежно ќе биде заплеткана во таа криза на овој или оној начин т.е. растот на протести и штрајкови е неизбежен. Ова веќе доведува до масовни општествени експлозии од Непал и Индонезија, преку Србија и сега Шпанија и Франција.
Такви експлозии ја чекаат и Хрватска т.е. прашањето за тоа што ќе ги активира не е централно. Може да биде нов развој на оваа афера или нови еколошки катастрофи, но и било што од скандали за избегнување пораз, давање мито, раст на инфлацијата, кратење на јавните услуги или некој друг проблем на хрватскиот капитализам. Она што нам ни е најважно е што е тоа што и треба на работничката класа за во овој процес да победи, а тоа е развој на независна работничка политика.
Омразата кон ХДЗ која станува сè подлабока ја рефлектира растечката омраза кон проблемите на хрватскиот капитализам кои владејачкиот ХДЗ моментално ги персонифицира најјасно, но единствената алтернатива е работничката класа да ја преземе власта и да управува со општеството во интерес на мнозинството. Комунистите во процесот на изградба на таква алтернатива мораат да се постават како нејзин најдалекувидни елемент.
Изградбата на комунистичката партија нема да се случи преку ноќ. Работничката класа ќе мора да помине низ одредени искуства, тестирајќи разни партии и програми во обидот да најде решение за својот проблем. Искуствата кои со текот на времето и нашата работа сè повеќе ќе ја приближуваат кон нашата комунистичка програма. Програма која не планира само да се пресмета со ХДЗ, туку и со целиот капиталистички систем изграден во 90-тите преку мафијашки методи кои длабоката корупција ја ставија во самото ДНК на хрватската држава. Мнозинството луѓе на протестот сосема беа свесни дека од политиката не може да се побегне, но тие сакаат некоја нова политика, политика на работничкото мнозинство. Тоа е токму она што ние го градиме и ако се согласуваш со нас, придружи ни се.

