„Разулавени, вандалски орди предводени од арапски и африкански емигранти ги запалија Париз, Марсеј, Ница, Нант, Лион. Забележани се масовни грабежи и уништување насекаде каде што се организирани протести поддржани од екстремната левица во Франција”. Доколку последните десетина денови не сте живееле во некоја изолирана средина, ова се вестите и репортажите од буржоаските медиуми кои најверојатно допреле до вас и до секого. Уште во моментот на појава на првите протестни движења во Франција, а само на неколку месеци пред претстојните претседателски избори, буржоаските претставници преку своите медиуми се заложија овие протести да ги оцрнат и да ја донесат во заблуда целата јавност не само во Франција, туку во Европа па и во целиот свет.
Вистината околу настаните во Франција е многу различна од пласираното во медиумите и изјавеното од политичарите, вистината е дијаметрално спротивна, и најважно вистината веќе се пробива на површината. Да се потсетиме како започнаа овие протестни движења, од каде се прелеаја и што треба да се постигне со нив. Протестите во Франција беа најавени уште со започнувањето на новата школска година, каде учениците и студентите започнаа да го искажуваат своето незадоволство од условите во своите училишта и универзитети. Беа нагласени недостатокот од наставен кадар, полураспаднатите училници и кратењата на буџетот за образование. Можеби првите реакции на учениците и студентите на почетокот на учебната година не наговестуваа ваков расплет на настаните, особено не после првиот протест одржан на 6 октомври. Токму игнорирањето на овој протест од страна на политичарите значително придонесе за повторно организирање и придвижување на претежно млади луѓе, средношколци и студенти на 17 октомври. Овој пат младите добија поддршка од голем број на работници кои го согледаа моментот и во целост ја разбраа пораката. Помеѓу 500 000 и 800 000 луѓе излегоа на протест ширум цела Франција. На протестот се приклучија луѓе од сите профили, од ученици до работници, од родени французи до емигранти, сите заедно застанаа и рекоа доста за кратењата од социјалните трошоци, а пред сè на сметка за зголемување на воениот буџет, стоп на спиралното влошување на условите за живот, стоп за инфлацијата на прехрамбените и другите неопходни за живот производи. Токму револтот од нереалните цени на овие производи, дури и на облеката и технолошките уреди придонесоа за тоа да овие луѓе посегнат по екстремните постапки кои следуваа. Гледавме целосно уништување на јавни згради, како објекти на народни собранија, ограбување и палење на продавници за облека, маркети за храна, нападнати беа и седишта на банки ширум цела Франција. Не е за чудење како овие протести точно ги лоцираа и нападнаа токму најдиректните жаришта на нивните проблеми односно маркетите за храна, продавниците за облека, банките и кредитните друштва. Токму овие настани ги искористија буржоаските власти и нивните медиуми за да ги оцрнат протестите, а со тоа и да ја намалат поддршката која овие протести ја имаат помеѓу населението. Јасно е дека голем дел од ограбената стока од овие продавници се најде на уличните диви пазари за пониски цени, меѓутоа огромен дел од овие производи беа поделени на сиромашните, бездомните и загрозените лица, а токму тоа беше премолчено. Веќе е невозможно да се сокрие лицемерието гледајќи како истите власти воспеваат жалопојки за неколку скршени стаклени излози и ограбени продавници, а од друга страна воопшто не се вознемируваат или превземаат нешто во врска со целокупното општествено пропаѓање и уништување на работничките животи, како и колежот што се одвива од Украина па сè до Палестина.

Како што се случувало и претходно, поддршката на ова движење предводено од средношколците и студентите не замре, напротив веќе зема поголем замав, и ја подигна својата организација на повисоко ниво. Студентите и средношколците јавно ги повикаа сите работници и синдикати на генерален штрајк. Веќе започнаа да се појавуваат и познатите „Жолти елеци”, кои не толку одамна предводеа долги и огромни протестни движења. На протестите веќе се забележуваат револуционерни слогани што недвосмислено повикуваат на разгорување на класната борба.
Неколку недели пред овие настани во Франција, искрата која ги разгори се појави во соседството, поточно во Шпанија.
Една 87 годишна старица беше иселена од станот во една мадриска населба во кој живеела поголемиот дел од својот живот. Причината беше енормно зголемената цена на киријата што Марикармен Абаскал не можеше да си ја дозволи. Газдите на зградата, или поточно инвестициските фондови, едноставно грижејќи се само за својот профит, не чувствувале потреба оваа 87 годишна старица да ја удостојат со мир во како што се покажа нејзините последни моменти од животот. Марикармен најпрво беше иселена од нејзиниот стан како резултат на судска одлука од страна на полициски службеници опремени со комплетна борбена опрема, и беше директно пренесена во болница каде за две недели почина. Паролата „Ова не е природна смрт, ова е убиство” веќе ги исполни улиците на Мадрид.
Во Шпанија, исто како и во поголемиот дел од Европа сведоци сме на енромното зголемување на цените на недвижнините и на кириите. Само во Шпанија имаме над 25 000 иселувања годишно како резултат на високите цени на кириите. Тоа се огромен број на семејства кои непотребно се изложени на стресови и несигурност во врска со нивната иднина. Буџетите на работничките семејства се на сериозен удар, поткрепено со константното покачување на цените на храната, доволен е еден ваков настан за луѓето излезат на улица и да пробаат да ги одбранат своите права. Мирните протести во Мадрид повремено ескалираа и повторно се смируваа, меѓутоа барањата за попристапни цени за домување не стивнаа. Протестите особено се засилија после смртта на Марикармен. Воочувајќи дека овие протести можат да излезат од контрола, владејачката реформистичката „социјалистичка работничка партија” на Педо Санчез побара предвремени избори, мнозинство во новиот владин состав како би можела да ги реши натрупаните проблеми. Меѓутоа протестите продолжуваат, сега опфаќајќи барања за стопирање на уништувањето на животната средина, запирање на војните, прекинување на кратењата од социјалните услуги како што се образованието, здравството и пензиите. Знаејќи дека во „прогресивната” претседателска кампања на Санчез од 2023 година беше ветена изградба на 183 000 социјално пристапни станбени објекти, со што би се подобрила состојбата со домувањето. Изградбата на овие станови доцни, и гледаме колку истите придонесоа до подобрување на состојбата. Јасно е како ден дека овие натрупани проблеми е невозможно да се решат со едноставни реформи и во склоп на капиталистичкиот систем. За да може која и да било влада да ги ограничи цените на кириите и на недвижнините потребно е да донесе редица на непопуларни закони за буржоазијата, која е нивниот главен поддржувач и финансиер. Токму не можноста за спроведување на вакви реформи, и преку истите да се обезбеди подобрување на условите за живот на работникот и нивните семејства, ја разобличува илузијата дека избраните влади се во служба на народот.
Непоколебливоста на шпанските граѓани, нивната поддршка за Марикармен, мобилизацијата после нејзината смрт, и сè уште живото протестно движење совршено ги надополнија и онака веќе созреаните услови во соседната Франција.
И во двете европски земји народот согледувајќи ги условите во кои што живее, предвидувајќи дека состојбата само ќе се влошува, одлучи да го крене гласот, да го изнесе јавно своето незадоволство, да го истури сиот свој гнев на улиците од своите градови, да покаже со уништувањето на јавните простори дека тој, и само тој, народот, е господар на својата судбина. Во случајот на Франција, од страна на владата беа понудени одредени отстапки, меѓутоа истите беа веднаш одбиени, и протестите продолжуваат. Движењето е веќе пренесено и во соседна Белгија, а веќе одамна албанскиот народ се бори против својата капиталистичка класа. Српската револуција продолжува со парламентарните избори на 25 октомври, а дури потоа српскиот работен народ го чека вистинската борба.
Заедничко за сите овие протестни движења е тоа што секое од нив бара делумно, реформско подобрување на условите, преку моментално ублажување на галопирачкото опаѓање на животниот стандард на работничкиот народ, за разлика од сè позабрзаното богатење на највисоките слоеви во капиталистичкото општество.

Сè додека не посведочиме на појава на изворно работничко движење со јасна програма во која домувањето, квалитетната исхрана, здравството и образованието нема да се сметаат за луксуз туку за потреба, ќе мораме да ги гледаме овие протести како се појавуваат и како замираат без некој успех. Меѓутоа неуспешните револуционерни и протестни движења не се јавуваат за џабе, тие го учат работникот за исправниот начин на делување, за добивање и одбрана на своите права. Во моментот кога ќе се појави силен субјективен фактор олицетворен во здрава револуционерна работничка партија која ќе може да ги пренесе своите идеи и програми директно на работникот, тоа ќе биде моментот во кој револуционерните движења ќе почнат да го исполнуваат својот потенцијал. Тогаш ќе бидеме сведоци на успешни револуции една по една, од една држава во друга. Ќе погледнеме зад нас и веќе нема да стојат урнатини на празни зданија – зад нас ќе стојат урнатините на еден систем кој целосно го надмина својот рок на употреба.
Затоа напред кон изградба на работничка партија!
Напред кон изградба на Револуционерниот Комунистички Сојуз!

