Доаѓањето на Доналд Трамп на чело на САД доведе до крах на меѓународниот поредок кој цврсто се држеше уште од крајот на Втората светска војна. Овој поредок, во голем дел, заштитен со НАТО пактот како сојуз на САД и европските империјалистички сили претставуваше столб на доминацијата на западниот империјализам не само на европска туку и на светска почва. Релативниот пад на американскиот империјализам и подемот на Кина која ја предизвикува американската доминација, го натераа Трамп на потегот на повлекување на САД од улогата на светски хегемон за да го насочи вниманието кон заштитата на американските интереси од кинеското влијание во Латинска Америка. Оваа американска надворешна политика ѝ препушта на ЕУ сама да се справува со одбраната на своите економски и политички интереси.
Ваквото редефинирање на односите и воспоставувањето на нов поредок неминовно доведуваат и до преуредување на односите и на Западен Балкан кој повеќе од 30 години беше под контрола на американско-европската спрега која ги обликуваше балканските односи. Ова беше најочигледно во Босна и Херцеговина како една од најкомплексните точки на Балканот. Од потпишувањето на Дејтонскиот договор и крајот на војната 1995 година, САД и ЕУ ја ставија БиХ во состојба на протекторат, а високиот претставник за БиХ како политичка фигура над домашните политички актери. Неговата улога беше да балансира меѓу фракциите на владејачката класа во рамките на БиХ, да гарантира уредување на државата дефинирано со Дејтонскиот договор и на крајот на краиштата да ги штити економските и политичките интереси на западниот империјализам.
Управување со протекторатот БиХ
Сите овие години, САД и ЕУ имаа повеќе или помалку еднакви интереси и визија како да ја одржуваат стабилноста на босанскохерцеговскиот протекторат. Меѓутоа, нарушувањето на американско-европските односи мораше да доведе и до првите политички жртви во БиХ. Таа прва жртва ќе биде токму досегашниот висок претставник Кристијан Шмит.
На почетокот на мај оваа година Шмит поднесе оставка по пет години вршење на мандатот висок претставник. Оваа оставка дојде по неколку месеци медиумско пишување дека американската администрација е незадоволна од неговата работа и дека повеќе нема да му пружа поддршка. Тоа беше јасен сигнал дека новата Трампова администрација во САД нема исто видување за улогата на високиот претставник во БиХ како ЕУ и претходната Бајденова администрација која застана покрај европската владејачка класа.
Дека САД и ЕУ немаат ист став и визија околу понатамошните планови за управување со дејтонската БиХ како свое чедо, покажува и сагата околу изборот на нов висок претставник. Во времето на пишување на овој текст, сè уште нема консензус околу именувањето на нов висок претставник во БиХ. Од една страна, американската администрација го турка италијанскиот дипломат Антонио Занарди Ланди, кого го поддржува и Италија. Од друга страна, Франција и Германија како и другите земји-членки на ЕУ го поддржуваат францускиот дипломат Рене Троказ. Во неможност во неколку наврати да изберат нов управител во БиХ, се дојде до привремено компромисно решение со именување вршител на должноста висок претставник, а оваа улога му припадна на Луис Кришок, досегашен заменик на Кристијан Шмит и супервизор за Брчко Дистрикт кој ја презеде оваа функција на 1 јули.
Јужна интерконекција
Како главна причина за оставката на Шмит и разминувањето во визиите на САД и ЕУ треба да се бара во стратешкиот проект Јужна гасна интерконекција. Дури и Шмит во интервјуата за медиумите по оставката потврди дека Јужната интерконекција и нејзиното уредување се главна причина за американскиот притисок врз него и откажувањето на поддршката за неговиот мандат.
Изградбата на инфраструктурата на Јужната гасна интерконекција во БиХ е еден од главните стратешки проекти и за САД и за ЕУ. Оваа интерконекција треба да ја поврзе Босна и Херцеговина со хрватската гасна мрежа и терминалот за течен природен гас (ЛНГ) на островот Крк. Тој терминал е клучна инфраструктурна точка која ја поддржува ЕУ, а чија цел е намалување на зависноста од руските енергетски извори. БиХ целиот гас го увезува од Русија преку гасовод стар 40 години кој минува низ Србија и Бугарија, по трасата на Турскиот тек. Годишниот увоз изнесува околу 225 милиони кубни метри, според Агенцијата за статистика, а плаќањата кон Гаспром се проценуваат на околу 75 милиони евра годишно. ЕУ има намера да ја прекине зависноста од увоз на руски гас до јануари 2028 година, со што се зголемува притисокот врз државите зависни од руските снабдувачки правци.

Превирањата меѓу САД и ЕУ околу овој гасовод се однесуваат на контролата на самиот проект. САД сака приватната американска компанија ААФС Инфраструктура и Енергија да биде определена како инвеститор и носител на развојот на проектот. Властите на Федерацијата БиХ дури донесоа измени на законот со кои проектот Јужна гасна интерконекција би се спроведувал преку наведената американска компанија која е регистрирана во Сараево во ноември 2025 година. Амбасадата на САД во Сараево јавно го поддржа проектот и организираше средби меѓу босанскохерцеговските функционери и претставниците на оваа компанија.
Инаку според достапните податоци, оваа американска компанија е во сопственост на Џеси Бинар, поранешен член на правниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп, додека потпретседател е Џозеф Флин, брат на поранешниот советник за национална безбедност на САД Мајкл Флин.
За ЕУ е спорно тоа што овој проект би бил во целосна приватна сопственост на американска компанија, а ЕУ би ја прекинала зависноста од рускиот гас само за повторно да зависи од туѓ гас, во овој случај американскиот. Тука е, секако, и прашањето за профитот кој би се слевал на приватните сметки на капиталисти и бизнисмени блиски на Трамп. Дополнително, тука е и прашањето за државниот имот во БиХ кој е невралгична точка меѓу фракциите на владејачката класа во БиХ. Додека Шмит и бошњачките политичари инсистираа носител на проектот да биде државната босанскохерцеговска компанија БХ Гас, хрватската страна, поддржана и од Милорад Додик, инсистира контролата на снабдувањето со гас да биде под компанија со седиште во Мостар. Поради овој став Драган Човиќ, претседател на ХДЗ БиХ, беше под закана од санкции на претходната американска администрација. Измената на законот на Федерацијата БиХ и влегувањето на американската компанија ААФС Инфраструктура и Енергија беше поддржано од страна на Човиќ како заштита на хрватските интереси во БиХ зад кои стои Хрватска.
Свртување на американската политика кон Западен Балкан
Ваквата најнова динамика на американско-европските односи и односите на САД кон БиХ се одраз на свртувањето и промената на досегашната американска надворешна политика кон балканските држави. Според извештајот на Стејт департментот до американскиот Конгрес, американската политика на интервенционизам и изградба на балканските држави е завршена. САД сега на Балканот исклучиво ќе бидат преокупирани со реализација на сопствени економски интереси преку соработка со балканските влади за да се создадат услови за профитирање на американските компании. Документот на Стејт департментот дефинира три главни приоритети на американската политика на Балканот: одржување на регионалната стабилност, зајакнување на економската и енергетската соработка и сузбивање на влијанието на Русија и Кина и на организираниот криминал. Од ова е јасна Трамповата политика кон проектот Јужна гасна интерконекција која не ги зема предвид потребите и интересите на ЕУ туку е исклучиво преокупирана со економската пресметка на Трамп и неговите капиталистички ортаци.
Во оваа светлина треба да се гледа и минатогодишното укинување на санкциите кон Милорад Додик кој од отпадник станува регионален играч на кого може да се потпре американската администрација во одржувањето на стабилноста на БиХ. Додека Додик во последните години беше трн во око и на ЕУ и на Бајденовата администрација како рушител на државата БиХ и Путинов агент, истиот успеа да се одржи како фактор во БиХ и по судската пресуда со која му се забранува вршење на јавни и политички функции. Како што и пишувавме, оваа пресуда дојде по одлуката на Кристијан Шмит да го измени Кривичниот законик за да го отстрани Додик. Повеќе од една година по таа пресуда, Додик е политички жив, додека Шмит е принуден на оставка. Нема сомнение дека лобирањето на Додик за укинување на американските санкции кон него и луѓето блиски на режимот дојде токму преку играње на картата да се овозможи на Трамп и на американските бизнисмени пристап до инфраструктурните и енергетските проекти, а за возврат да му се гарантира на Додик и неговата дружина можност за опстанок на власт.
Империјалистичко пазарење
Со заострувањето на капиталистичката криза зајакнуваат судирите и новите прегрупирања на империјалистичките сили. Стариот поредок на нештата се менува пред наши очи. Во државите на периферниот капитализам, како што е БиХ, воспоставените односи под туторство на империјализмот кои важеле некое време сега се редефинираат. Трамповата политичка визија за американските интереси на прво место не се грижи за дипломатските кодекси и договори кои ги воспоставиле неговите претходници.

Босна и Херцеговина како дел од турбулентниот Балкан, со своето сложено дејтонско уредување, од своето настанување беше терен за пресметување на империјалистичките посредници. Додека се менуваат односите меѓу ЕУ и САД, домашните политичари и владејачката класа се обидуваат да најдат и избалансираат нови сојузи и да се фатат за здолништата на новите империјалистички господари. Целта на ова отсекогаш била иста – да останат на власт и да добијат трошки по распродажбата на земјата и ресурсите на странскиот капитал. Уште еднаш големите приказни за одбрана на суверенитетот и националните интереси се сведуваат на фрази зад кои се наѕира слабата домашна буржоазија која никогаш во историјата не одиграла прогресивна и независна улога во однос на империјалистичките сили. Тие отсекогаш биле пиони на шаховската табла на големите сили.
Историјата ни ја покажува и другата страна. Секое редефинирање на односите на империјалистичките сили носело тектонски нарушувања на општеството. Новите односи носеле војни, но и подеми на класната борба. Балканот како трусно подрачје на вкрстување на интересите на империјализмот повторно може да биде сцена на подем на класната борба. Како и порано, оваа борба може повторно да го обедини балканскиот работен народ во заедничка борба против домашната владејачка класа, а таа борба истовремено мора да биде и против нивните тутори и вистински господари на Балканот – империјалистичките сили, биле тие од Запад или од Исток. Само таква борба може да испише нови страници на историјата на солидарност, економска и културна соработка на балканските народи на повисоко ниво.

