Во Струга, во првите месеци од 2026 година, граѓаните се соочија со сериозна и алармантна криза со водата за пиење, која ја открива длабоката социјална и економска нееднаквост што ја создава капиталистичкиот систем. Водата од градскиот водовод беше прогласена за небезбедна и забранета за пиење поради екстремно висок степен на заматеност, а граѓаните беа оставени сами да се снаоѓаат. Оваа состојба не е изолирана, бидејќи слични проблеми со загадување во претходните години се појавија и во други општини како Струмица, Крива Паланка и Гостивар, а дури и изворите на градот Скопје се под потенцијална идна закана од депонијата на поранешната фабрика „Југохром“.
Ситуацијата во Струга е само сигнал за длабока системска криза која ќе се интензивира, бидејќи нефункционалниот систем на управување со водните ресурси и инфраструктурата во Македонија се раководени од непрофесионален кадар. Во јавните претпријатија задолжени за интегрирање, одржување и контрола на водоводната и канализационата мрежа, вработените честопати се назначуваат според партиска припадност, без соодветно стручно образование или практично искуство, наместо според знаење и квалификации, што директно доведува до ризици како настанатиот.
По појавата на заматената вода, Основното јавно обвинителство отвори истрага, но граѓаните се прашуваат: дали ова е навистина чекор кон правдата или само формален потег за прикривање на класната неправда? Истражните органи се концентрираат на технички детали, додека системот што ја создаде кризата останува недопрен. Обичните луѓе, принудени да живеат без безбедна вода за пиење, се жртви на нееднаквите односи на моќ, каде буржоазијата и политичката елита ја одржуваат својата позиција на грбот на работничката класа.

Заматеноста на водата од изворот „Шум“, кој ги снабдува Струга и околните села, беше главната причина за забраната. Но причината за страдањето на граѓаните не е само природна, туку произлегува од систем што го запоставува јавното добро за да обезбеди профит и комфор за мала група моќници.
По изработката на детален извештај од страна на Градежниот факултет – Скопје, беа посочени сите недостатоци што доведоа до кризна состојба: природни појави, инфраструктурни слабости и индустриски влијанија, како и градежни зафати со недоволна заштита на животната средина.
Подолг период надлежните институции се обидуваа обилните врнежи да ги искористат како оправдување за заматувањето, но при квалитетно изведена инфраструктура (обнова на доводниот систем, таложници и други градежни објекти) не би требало да постои проблем во снабдувањето со питка вода. Старите цевки (изградени во периодот од 1960 до 1970 година) и неодржувањето на водоснабдителниот систем се резултат на децениско неинвестирање во јавните добра. Главната причина за недостатокот на финансиски средства за ревитализација на системите е пренамената на средствата за инвестиции во фонд за исплата на плати на непотребни партиски кадри, кои немаат реален придонес во работата. Ваквиот систем отвора ризик од повторување на хуманитарни кризи на ниво на целата држава.
Сомнежите за надворешно загадување покажуваат колку јавниот систем е ранлив, но фактичката причина е човечкиот фактор. Во непосредна близина на изворот се врши ископ на минерални суровини од страна на приватна компанија, непозната за јавноста, а истовремено во близина се наоѓа депонија која преку подземните води континуирано влијае на квалитетот на водата. Ова ја покажува суштинската слабост на системот: додека јавните претпријатија се неспособни да ја заштитат водата, богатите и моќните елити продолжуваат да профитираат и да се штитат од последиците, оставајќи ја работничката класа сама да се справува со ризиците.
Откако водата од чешмите беше прогласена за небезбедна, граѓаните мораа да најдат алтернативни извори. Многумина купуваат флаширана вода од маркетите, што претставува дополнителен трошок за семејствата, особено за постарите и сиромашните. Дел од жителите се принудени да одат до соседни извори или да бараат алтернативи во околните села. Ова е јасен пример за економска експлоатација, каде основните потреби за живот се претвораат во трошок што го плаќа работничката класа.

Кризата со водата открива класна неправда во најчиста форма. Работничката класа е економски притисната, мора да купува скапа вода и да троши време и енергија за основните потреби, додека богатите и елитите продолжуваат да профитираат од систем што ги остава најсиромашните без заштита. Последиците не се само економски, туку и здравствени и социјални, бидејќи без безбедна и чиста вода секојдневното функционирање е загрозено.
Дополнително, туристичкиот потенцијал на Струга е исто така загрозен. Градот, познат по својата близина до Охридското Езеро, може да претрпи економски загуби доколку проблемот со водата се повторува. Но вистинската загуба ја трпи обичниот човек, кој секојдневно се соочува со несигурност, трошоци и здравствени ризици. Ова е класна катастрофа – резултат на систем што го приоретизира профитот пред животот.
Спасот од ваквите кризи не лежи во козметички реформи, туку во темелна промена на системот. Само општество засновано на заедничка сопственост и демократско управување со ресурсите може да гарантира дека водата и другите основни добра ќе бидат ставени во служба на народот, а не на профитот. Таковото комунистичко уредување е алтернатива што го става човекот пред интересите на капиталот.
Струга и другите градови се само примери на поширока реалност во која системот експлоатира и игнорира, оставајќи ги најсиромашните и најранливите да плаќаат со својот живот и здравје. Кризата со водата е предупредување дека со ваков нефункционален систем, проблемите ќе стануваат сè почести низ Македонија и регионот, а основните права на работничката класа ќе останат загрозени. Единствениот начин да се прекине оваа експлоатација е радикална и колективна акција за поставување на основните права на народот пред интересите на елитите.
