Богатата револуционерна историја на југословенските народи е исполнета со бројни настани поврзани со класната борба која во самата суштина од почетокот добивала јавна манифестација за 1 мај, меѓународниот ден на трудот. Иако на југословенските простори класната борба започнала да се манифестира уште од втората половина на 19 век, сепак својата југословенска форма ја добила со формирањето на Комунистичката партија на Југославија во април 1919 под влијание на Октомвриската револуција.
Успехот на КПЈ на парламентарните избори во 1920 година, ги натера властите во Кралството СХС да ја донесат познатата „Обзнана“ во декември 1920 година, со што КПЈ била прогласена за илегална партија. Тоа ја втурна КПЈ да функционира надвор од законот и да пронаоѓа разни форми на организирање на работничкото движење на нашите простори.

Првомајските манифестации во периодот меѓу двете светски војни се појавуваат во разни форми. Имено, од класични демонстрации каде имало судири со жандармеријата, до разни интересни и креативни акции, како таа во Прилеп во 1936 година кога членови на Месниот комитет на КПЈ тајно успеале да развиорат црвено знаме обесено на познатите Маркови Кули на врвот на градот, па целиот град го видел знамето. Исто така позната е велешката првомајска демонстрација во 1937 година, кога била организирана демонстрација пред велешкиот затвор каде во тој момент биле притворени преку 100 комунисти и партиски членови. Пред затворот демонстратите ги пееле „Интернационалата“ и „Марселјезата“, а од затворските простори започнале да се веат разни црвени шамии, знамиња, марами, итн.
Излети за време на Обзнаната
Но, главно, една од најзастапените форми каде и многу често се договарале ваквите акции било организирањето на излети во околините на градовите. На овие излети организирани од локалните партиски раководители се собирало партиското членство, но и работниците. Излетите биле проткаени со пеење на работнички песни, пеење на „Интернационалата“, како и читање на програмата на КПЈ, запознавање со историјатот на револуционерното работничко движење итн.
На излетите доминирала црвената боја преку разни форми, односно се носеле црвени знамиња, букети од црвени цвеќиња, жените носеле црвени марами околу вратовите. Партиските раководители, како организатори на големите излети, разговарале со работниците и ги запознавале со револуционерната идеја, ги пренесувале знаењата за Октомвриската револуција и Советската држава, им ги претставувале марксистичките дела на присутните, а со тоа и придобивале нови симпатизери на револуцијата.

Овие излети биле масовно посетени, како на пример големиот излет во Велешко во 1939 година, организиран преку УРС-овите синдикати, на кој присуствувале 1000 работници. Секако, ваквите масовни настани биле познати и за жандармеријата, која се обидувала да ги забрани. Така, за време на споменатиот излет во Велешко, се појавила жандармерија која веднаш се обидела да го разбие излетот. Тие се обиделе да им ги одземат црвените цвеќиња кои биле носени од напредната младина, но одговорот на младинците бил:
Забранете ѝ на природата да раѓа црвени лалиња!
Излетите често завршувале со поворка од излетиштата кон градовите, како јавна манифестација на револуционерната идеја.
Прогласите за 1 мај, КПЈ ги објавувала преку својот партиски орган „Пролетер“, така во 1931 година, во мајскиот број на „Пролетер“ осамнал првомајски повик, кој вели:
„Денес први мај, работничката класа мора да си го постави себе си прашањето по кој пат таа може и мора да го оствари своето ослободување од капиталистичкото ропство: дали по патот кој го водат предавниците на работничката класа, Јуди Искариотски како Топаловиќи, Кораќи, Станковиќи или по другиот пат, по кој тргна рускиот пролетаријат.
На секој свесен работник треба да му биде јасно, дека единствено другиот пат, патот на Ленин може да доведе до сигурна победа. Тој пат води до соборување на крвавата воено-фашистичка диктатура и создавање на работничко-селанска влада.
А тој пат ни налага на 1 Мај и покрај забраните, да ја прекинеме работата во сите претпријатија, да излеземе на улица, да направиме демонстрација против крвавите кучиња на фашистичката диктатура, против грабежот на работниците и селаните, против националното угнетување, против воените авантуристи.
Нека во сите претпријатија, касарни и села се чуе нашиот повик:
СИТЕ НА УЛИЦА – СИТЕ НА ДЕМОНСТРАЦИЈА СО НАШИТЕ ПАРОЛИ!
ДА ЖИВЕЕ ПРВИ МАЈ, РЕВОЛУЦИОНЕРНИОТ БОРБЕН ДЕН, ДЕНОТ НА МОБИЛИЗАЦИЈА НА СВЕТСКАТА РЕВОЛУЦИЈА ПРОТИВ СВЕТСКИОТ ИМПЕРИЈАЛИЗАМ!
ДА ЖИВЕЕ КОМУНИСТИЧКАТА ИНТЕРНАЦИОНАЛА!“
