Низ историјата, човековите општества воспоставувале морални кодекси според кои живееле, кои исто така претставувале моќна идеолошка сила за одржување на постојниот поредок. Денес, лицемерието на капиталистичкиот морален поредок сѐ повеќе се разоткрива и се доведува во прашање од масите. Во оваа статија, Хелен Бисонет објаснува како се развива моралот, неговата лицемерна природа во класното општество и кризата на буржоаскиот морал денес.
[Овој текст првично е објавен како дел од број 50 на списанието „In Defence of Marxism“ – квартално теоретско списание на Револуционерната комунистичка интернационала.]
„Искрено, овие паразити сами си го бараа.“
Овие зборови ги напишал Луиџи Манџоне, наводниот убиец на извршниот директор на осигурителната компанија Јунајтед Хелткер. Како одговор, американскиот политички естаблишмент ја пласираше, веројатно, најдобрата шега на 2024 година: „насилството никогаш не смее да се користи за решавање политички разлики“.
Во лицемерниот, орвеловски јазик на моќните, ова значи дека треба да разбереме дека војните што ги води американскиот империјализам низ целиот свет не се политичко насилство. Ниту пак геноцидот во Газа, кој целосно е поддржан од американската влада.
За жал на нашите морализаторски лидери, работничката класа не може толку лесно да се измами како што тие мислат.
Некогаш, убиството на еден извршен директор можеби ќе предизвикало сочувство кон жртвата. Но денес, изразено е значително ниво на сочувство кон наводниот убиец. Анкета спроведена во декември 2024 година покажала дека 41 процент од Американците на возраст од 18 до 29 години го сметаат ова убиство за „прифатливо“.
Наместо да се поставува прашањето за моралноста на „ладнокрвното“ убиство, вистинското прашање што многу работници го поставуваат е дали е морално прифатливо да се заработуваат милиони долари од смртта на илјадници луѓе чии осигурителни барања биле одбиени? Одговорот е јасен: „Не!“
Работите се менуваат. Реалноста на животот под капитализмот се менува. Свеста се менува. А со тоа, се менува и моралот.
Што е морал?
Моралот може да се дефинира како збир на правила или начела на човечкото дејствување и општествениот живот. Во училиштата и црквите нè учат дека моралот е вечен и апсолутен, односно ист за секој поединец, насекаде и во секое време.
Сепак, марксистичкото разбирање на моралот го отфрла овој апстрактен пристап. Наместо тоа, го гледа моралот како нешто конкретно, во својата суштина материјално прашање, кое е диктирано од развојот на човечките општества низ историјата.
Нашите идеи за светот не се статични, туку постојано се развиваат. Исто така, моралот се менува и еволуира, како што се менуваат нашите услови и општествени односи.
Денес, насекаде во светот, убиството на бебиња е шокантно и морално одвратно злосторство. Но постојат значителни докази дека инфантицидот бил прифатена практика во многу ловечко-собирачки општества. Слично, поседувањето робови некогаш било сметано за морално прифатливо, па дури и почитувано; денес е забрането во повеќето земји, иако сè уште постои во различни форми.
Ова не се само разлики во мислење меѓу културите, кои случајно избрале да живеат на одреден начин. Овие драстично различни морални гледишта го одразуваат развојот на општеството, а пред сè развојот на производните сили на човештвото.
Голем број зависни деца ја намалувал продуктивноста на мобилните ловечко-собирачки заедници, додека го зголемувал бројот на усти што треба да се нахранат. Во одредени услови, тоа можело да претставува егзистенцијален ризик за целата заедница. Практиката на инфантицид, според тоа, ја одразувала суровоста на животот во време кога нивото на развој на производните сили било исклучително ниско.
Подемот и падот на ропството исто така го одразуваат развојот на економската основа на општеството. Повеќето робови биле заробени во војна или биле сиромашни луѓе кои повеќе не можеле да се издржуваат. Иако паѓањето во ропство се сметало за голема несреќа, сепак често било подобро од единствената алтернатива – смртта. Во исто време, ропството играло суштинска улога во создавањето на голем вишок, врз кој се темелеле достигнувањата на бројни антички цивилизации.
Затоа, за старите Евреи или Грци, човек со многу робови не бил криминалец или експлоататор. Тој (и најчесто бил маж) бил гледан како истакнат член на општеството, благословен со големо домаќинство благодарение на својата храброст, умешност или наклонетоста на боговите.
Дури кога ропството станало излишно и пречка за понатамошен економски развој, масите почнале да му се спротивставуваат. Не е случајно што аболиционизмот станал масовно движење во исто време кога работничката класа – односно слободните наемни работници – брзо се зголемувала поради индустриската револуција. Ова го илустрира она што го објаснил Троцки: „моралот е производ на општествениот развој“.
Владејачките идеи
Едно од најчестите морални правила, кое на многумина им изгледа вечно и природно исправно, е дека не треба да се краде. Во Библијата, ова правило е претставено како буквално да доаѓа од Небото, од вечен авторитет над општеството, преку Десетте заповеди.
Но и ова правило е производ на општествениот развој. Во најголемиот дел од човечката историја, не постоеле приватна сопственост и нееднаквост, без кои самиот концепт на „кражба“ станува бесмислен.
Развојот на земјоделството, пред околу 12.000 години, и растечката способност да се создава вишок, ја обезбедиле материјалната основа за појавата на нееднаквост, приватна сопственост и, на крајот, поделбата на општеството на спротивставени класи.

Новите општествени односи, засновани врз експлоатацијата на мнозинството, природно се одразиле во нов морал на привилегираната класа, која истовремено ги монополизирала и идеолошките институции од тоа време, како што се писменоста, организираната религија и сл. Кога се појавиле вооружените органи на државата, тие веднаш станале заштитници на сопственоста на богатите и чувари на јавниот ред и морал. Така е до денес.
Самото класно општество постојано создава „неморално“ однесување, како кражбата, и истовремено потреба тоа експлицитно да се забрани. Но забраната никогаш не може целосно да го укине неморалното однесување, затоа што тоа е производ на објективни противречности, како што е нееднаквоста. Илјадници години проповедање на оваа заповед не ги спречиле безбројните кражби.
Во „Германската идеологија“, Маркс и Енгелс објаснуваат:
„Идеите на владејачката класа во секоја епоха се владејачки идеи.“
Владејачката класа не би можела да ја одржи својата власт над мнозинството ако се потпира само на гола сила. Потребни ѝ се други средства, пред сè идеолошки, во кои моралот игра клучна улога. Затоа, моралот функционира како алатка во рацете на владејачката класа.
Морална декаденција
Сѐ додека општеството е поделено на експлоататори и експлоатирани, моралот оди рака под рака со лицемерието. Официјалниот морал секогаш тврди дека поставува правила на однесување за целото општество, во име на сите. Но во реалноста, тој ги оправдува и одржува постојните општествени односи и го осудува секое однесување што ги поткопува.
Во суштина, моралот на владејачката класа игра важна улога во одржувањето на општествениот поредок, обидувајќи се да ги обедини спротивставените класи. Тој ја одржува илузијата дека општествената хармонија може да се зачува со апстрактни, универзални принципи. Но тоа е целосно лажно. Моралот на експлоататорите, според тоа, служи да ја замагли и прикрие класната борба, во служба на владејачката класа.
Така, кога феудалната аристократија била владејачка класа, честа и лојалноста биле важни, наводно „универзални“ вредности, што се пропагирале за да се одржи хиерархиски и стабилен феудален систем. Наместо „сите луѓе се раѓаат еднакви“, владетелите барале секој да си го знае своето место во строгата општествена хиерархија, која наводно била определена од самиот Бог.
Дополнително, владејачката класа никогаш вистински не го почитува сопствениот морален кодекс и секогаш го напушта кога нејзините витални интереси се загрозени. Истата Католичка црква што проповедала понизност и благост за мнозинството, без двоумење наредувала масакри на цели градови ако тие западнеле во „ерес“.
Но ако моралот на владејачката класа отсекогаш бил лицемерен, тогаш се поставува прашањето: зошто воопшто масите го прифаќаат? Ако стануваше збор само за пропаганда или сила, тешко дека еден морален систем би можел да се вкорени во свеста на потчинетите со векови. И ова прашање е поврзано со општествениот развој и класната борба.
Кога една владејачка класа го движи општеството напред, кога нејзиниот систем е стабилен и ги развива производните сили, нејзината власт им „има смисла“ на сите класи, дури и на потчинетите. Со тоа, и нејзиниот морален поредок изгледа логичен и неопходен, како заштита од распад на моралот и пад во „животински нагони“.
Затоа феудалниот морал на Католичката црква бил прифатен како исправен од сите, иако различно од различни класи. Кога ќе се откриеле прекршувања на тој морал од страна на владејачката класа, тие се сметале за индивидуални престапи. Во „Пеколот“ на Данте има многу кралеви и папи што го прекршиле христијанскиот морал; во „Рајот“ има луѓе – и благородници и обични – кои го отелотворувале. Со други зборови, лицемерието се сметало за исклучок, а не за суштинска карактеристика на системот.
Но кога начинот на производство ќе ја надмине својата историска улога и општеството ќе влезе во криза, владејачката класа повеќе не може да владее на ист начин. Нејзиниот поредок веќе „нема смисла“, ниту пак нејзиниот морал. Како што објаснува Тед Грант:
„Неморалот не е нешто ново во историјата. Тој обично се појавува во период на распаѓање на стариот општествен систем и премин кон нов. Со губењето на функцијата на старата владејачка класа, пропаѓаат и моралните кодекси поврзани со нејзиното владеење. Во период на транзиција, новиот морал, заснован врз нови производни односи, исто така бара време да се појави.“
Периодот на опаѓање и распад на римското ропство изобилува со примери на морална деградација, особено кај владејачката класа. Под императори како Комод и Каракала, атентати, масовни убиства и разни изопачености станале секојдневие. Во таков контекст, милиони луѓе во Римската империја, барајќи нов систем на вредности, се свртеле кон христијанството до крајот на третиот век.
Иако се појавило како мала еврејска секта, христијанството брзо се ширело меѓу нееврејското население. Делумно тоа било поради силната критика на лицемерието на елитата во евангелијата, како на пример:
„Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери! Зoшто сте како варосани гробови, кои однадвор изгледаат убави, а внатре се полни со коски на мртви луѓе и секаква нечистотија.“ (Матеј 23:27).“
Слично, периодот на Ренесансата во Европа во 15 и 16 век, бил време кога феудалниот поредок бил неповратно разнишан, а неговите морални институции широко сметани за корумпирани. Интензитетот на класната борба се одразил и во моралот на времето. Како што забележал Троцки:
„Корупцијата беше главната карактеристика на италијанската политика. Уметноста на владеење се практикувала во клики и се состоела од нежните уметности на лажење, предавство и криминал.“
Тој истакнува дека Макијавели ја гледал политиката како „шаховска теорема“, без место за морал. Често е претставуван како неморален интригант, но всушност само ги опишувал постапките на владејачката класа. Не е изненадување што неговото дело „Принцот“ било забрането од Ватикан.
Во истиот период, Мартин Лутер ги објавил своите „95 тези“, обвинувајќи ја Црквата за корупција и хипокризија преку продажба на прошка на гревовите (која што му помагала на грешникот да оди во рајот), и за акумулирање на богатство цедејќи ги народните маси.
Она што Мартин Лутер го предложи не беше обнова на стариот средновековен поредок, што беше невозможно, туку суштински нов облик на христијанство: протестантизмот. Тоа доведе до поинаков морален поглед од оној на високото свештенство, подразбирајќи подиректна и индивидуална врска со Божјите зборови, без непотребни посредници. Ова повеќе го одразуваше погледот на растечката класа: буржоазијата.
Буржоазијата можеби била свесна дека дејствува во свој економски интерес кога се борела против Црквата, а исто така и селаните кога се бореле да се ослободат од угнетувањето. Но, масите биле исто така мотивирани од моралниот отпор кон целокупниот расипан поредок, отпор кој одииграл важна улога во низа драматични револуции, како што се Германската селанска војна (1524–1526), Холандската револуција (1568–1648) и Англиската граѓанска војна (1642–1651).
Ова морално негодување е знак на револуционерно вриење во општеството и често е придружено со силна морална непопустливост. Тоа особено се покажало кога во 1789–1793 година Француската револуција го ослободила својот револуционерен терор против Монархијата и Црквата, што го доведе Робеспиер до изјавата:
„Теророт е само брза, строга и непоколеблива правда; тој, тогаш, е израз на доблеста.“
Буржоаскиот морал
Кога буржоазијата ја заменила аристократијата и станала владејачка класа, старите, дискредитирани феудални вредности биле заменети со наводно универзалното владеење на слободата и еднаквоста пред законот.
Но апстрактната и универзална „слобода“ ги прикривала многу конкретните интереси на буржоазијата, која имала потреба од слобода на трговија, слободни пазари и работници кои се целосно слободни да ја продаваат својата работна сила на секој што е подготвен да плати. Овие нови општествени односи неизбежно се одразиле во нов, буржоаски морал.
Во овој контекст, различни буржоаски мислители се обиделе да го рационализираат моралот, отстранувајќи ја неговата религиозна форма. Од овие мислители, Имануел Кант (1724–1804) и Џереми Бентам (1748–1832) веројатно се најпознати и најчесто цитирани денес.
Според „категоричкиот императив“ на Кант, за едно дејство да биде морално добро, треба „да постапуваме само според она правило за кое можеме истовремено да посакаме да стане универзален закон“. Со други зборови, пред да направиме нешто, треба да се запрашаме што би се случило ако сите постапуваат така. Дали тоа би било добро или лошо?
На пример, Кант ни кажува дека свет во кој сите лажат би бил лош, па затоа ниту еден поединец не треба да лаже под никакви околности: целта никогаш не ги оправдува средствата ако средствата самите по себе се неморални.
Од друга страна, „утилитаристичката“ теорија на моралот на Бентам се занимава со последиците од дејството: целта ги оправдува средствата. На тој начин таа е пофлексибилна од категоричкиот императив на Кант.
Според Бентам, утилитаристичкиот морал се заснова на принципот на постигнување на најголема среќа за најголем број луѓе.
Да го земеме, на пример, познатиот проблем со трамвајот. Вие управувате трамвај кој оди кон пруга на која се врзани пет луѓе и сигурно ќе ги убие. Можете активно да интервенирате и да го пренасочите трамвајот на друга пруга, каде што е врзано само едно лице.
Дали да не направите ништо, со образложение дека не сте одговорни за смртта на петтемина бидејќи не сте вие тие што ги врзале? Или да интервенирате и да ги спасите, но притоа да бидете директно одговорни за смртта на едно лице кое инаку би преживеало?
Според утилитаризмот, одговорот е едноставен: ги спасувате петтемина, затоа што тоа носи најголема среќа за најголем број луѓе.
Сепак, и утилитаризмот и категоричкиот императив на Кант страдаат од истата апстрактност во пристапот кон моралот. И двата едноставно го рационализираат новонастанатиот морал на буржоазијата во кодекс што наводно важи за сите луѓе. Со тоа, и двата го произведуваат истото лицемерие што го придружува секој буржоаски морал.
Како што се покажало, позитивните морални принципи што Кант наводно ги извел од својот категорички императив суштински не се разликуватт од либералниот буржоаски морал што се оформувал во Европа во неговото време: почитување на индивидуалната слобода; еднаквост пред законот; рационален и морален развој на сите преку образование.
Името на Кант можеби не се споменува често во вестите, но токму оваа логика ја користат политичарите кога изјавуваат нешто како „насилството никогаш не смее да се користи за решавање политички разлики“. Тоа што овие „апсолутни“ принципи постојано се прекршуваат во секоја земја, особено од страна на државата, не претставува проблем за владејачката класа и нејзините платени поддржувачи во образованието. Важно е што тие можат да ги истакнат овие таканаречени принципи кога сакаат да ја демонстрираат моралната надмоќ на своето владеење.
Утилитаристичкиот аргумент дека некоја политика е „за поголемо добро“ е подеднакво чест, ако не и почест, во денешната политика. Но проблемот е што тој е лишен од конкретна содржина, па затоа едвај претставува теорија. Тој завршува токму таму каде што треба да започне: што навистина значи најголема среќа за најголем број луѓе и како се постигнува тоа?
Како што истакнува Лав Троцки:
„Средството може да се оправда само преку целта. Но и самата цел мора да биде оправдана.“
Еден човек може да го оправда револуционерното насилство во граѓанска војна со тоа што обезбедува победа на револуцијата, што на крај води до поголема среќа. Друг може да го оправда контрареволуционерното насилство со тоа што заштитата на приватната сопственост води до поголема среќа.
И двата аргумента се подеднакво утилитаристички, и во двата случаи оваа „теорија“ не дава одговор кој е во право.
Всушност, со утилитаризмот може да се оправда речиси сè. Овој морал останува целосно одвоен од материјалната реалност и класната борба. Како и кај категоричкиот императив на Кант, тој не успева да ги објасни различните и противречни форми на морал што се појавувале и исчезнувале со различни начини на производство низ историјата. Наместо тоа, како што забележал Карл Маркс за Бентам:
„Со најсувата наивност тој го зема современиот трговец, особено англискиот, како нормален човек. Тоа што е корисно за еден нормален човек, а со тоа и на неговиот свет, е неспорно корисно. Меѓутоа, оваа констатација тој ја употребува за минатото, сегашноста и за иднината“
Оваа „теорија“ е многу корисна за владејачката класа, бидејќи нуди огромна флексибилност, која тие ја користат за да оправдаат империјалистички војни или строги мерки на штедење: да, ќе има страдање, да, моралните правила ќе бидат прекршени, но на крајот тоа е за поголемо добро. Ни се ветува дека демократијата и просперитетот ќе дојдат откако овие политики ќе се реализираат.
Во пракса, владејачката класа редовно користи аргументи од двете, навидум спротивставени теории, во исто време. На пример, американскиот империјализам го утврдува „апсолутното“ право да не се биде изложен на тортура во закон, а истовремено одржува кампови како Гвантанамо Беј, тврдејќи дека тоа „помага во борбата против тероризмот“, со што се спасуваат животи.
Лицемерие
Буржоаскиот морал, според тоа, отсекогаш во својата суштина содржел лицемерие. Но постојат периоди кога длабочината на кризата и интензитетот на класната борба ја принудуваат владејачката класа отворено да се откаже од голем дел од сопствените морални норми. Лав Троцки во 1940 година забележал:
„Ниту една епоха во минатото не била толку сурова, толку немилосрдна, толку цинична како нашата. Политички, моралот воопшто не се подобрил во споредба со стандардите на Ренесансата и на уште подалечни епохи.“
Истото може да се каже и за периодот што се отвора пред нас. Капитализмот е во длабока, историска криза, неспособен да го придвижи општеството напред; стариот политички, дипломатски и морален поредок е сериозно разнишан; класната борба почнува да се заострува; а во исто време, немилосрдноста, цинизмот и лицемерието на владејачката класа се целосно разоткриени. Кризата на капиталистичкиот систем се изразува и како морална криза.
Кога Доналд Трамп вели „Го сакам Гренланд“, тој го изразува вистинскиот поглед на американскиот империјализам, само без софистицираниот дипломатски јазик. Но треба да биде јасно: тој не е ништо повеќе немилосрден или циничен од остатокот на владејачката класа денес.

Либералните влади ширум светот тврдат дека се најголемите бранители на мирот, додека истовремено го вооружуваат и поддржуваат израелскиот режим обвинет за геноцид. И додека редовно го осудуваат бомбардирањето на украинските градови од страна на Русија, па дури го обвинуваат Владимир Путин за „геноцид“, тие не само што го толерираат туку и активно му помагаат на Бенјамин Нетанјаху во бомбардирањето, тортурата и изгладнувањето на стотици илјади Палестинци.
Германската владејачка класа затвора активисти поради извикување пароли во поддршка на Палестина, тврдејќи дека нејзиното нацистичко минато ѝ дава некаква морална надмоќ по прашањето на антисемитизмот. Во исто време, додека си честита себеси што „ги научила лекциите од минатото“, води агресивна кампања за повторно вооружување и наметнува мерки на штедење врз масите со цел да ја зајакне својата империјалистичка доминација во Европа.
Во циничен обид да ги прикријат своите криминални политики на штедење, буржоаските политичари тврдат дека ги бранат домашните работници од имигрантите, жените од транс луѓето и секоја друга група што можат да ја претворат во жртвено јагне.
Но она што е особено значајно е дека ова смрдливо лицемерие на владејачката класа се препознава во масовни размери ширум светот.
Јасен пример за тоа се жестоките напади на империјалистичкиот естаблишмент врз движењето за поддршка на Палестина. И покрај гласните обвинувања за наводен антисемитизам и насилство, движењето за солидарност со Палестина значително порасна од 7 октомври 2023 година наваму.
Милиони луѓе ширум светот ја согледаа вистината зад оваа кампања на оцрнување. Всушност, поддршката на владите за Израел стана главен извор на нивната непопуларност во последните месеци, особено меѓу младите. Сè повеќе луѓе стануваат гневни, згрозени од систем во кој владејачката елита не само што шири насилство и омраза, туку пред сè ги клевети и осудува оние што ѝ се спротивставуваат.
Како што рекол Абрахам Линколн: „Можеш да ги мамиш некои луѓе постојано, и сите луѓе понекогаш. Но не можеш да ги измамиш сите луѓе постојано.“ Моралот, како оружје на владејачката класа, почнува да се претвора во закана за својот господар.
Како што покажува случајот со Луиџи Манџоне, веќе постои одредено отфрлање на официјалниот морал кај значителен дел од масите. Впечатливото движење Блек Лајвс Метер (Black Lives Matter) во 2020 година беше уште еден показател за тоа. Речиси исто толку значајно колку и односот на милиони луѓе кон Манџоне беше фактот дека 54 проценти од Американците сметале дека палењето на полициската станица во Минеаполис било оправдано по убиството на Џорџ Флојд.
Постои широко распространето и растечко чувство дека системот е неправеден и дека сме управувани од себична и лицемерна елита. Тоа е знак дека масите сè помалку ја толерираат власта на буржоазијата, која како класа ја надживеа својата историска улога.
Истото расположение може да се забележи и во феноменот на трампизмот. Со години, „респектабилните“ медиуми, политичари, бизнис-лидери, познати личности и други го осудуваат Трамп не само политички, туку пред сè морално. Тој е опишуван како лажго, измамник, развратник, мизогинист, силувач, расист, предавник, диктатор, па дури и фашист. Накратко: сатана со перика. Политичката анализа е заменета со демонизација. Дури се обидоа да го испратат во затвор и со ужас реагираа на можноста „осуден криминалец“ да стане претседател на САД.
Ниту еден од овие морални напади не успеа значително да му ја намали поддршката на Трамп. Напротив, многу од нив всушност му помогнаа. Причината не е дека 77,3 милиони Американци ентузијастички ги поддржуваат сите негови постапки. Милиони луѓе, вклучително и значителен дел од работничката класа, се свртеа кон него затоа што веруваа дека оние што го гонат се виновни за истите работи за кои го обвинуваат него, и дека цинично ги користат овие морални напади за да ја заштитат својата моќ и привилегии. И имаа добра причина да веруваат во тоа.
Класна борба
Важно е овие процеси да не се гледаат како знак на морална апатија или неморалност кај работничката класа. Напротив, тие се производ на длабоко морално спротиставување насочено кон стариот поредок. Како што веќе видовме низ историјата на класната борба, ова има револуционерни импликации.
Како што се засилува класната борба, моралниот поглед на работничката класа сè повеќе доаѓа во судир со официјалниот морал на владејачката класа. Ова може да се види кога работниците стапуваат во штрајк, при што големите апстрактни принципи на „човечка“ солидарност целосно исчезнуваат и се заменуваат со конкретна работничка солидарност и омраза кон газдите. Постои морал на штрајкувачката линија, кој е многу посилен и подлабоко почувствуван од било каков апстрактен морал, затоа што има јасна класна содржина.
Комунистите се потпираат на највисоката и најјасната форма на оваа пролетерска класна свест. Како што објаснува Лав Троцки, за еден комунист, добро е она што служи да:
„… го обедини револуционерниот пролетаријат, да ги исполни нивните срца со непомирлива омраза кон угнетувањето, да ги научи да ја презираат официјалната моралност и нејзините демократски одгласувачи, да ги исполни со свест за нивната историска мисија, да ја издигне нивната храброст и духот на саможртва во борбата“.
Тоа го води Троцки до заклучокот:
„Проблемите на револуционерниот морал се споени со проблемите на револуционерната стратегија и тактика. Животното искуство на движењето, поткрепено со разјаснување преку теорија, дава правилен одговор на овие прашања.“
Насилство
Едно прашање што често се поставува во овој контекст е: дали марксистите се залагаат за насилство?
Прашањето за насилството често се поставува како апстрактно теоретско прашање. Пацифистите, на пример, се против насилството воопшто, без оглед на контекстот. Тие ја сметаат ненасилноста за морален стандард, задолжителен за сите и во секое време. И реформистичките лидери на работничката класа често ги повторуваат овие аргументи, тврдејќи дека револуционерите се исто толку лоши како и владејачите што сакаат да ги соборат, ако прибегнат кон насилство за да ги постигнат своите цели.
Марксистите, меѓутоа, го разгледуваат светот таков каков што е, а не таков каков што би сакале да биде. А реалноста е дека насилството и војната се дел од темелите на капитализмот.
Капиталистичката класа има многу средства на располагање за борба, како против капиталистите од други земји, така и против работниците од сите земји, како што се пропагандата, дипломатијата и измамата. Но на крајот, кога борбата меѓу нациите и класите достигнува највисок степен, големите историски прашања се решаваат со гола сила.
Затоа се вложуваат огромни средства во полицијата и војската. Во рамките на државата, владејачката класа си присвојува монопол врз насилството, кој морално го оправдува преку црквата, медиумите и образовниот систем.
Сè додека постои капиталистичкиот систем, насилството ќе биде дел од животот. Ние се бориме токму против тоа конкретно насилство. Единствениот заклучок што може да се извлече е дека за да се стави крај на насилството и војната, мора да се укине капитализмот. И во таа револуционерна борба, прашањето за насилството станува конкретно.
На пример, во Судан во 2019 година, огромно и моќно револуционерно движење го собори авторитарниот режим на Омар ал-Башир. Воената хунта што дојде на власт потоа можеше да се одржи само преку брутално насилство.
Во овој контекст, за целите на револуцијата да се остварат, беше неопходно работничката класа и сиромашните да се вооружат за да можат да се борат и да ги поразат нападите на контрареволуционерните „Сили за брза поддршка“. Во конкретна смисла, станува збор за живот или смрт за револуцијата.
Но, ситнобуржоаските лидери на револуцијата, кои ја земале „ненасилноста“ како водечки морален принцип, не сакаа да го направат тоа. Ова ги остави работниците без никаква одбрана, изложени на тепање, силување и убивање од страна на режимот. Овие лидери на крај ја жртвуваа револуцијата на олтарот на пацифизмот. А последиците беа исклучително брутални.
Судан и понатаму е заглавен во крвава граѓанска војна. Ова е резултатот на пацифизмот за суданската работничка класа: доведе до многу поголемо насилство од она „насилство“ што масите би морале да го применат за да го срушат стариот режим и да ги разоружаат контрареволуционерните групи. Всушност, ова е општ историски закон: насилството на контрареволуцијата, насочено кон мнозинството револуционерни работници и селани, секогаш е многу побрутално и пораспространето од „насилството“ на револуцијата, која има задача да разоружа експлоататорско малцинство.
Ова ни покажува дека пацифизмот не е само бескорисен, туку и исклучително опасен за едно револуционерно движење. Марксизмот нема никаква врска со него.
Ние не сме ниту за, ниту против насилството воопшто. Нашата политика се темели на конкретната ситуација. За нас, насилството што го користи угнетувачот за да го држи својот роб во синџири не е исто како насилството што го користи робот за да ги скрши тие синџири. Насилството на државата Израел не е исто како насилството на Палестинците.
Пацифистите, меѓутоа, на крај ги ставаат насилството на угнетените и угнетувачите на исто ниво. До степен до кој ова се сфаќа сериозно, империјалистите можат само да се радуваат.
Тероризам
Ако апстрактно не се противиме на насилството, дали тоа значи дека се залагаме за користење на насилство во сите негови форми, сè додека воопшто е насочено кон уривање на капитализмот?
Не. Ако ослободувањето на човештвото може да се постигне само преку социјалистичка револуција, во која работничката класа ја презема власта и самата го управува општеството, тогаш ефикасни се само оние тактики што ѝ помагаат на работничката класа да стане свесна за својата улога во менувањето на општеството.
Неодамнешниот случај со Луиџи Манџоне предизвика огромна симпатија кај многу млади луѓе кои го сметаат за херој, изнесувајќи на површина огромен класен гнев што постои во САД. Тоа отвори важно прашање: дали атентатите и индивидуалните терористички дејствија се ефикасни средства за уривање на системот?
По сензацијата што ја предизвика атентатот, американскиот капитализам, се разбира, останува недопрен. Извршни директори, политичари и поединци можат да се заменат. И откако ќе бидат заменети, криминалниот здравствен систем ќе продолжи да осудува илјадници луѓе на банкрот и прерана смрт.
Секако, имаме огромно разбирање за оние што го сметаат Манџоне за херој и го осудуваат лицемерниот „правосуден“ систем, кој го брани убиството на илјадници од страна на владејачката класа. Но, иако не изнесуваме апстрактни морални приговори кон наводните постапки на Манџоне и други како него, ја доведуваме во прашање нивната ефикасност.
Она што историјата ни го покажува е дека индивидуалниот тероризам и герилските методи, сами по себе и одвоени од класната борба, имаат тенденција да произведат спротивен ефект од оној што се посакува. Тие ги заменуваат дејствата на мнозинството со дејствата на малцинство, па дури и на поединец. Тие не го зајакнуваат единството ниту нивото на организација на работничката класа. Ниту пак ја зајакнуваат довербата на работниците во нивната способност да го соборат системот.
Овој вид тактики испраќа порака до работниците дека треба да се потпрат на посветени поединци да се борат наместо нив. Тоа е токму спротивната порака од онаа што треба да се пренесе.
Дополнително, овие методи имаат тенденција да го зајакнат репресивниот апарат на државата, која усвојува построги мерки за справување со таканаречените „терористи“. Затоа, на крајот, овие методи придонесуваат за зајакнување на силите на буржоаското насилство, без истовремено да создадат силни организации на работничката класа кои би можеле да им се спротивстават.
Во одредени услови, марксистите би можеле да поддржат индивидуални акти на насилство или саботажа, поврзани со револуционерната борба на работничката класа. На пример, во контекст на револуција и граѓанска војна, атентат врз лидер на фашистичка група или реакционерна армија би бил сосема оправдан. Но, да се направи тоа во отсуство на било какво револуционерно движење може да има спротивен ефект.
Затоа марксистите не можат однапред и апстрактно да кажат кои тактики се или не се дозволени во даден момент. Само живото искуство на работничкото движење во борба, потпомогнато од теоријата, може да даде одговор на тоа прашање.
Револуционерни принципи
Секое револуционерно движење во историјата било напаѓано како крвожедна, неморална закана за општеството, било да станува збор за раните христијани во Римското Царство, работничките чартисти, или пак комунистите повеќе од еден век.
Во 1917 година, руските маси ја презедоа власта под водство на болшевичката партија на Владимир Ленин и Лав Троцки. Болшевиците беа демонизирани. Владејачката класа започна кампања на лаги и клевети со цел морално да ги осуди. Комунистите беа прогонувани ширум светот, а често и масакрирани во име на зачувување на „редот“, „цивилизацијата“ и, секако, „моралот“. Подоцна, ужасите на сталинизмот им дадоа златна можност на капиталистите да го нападнат целиот комунистички проект и дополнително да го оцрнат.
Во 1938 година, Лав Троцки го напишал делото „Нивниот морал и нашиот“, во контекст на последните московски процеси. Илјадници стари болшевици и други биле предмет на лажни обвиненија од страна на сталинистичкиот режим. Многумина биле осудени на смрт бидејќи биле обвинети дека се „троцкисти“ и „фашистички агенти“.
Зошто Троцки пишувал за моралот токму во тоа време?

Затоа што кукавичките ситнобуржоаски интелектуалци, од реформисти до анархисти, одеднаш почнале да повикуваат на големи апстрактни морални принципи за да го осудат комунизмот во целина, кој според нив „станал неморален“.
Ситната буржоазија, фатена помеѓу двете големи антагонистички класи, не е способна за морална и политичка независност. Затоа често завршува како мост за доминантната идеологија на капиталистите во рамките на работничкото движење.
Доволно е да се погледне како многу истакнати „левичари“, исплашени од можноста да бидат обвинети за „антисемитизам“ од страна на естаблишментот поради нивното противење на Израел, не само што го напуштија палестинскиот народ, туку и се приклучија на ловот на вештерки против наводниот „левичарски антисемитизам“.
Во последниве години, владејачката класа има корист од прифаќањето на менталитет на морална чистота кај голем дел од левицата. Се појави опсесија со создавање „безбедни простори“ и со идејата дека секоја левичарска организација кај која може да се открие неморално однесување треба да биде откажана и распуштена. Често повеќе време се троши на проповедање на моралот отколку на борба за нов општествен поредок. Левицата мора да го отфрли овој моралистички ќорсокак ако сака да опстане!
Затоа е апсолутно клучно комунистите да останат цврсти пред идеите што доаѓаат од туѓите класи. Како што забележал Лав Троцки:
„Револуционерниот марксист не може ни да ѝ се приближи на својата историска мисија ако морално не се одвои од буржоаското јавно мислење и неговите агенти во пролетаријатот.“
Насекаде околу нас постои постојан притисок да се покориме на доминантниот морал и „јавното мислење“. Насекаде ни се кажува дека не треба да бидеме толку „екстремни“; дека не треба да регрутираме луѓе во револуционерната партија; дека не треба да бараме средства за финансирање на движењето. Накратко, дека не треба да се осмелиме професионално да се организираме за да го собориме системот.
На крајот на краиштата, наводно живееме во „цивилизирано“ општество со одредени стандарди на однесување. Реформистите целосно се предале на оваа морална илузија, во која тие веруваат повеќе дури и од самата буржоазија!
Поради својот опортунизам, тие ги почитуваат правилата на капиталистичкиот систем и го прифаќаат не само буржоаскиот државен апарат, туку и буржоаскиот морал. Со тоа што срамно го врзуваат работничкото движење за овие лицемерни стандарди, тие го разоружуваат и го доведуваат до пораз во безброј случаи.
Природно е реформистите да сакаат да ги замолчат оние што одбиваат да се придржуваат до нивните правила. Тоа секогаш ќе биде така. Но наша должност е да ги браниме револуционерните принципи. Наша должност е да ги браниме интересите на работничката класа и целосно да го игнорираме мислењето на владејачката класа и ситнобуржоаската „левица“.
Многу е тешко да се издржат овие притисоци ако си осамен. Нашата сила доаѓа од организацијата, од колективната борба и искуството на илјадници марксисти ширум светот. И никогаш немало поголема потреба од таква организација.
Среде сите ужаси и лаги што ги создава капитализмот во опаѓање, се појавува растечко движење за нов облик на општество, ослободено од експлоатација, нееднаквост и лицемерието што ги придружува.
Со моќните зборови на Лав Троцки:
„… да се учествува во ова движење со отворени очи и со силна волја – само тоа може да му даде највисоко морално задоволство на разумно суштество!“
Токму на ова движење комунистите му ги посветуваат своите животи.
