Кога пред пет месеци започна „Фламинго Револуцијата“, албанските маси тргнаа со јасна намера – протестите да останат мирни. Но, по пет месеци, многу малку беше постигнато. Како што движењето почна да стивнува, премиерот Еди Рама продолжи да ги етикетира демонстрантите како „странски агенти“, во обид да ги дискредитира и деморализира.
Сепак, во последните десетина денови, инспирирани од бунтот во Франција, студентите и младите во Албанија му вдахнаа нов живот на движењето. Тие излегоа на улиците, продолжувајќи со паролите на „Фламинго Револуцијата: „Рама во затвор, [лидерот на опозицијата] Бериша во затвор!“ и „Албанија им припаѓа на Албанците, смрт за предавниците!“
Но, на виделина излезе и уште едно барање: „Албанија сака револуција“.
„Кога младите ќе се разбудат, државата се тресе“
По петмесечни мирни протести претходно оваа година, студентите се вратија на своите кампуси на почетокот на академската година, но таму ги дочекаа истите услови на распаѓање и мрачни перспективи какви што ги оставија.
Тие излегоа на улиците, придружувајќи им се на демонстрантите кои веќе беа таму. Веднаш се соочија со интервентната полиција. Демонстрантите почнаа да вадат камени коцки од поплочените патеки и да ги фрлаат кон полицијата, која возврати со солзавец, водени топови и палки.
Следниот ден, на 14 октомври, зградата на Министерството за образование беше зафатена од пламен. Стотици студенти продолжија да протестираат пред Министерството, при што корнеа огради од околината и ги користеа за блокирање на улиците. Во оваа ескалација, полицијата почна да користи гумени куршуми врз демонстрантите, кои пак возвратија со тули и пиротехника.
Непропорционалното насилство од страна на државата само ја зајакна решеноста на младите. Вирално стана видео на кое се гледа како полицијата влече еден млад студент, додека неговата скршена нога виси во воздух. Но, тоа не се случува – како што тврди Рама – затоа што младите на улиците се „хулигани“ кои бараат тепачка. Овие студенти се исцрпуваа цели пет месеци, извикувајќи барања на мирни протести, но наидоа на глуви уши. Како што вели еден од демонстрантите:
„135 дена протестиравме без маски. Но, кога владата не ни нуди ништо како одговор, што треба ние, како млади, да направиме?“

Движењето се шири
Во текот на изминатата недела, нападнати се уште многу владини згради и полициски станици. Кога се разговара со демонстрантите – од кои многумина имаат само 14 години – се открива дека голем дел од нив дури и не се ученици. На прашањето зошто повеќе не одат на училиште, сите го даваат истиот одговор: која е поентата?
Овие тинејџери видоа што ги чека во образовниот систем во земјата: корупција. Тие се помирија со фактот дека на крајот ќе мора да емигрираат во потрага по подобар живот, па зошто тогаш да губат време на школување?
Затоа, не е ни чудо што протестите се проширија надвор од Тирана и нејзините универзитетски студенти. Многу брзо, средношколците почнаа да ги пробиваат портите на своите училишта, изразувајќи солидарност со универзитетските студенти, бидејќи знаеја дека и нив ги чекаат истите мрачни изгледи.
По само три дена, протестите се проширија надвор од главниот град – во Елбасан, Скадар и Корча. Откако видоа како студентите водат една битка по друга на улиците, професорите и академските работници – за првпат откако започна движењето – им се придружија на студентите.
Илузиите за големината на Рама
Од почетокот на „Фламинго Револуцијата“, Рама прави сè што е во негова моќ за да го дискредитира и деморализира движењето. Тој се надева дека, обвинувајќи ги демонстрантите дека се „странски агенти“ и заплашувајќи ги со брутална репресија за да ги натера на покорност, ќе може да создаде привид дека во Албанија сè е во ред, со цел да не го загрози пристапувањето на земјата кон ЕУ.
Но, извиците на младите на улиците му се враќаат како бумеранг. Рама го користи секое можно средство во обид да ги врати улиците на Албанија во нормала, но ништо од неговиот арсенал не донесе промена. Единственото нешто што би ги тргнало младите од улиците е токму она што албанскиот капитализам не може да си дозволи да им го понуди – иднина. Затоа, наместо тоа, Рама посегна по камшикот на контрареволуцијата.
На 19 октомври, Рама одржа прес-конференција со високи претставници на Државната полиција, на која објави дека, поради „отпорот, жртвата и храброста“ што ги покажале, месечните плати на полицајците во текот на следната година ќе бидат зголемени на 2.500 евра.
Додека демонстрантите ги навредуваат, нарекувајќи ги платеници и „жив штит“ за државата, моралот на полицијата е на критично ниско ниво. Додека Рама зборуваше за огромниот притисок под кој се наоѓа полицијата, камерата ја обиколи просторијата, прикажувајќи службеници со модри oчи и лица покриени со завои.
Сепак, ваквиот одговор само дополнително го разгоре гневот на улиците, особено што обичните Албанци и натаму се соочуваат со едни од најниските плати во цела Европа. Младите сфаќаат дека ова не е знак на сила од страна на државата, туку на слабост. Како што вели еден млад демонстрант:
„Имам прашање за полицијата: дали сте подготвени да ги дадете своите животи за 2.500 евра? Зашто, се колнам во Бога, ние сме подготвени да ги дадеме своите животи за Албанија.“
Главното орудие на демонстрантите се камењата што ги вадат од улиците поплочени со калдрма. Бидејќи на премиерот сè повеќе му снемуваат опции, се чини дека тој е подготвен, во буквална смисла, да ги уништи самите темели на Албанија само за да ги замолчи демонстрантите. Во текот на ноќта, во Тирана беа испратени багери за да ги извадат камењата од улиците, во обид да ги разоружаат студентите.
Но, за секој багер што тој ќе го испрати, се појавува група постари Албанци кои застануваат зад демонстрантите, вадат камења и им ги подаваат на младите, за тие да можат да се борат за својата иднина на барикадите.
Генерацијата З во бунт
Како што видовме со движењата во Франција, насилството насочено кон младите демонстранти предизвика сочувство и гнев кај пошироките слоеви на работничката класа, помагајќи тие да се вклучат во борбата.
Додека сè повеќе млади Албанци завршуваат со скршени екстремитети и се прогонувани по улиците од полициски возила, токму истиот процес се одвива и таму. Како што изјави една постара жена во едно интервју:
„Запалете ја цела Албанија, заедно со полицијата. Ако умрат младите, тогаш ќе умреме и ние со нив. Еди Рама нека си замине веднаш. Бериша нека си замине веднаш. Младите ќе застанат во ред. Новите генерации нека ја преземат државата! […] Тие криминалци! Боже, да умрат сите!“

Режимот на Рама е на колена. За секој камен што тој ќе го отстрани, младите веќе почнаа да подготвуваат стотици молотови коктели. Слабоста на албанската држава веќе не е предмет на дискусија, но прашањето е – што ќе се случи ако Рама навистина падне?
Младите не бараат само пад на Рама; тие сакаат да го урнат целиот политички естаблишмент. И додека продолжуваат да ги пробиваат вратите на парламентот со импровизирани овни за уривање, ова прашање не смее да остане без одговор. Делови од движењето почнаа да ја промовираат идејата за партија предводена од студенти, составена од обични Албанци, црпејќи инспирација од револуциите на „Генерацијата З“ минатото лето.
Нова политичка партија е токму она што е потребно, но таа мора да биде од сосема поинаков вид во споредба со старите партии: револуционерен инструмент за масите, наместо механизам за организиран клиентелизам и корупција.
Таа мора одлучно да се издвои на два начина.
Прво, преку својата програма, која се заснова на раскинување со капитализмот и на обезбедување иднина за младите преку национализација на незаконски стекнатото богатство на империјалистите и нивните поданици – албанската капиталистичка класа.
И второ, преку јасна ориентација кон работничката класа – единствената класа што има интерес да води борба против газдите до самиот крај. Таквата партија мора да ги вклучи работниците во своите редови.
Како што видовме кај студентските лидери во други земји за време на револуциите на „Генерацијата З“, доколку овие движења не успеат да раскинат со системот, стариот естаблишмент располага со многу начини да ги апсорбира во сопствениот апарат – така, историската криза на човештвото уште еднаш се сведува на криза на револуционерното раководство.

