Федерален обвинител од Флорида го обвини водачот на кубанската револуција, Раул Кастро, за заговор за убивање на американски граѓани и убиство. Ова е многу опасна ескалација на Трамп-Рубио кампањата за разбивање на кубанската револуција и мора силно да биде отфрлена од страна на работничкото движење ширум светот. Револуционерната комунистичка интернационала го отфрла ова засилување на американската агресија против Куба. Ние безусловно се залагаме за одбрана на кубанската револуција.
Агресија и уцена
Обвинението против Раул Кастро, за инцидент што се случил пред 30 години, е наменето да испрати многу јасна порака: или ќе се покорите на наредбите на Вашингтон или ќе ве снајде истата судбина како претседателот на Венецуела, Мадуро.
Обвинението против Раул, кое беше поднесено на 23 април, но дури сега е откриено, е најновиот во низата агресивни и застрашувачки акти на империјалистичка уцена од страна на Соединетите Американски Држави од почетокот на годината. Првиот беше поморската блокада на нафтата што ја нареди претседателот Трамп кон крајот на јануари, што ја запре кубанската економија и секојдневниот живот, заканувајќи се со хуманитарна катастрофа. Потоа следеa низа провокативни изјави во кои се наведуваше дека САД ќе го „преземат“ островот.На 1 мај, Марко Рубио објави понатамошни економски санкции врз Куба – заострување на криминалната 60-годишна блокада – што веќе ја наведе канадската рударска мултинационална компанија Шерит Интернешнл да ги прекине врските со Куба. За да се оправда потенцијалната воена акција, Куба е опишана како „засолниште и спонзор на тероризам“, како „закана за националната безбедност на САД“ и дека „планира напади со беспилотни летала врз американска територија“. Ратклиф, директорот на ЦИА, пред една недела ја посети Хавана за да изврши притисок за исполнување на барањата на САД. Сега, ударната група на носачот на авиони „УСС Нимиц“ е префрлена на Карибите.

Ова не се празни закани, туку многу сериозни чекори со единствена цел да се задуши кубанската револуција и да се врати островот под контрола на САД. Ова сценариото е преземено директно од прирачникот за меѓународна дипломатија на Вито Корлеоне: можете или да го направите тоа што ќе ви кажеме, или ќе употребиме воена сила.
Откако беше понижен во Иран, американскиот империјализам сега бара брза и „лесна“ победа во Куба. Уништувањето на кубанската револуција е двопартиска политика на американскиот империјализам уште од 1959 година, а особено откако револуционерната влада го експроприра капиталот.
Скандалозен изговор
Инцидентот за кој Раул Кастро и петмина други се обвинети е соборувањето на два мали авиони кои го нарушиле кубанскиот воздушен простор од страна на кубанските воздухопловни сили. Ова не беше изолиран инцидент, туку кулминација на континуирана кампања на провокации од страна на контрареволуционерната кубанско-американска организација „Брадерс ту д Рескју“. Организацијата ја водеше Хозе Басулто, терорист обучен од ЦИА, кој учествуваше во неуспешната инвазија на Заливот на свињите, финансирана од ЦИА, во 1961 година.
Куба постојано ги предупредуваше американските власти за нарушувањето на кубанскиот воздушен простор. САД беа целосно свесни дека Кубанците повеќе нема да го толерираат тоа, но не вложија никакви напори да ги спречат упадите на терористите кои доаѓаа од американска територија.
САД не се вистински загрижени за изгубени животи пред 30 години. Тие цинично го користат овој случај како изговор за уцена. Замислете само ако некоја странска сила постојано го нарушува американскиот воздушен простор со цел да изврши терористички напади или го повикува населението да се крене против владата. Тие веднаш би биле соборени без никакво претходно предупредување.
Терористи обучени од ЦИА, со седиште во САД, го извршија криминалното бомбардирање на летот на „Кубана де Авијасион“ во 1978 година, што доведе до смрт на 73 лица. САД ги засолнија и заштитија сторителите од кривично гонење.
Во последните неколку месеци, САД извршија напади во меѓународните води на Карибите и Пацификот во кои беа убиени помеѓу 100 и 200 луѓе во вонсудски егзекуции, како дел од кампањата за тероризирање на Колумбија и Венецуела.
Кубанската револуција е во опасност!
Кубанската револуција е во опасност и работничкото движење насекаде мора да ѝ дојде на помош. Потребна е најширока масовна мобилизација низ цела Латинска Америка, во САД, како и во Европа и низ целиот свет. Поразот на кубанската револуција би бил пораз за каузата на угнетените насекаде.
Судбината на кубанската револуција конечно ќе биде решена на арената на интернационалната класна борба и може да биде гарантирана само со револуционерни методи, во Куба и на интернационално ниво.
