Текстот на англиски прочитајте го тука.
Криминалниот воен упад на САД во Венецуела и киднапирањето на актуелен претседател на држава претставуваат прва практична манифестација на новата Стратегија за национална безбедност на Трамп. Вашингтон е решен да воспостави своја доминација над Западната хемисфера, која ја смета за свој двор, и да ги исфрли од регионот сите „вонхемисферски актери“, пред сè Кина.
Воената операција во Венецуела потоа беше проследена со делириумска прес-конференција на која Трамп и Марко Рубио се фалеа со големината на американската моќ и продолжија со упатување закани кон Колумбија, Мексико и Куба. Во последните неколку часа, Трамп ги повтори своите претходни изјави за Гренланд, за кој рече дека на САД им е потребен „од причини на национална безбедност“, ветувајќи дека ќе го реши тоа „во рок од два месеца“. Ова не се празни закани.
Наркотрговијата – лажен изговор
Да бидеме јасни. Овој чин на дрска воена империјалистичка агресија врз суверена држава немаше апсолутно никаква врска со наркотрговијата, што беше првичниот изговор на Трамп. Сите, а пред сè американските разузнавачки служби, знаат дека фентанилот не доаѓа од Венецуела, дека земјата не е производител на кокаин и дека има само многу мала улога во неговото шверцување. Таканаречениот „Картел де лос Солес“ не постои, а и доколку некогаш постоел, тоа било во врска со операција на ЦИА, спроведена заедно со офицери на венецуелската армија уште во 1990-тите години, многу пред Чавез да дојде на власт.
Воздушните напади врз мали глисери во Карибите и Пацификот во изминатите пет месеци немаа никаква врска со епидемијата на дрога што ги погодува САД, туку имаа сè со империјалистичко заплашување со цел Венецуела да се потчини на диктатите на Вашингтон.
По американската инвазија и киднапирањето на Мадуро, либералите во САД и на други места огорчено се пожалија дека станува збор за нелегална акција – кршење на таканаречениот поредок заснован на правила – и побараа интервенција од ОН и ОАД(организација на американски држави).
Дури и The New York Times објави уводник во кој се спротивстави на дејствијата на Трамп, со образложение дека тие се „нелегални“. The New York Times е особено циничен во овој случај, бидејќи беше откриено дека неговите новинари дознале за нападот однапред, но молчеле за да не се мешаат, што доволно говори за размерите на нивното „противење“ на криминалните и нелегални постапки на Трамп.

Ова е врв на лицемерие. Всушност, „меѓународната легалност“ е само смоквин лист за владеењето на силните. Американските претседатели никогаш не се грижеле за правните финеси и многумина од нив, и републиканци и демократи, го кршеле законот, и американскиот и меѓународниот, за да спроведуваат воена агресија во странство. Кога можат да добијат покритие од ОН за спроведување на своите империјалистички планови, тоа секако им е удобно. Кога не можат, продолжуваат без оглед на тоа.
Ние се спротивставуваме на бруталниот американски напад врз Венецуела и на киднапирањето на Мадуро, но не од легалистичка гледна точка, односно дали тоа би било прифатливо доколку имало одобрување од Конгресот на САД. Се спротивставуваме затоа што ова во суштина претставува чин на империјалистичка агресија, кој им служи на интересите на владејачката класа во Соединетите Држави и е спротивен на интересите на работниците ширум светот.
Киднапирањето на Мадуро, исто така, не претставува отстапување од досегашното однесување на американскиот империјализам. Убиствата на странски шефови на држави, како Лумумба, Аљенде и Гадафи, да спомнеме само неколку, како и соборувањето влади преку воени пучеви, во Куба, Гватемала, Бразил, Доминиканската Република, Иран, Чиле, Аргентина, Парагвај, Боливија, Венецуела, Гренада и многу други земји, се нормални алатки во арсеналот на американскиот империјализам и ЦИА. Претседателот на Панама, Нориега, и претседателот на Хаити, Аристид, беа киднапирани и изнесени од своите земји со американски воени интервенции во 1989 и 2004 година.
Ако воопшто има некаква разлика, таа е во тоа што сегашниот жител на Белата куќа очигледно не се грижи да обезбеди убаво спакувани изговори за американската империјалистичка агресија. Нема збор за човекови права, за правата на жените, за кршење на меѓународното право или на меѓународните граници, со цел да се прикријат вистинските цели на јенки-империјализмот. Трамп не се срами да го каже гласно она што обично се премолчува. На својата делириумска прес-конференција попладнето во саботата, на 3 јануари, тој јасно стави до знаење дека САД директно ќе управуваат со Венецуела и дека венецуелската нафта ќе им биде предадена на американските нафтени мултинационални компании.
Враќање на демократијата?
Што се однесува до демократијата, во самата Стратегија за национална безбедност веќе е наведено дека САД нема да наметнуваат демократско владеење во други земји, туку ќе се грижат исклучиво за тоа дали тие се водени од пријателски влади, односно послушни вазали. Киднапирањето на Мадуро нема никаква врска со тоа дали тој ја украл изборната победа во 2024 година или не. Нема спор дека Петро во Колумбија и Шеинбаум во Мексико победија на слободни и фер избори, а сепак Трамп отворено им се заканува, без никаква основа обвинувајќи ги дека се наркотрговци или дека се под влијание на нарко-картели.
Претседателот Чавез освои не помалку од 19 демократски избори и референдуми меѓу 1998 и 2013 година. Тоа, сепак, не го спречи американскиот империјализам повеќепати да се обиде да го собори, почнувајќи од краткотрајниот пуч во април 2002 година.
Трамп, како и неговите претходници, нема никаков проблем да се дружи со саудискиот престолонаследник принц бин Салман, кој никогаш не се подложил на избори, ниту слободни ниту какви било. Нетанјаху, воен злосторник кој извршил најтешки кршења на човековите права и спроведува геноцидна кампања против Палестинците, беше раскошно пречекан и угостен во Мар-а-Лаго за време на новогодишните прослави, токму кога Трамп ја даде наредбата за напад врз Венецуела.

САД тврдат дека Едмундо Гонзалес, реакционерниот кандидат на венецуелската опозиција кој настапи како замена за Марија Корина Мачадо, победил на претседателските избори во 2024 година и дека, според тоа, тој е легитимниот претседател на земјата. Меѓутоа, на прес-конференцијата одржана на 3 јануари, Трамп практично го „фрли под автобус“ добитникот на Нобеловата награда, изјавувајќи дека Мачадо била „фина дама“, но дека немала доволна поддршка за да ја преземе власта во Венецуела. Потоа Трамп изјави дека Рубио имал долг телефонски разговор со Делси Родригез, тогашната потпретседателка на Венецуела, и дека таа се согласила да направи сè што ќе побараат САД.
Во ова се чини дека американскиот империјализам се обидува да извлече одредени поуки од претходните воени интервенции во странство. Во Ирак и Либија, империјализмот го уништи и обезглави државниот апарат, по што се соочи со целосен колапс на буржоаската власт, со востание во случајот на Ирак и со распад на земјата на завојувани фракции во случајот на Либија. Ништо од ова не создава „деловно пријателска средина“ за работењето на американските мултинационални компании, ниту пак ја обезбедува неопходната стабилност што ја бара американскиот империјализам.
Отфрлајќи ја Мачадо и одлучувајќи да соработува со Родригез, Трамп изгледа ја избрал опцијата да работи преку актерот за кој смета дека гарантира контрола врз вооружените сили, безбедносниот апарат и државните институции, со цел да се спречи лизгање кон граѓанска војна и вооружен бунт.
Одговорот на Венецуела
Делси Родригез сега ја презеде функцијата вршител на должноста претседател на Венецуела и ѝ беше јасно и недвосмислено ставено до знаење дека или ќе се усогласи со плановите на САД, или ќе ја снајде истата судбина како и Мадуро. Вашингтон се однесува како мафијашки „заштитнички“ рекет во својот двор. Плати за заштита, во нафта и ресурси, или во спротивно… Тоа е јасната порака на администрацијата на Трамп, порака што не е насочена само кон Венецуела, туку кон целиот континент.
Со месеци, во американските капиталистички медиуми се појавуваа текстови кои ја прикажуваа Родригез како умерена и разумна фигура, наклонета кон националните и меѓународните деловни кругови, некој со кого САД можат да разговараат. Miami Herald во октомври објави извештај во кој се тврди дека Делси Родригез отпатувала во Катар и понудила договор на Соединетите Држави, според кој Мадуро би се повлекол, а таа би ја предводела преговорите за транзиција на власта.
Денес, многумина во Венецуела си го поставуваат прашањето како беше можно американската операција, која траеше неколку часа, да се спроведе со минимален отпор од страна на венецуелската армија. Воздушната одбрана беше уништена или деактивирана, а руските ПЗРК-системи „Игла“ (преносни ракетни системи земја–воздух), со кои владата се фалеше, очигледно воопшто не беа употребени. Десетици војници од обезбедувањето на Мадуро беа убиени од американските сили, меѓу кои и 32 Кубанци, но освен тоа, отпорот изгледа бил минимален. Ниту еден американски војник не беше убиен, а американските хеликоптери можеа, практично без пречки, да кружат над Каракас подолг временски период. Во моментот на пишување, никој од венецуелското раководство, ниту цивилно ниту воено, не објаснил што точно се случило и како.

Ова доведе до интензивни шпекулации во про-мадуровските кругови во Венецуела дали тој бил предаден. Рубио на прес-конференцијата изјави дека ЦИА имала свој извор во најтесниот круг на Мадуро, кој давал детални информации за неговата локација и движења. Други одат и чекор понатаму, тврдејќи дека Делси Родригез можеби склучила договор со Соединетите Држави.
Нема цврсти докази за оваа теорија, но самото поставување на ваквото прашање е резултат на околностите под кои беше спроведена операцијата против Мадуро: навидум минималниот отпор, молкот на венецуелските власти во текот на неколку часа, како и фактот дека сите пораки што доаѓаа од раководството повикуваа на смиреност, а не на мобилизација или отпор.
По првата седница на Советот на министри на 4 јануари, Делси Родригез упати „порака од Венецуела до светот и до Соединетите Држави“, во која вели:
„Го покануваме американското владино раководство да соработува со нас на агенда на соработка насочена кон заеднички развој, во рамките на меѓународното право, со цел зајакнување на трајниот заеднички соживот.“
Ова е порака на помирување пред лицето на бруталната агресија, а не порака на отпор, каква што таа изгледаше дека ја прифати ден претходно. Пораката дури ни не бара, ниту пак повикува на ослободување на претседателот Мадуро, кој се наоѓа во американски притвор во Њујорк. Според извештаи во американските медиуми, Венецуела исто така побарала од САД повторно да ја отворат својата амбасада во Каракас.
Венецуела има само две можности. Или да му се спротивстави на налетот на американскиот империјализам преку мобилизација на масите работници, селани и сиромашни и да упати апел до масите во Латинска Америка и светот, или целосно да се потчини на диктатите на Вашингтон и да ги предаде своите природни ресурси на целосна експлоатација од страна на САД.
Термидорот на Мадуро
Првата можност би била дејствување на вистинско револуционерно раководство. Проблемот е што, откако Мадуро ја презеде власта пред 12 години, она што го гледаме во Венецуела е постепен, долготраен процес на термидорска контрареволуција. Онаму каде што Чавез ја поттикнуваше директната вклученост на масите во политиката, Мадуро ја задуши таа вклученост преку бирократски методи.
Контролата на работниците е разурната, национализираните компании се приватизирани, селаните се иселени од земјиштето кое беше експроприрано за време на Чавез. Истовремено, колективните договори и работничките права се уништени, борбените синдикалци се затворени, левичарските партии (вклучувајќи ја и Комунистичката партија) го загубија своето изборно регистрирање… многу малку останува од Боливарската Револуција.

Фактот што оваа термидорска контрареволуција цинично е спроведена од бирократијата на Мадуро, под знамето на „социјализам“, „боливаризам“ и „чавизам“, доведе до широко дискредитирање на овие идеи и процес на длабока политичка деморализација меѓу масите на работници и сиромашни.
Во април 2002 година, десетици илјади излегоа против американскиот поддржан пуч против претседателот Чавез. Овој пат, околу 100 луѓе се собраа пред Палатата Мирафлорес.
Американскиот империјализам се чувствува силен, поради тоа што реализирал потенцијално комплицирана операција, и сега е опиен од победата. Но, ако киднапирањето на Мадуро е спроведено без загуби на американската војска (околу 80 луѓе беа убиени од венецуелска страна, вклучувајќи цивили и војници), идејата дека Венецуела ќе се управува директно од САД и дека САД ќе можат да ја исфрлат Кина од Латинска Америка, веројатно ќе се покаже како многу посложена и потешка задача.
Секоја влада во Каракас која ќе се обиде да ги исполни барањата на Трамп за целосно предавање на природните ресурси, на крајот ќе се соочи со отпор од венецуелскиот народ. Постојат длабоки резерви на многу здрав, горд и анти-империјалистички дух меѓу масите во Венецуела и низ цела Латинска Америка. Идејата американските нафтени компании да ја распуштат PDVSA – државната нафтена компанија – и да ги извлекуваат профитите од земјата, ќе биде одбивна за милиони, вклучувајќи и многумина кои не го поддржувале Мадуро.
„Донрова доктрина“?
Што се однесува до борбата против присуството на Кина во Латинска Америка, Трамп ќе се соочи со фактот дека азиската сила сега е прв трговски партнер за цела Јужна Америка и дека воспоставила блиски економски врски со Бразил, Чиле, Аргентина, Еквадор, Перу, Колумбија и други. Трамп донесе решителни мерки за да ги отстрани кинеските интереси од Панамскиот канал, но ќе се соочи со многу потешка задача да го направи истото во Јужна Америка, каде Кина го отвори главното пристаниште Чанскај во Перу и е вклучена во проект за биокеански транспортен коридор што го поврзува со Бразил.
Дури и земјите кои сега се политички усогласени со Трамп – како Аргентина, Боливија, Перу, Еквадор и Чиле – не можат да си дозволат да ги прекинат економските врски со Кина. Дали Соединетите Држави ќе бидат во можност да купат големите количини бакар, соја и месо што овие земји ги продаваат на Кина?
На прес-конференцијата, Трамп зборуваше за враќање на Монровата доктрина, проект што некои го нарекуваат „Донрова“ доктрина. Во Стратегијата за национална безбедност се зборува за „Трампов пандан“ на доктрината од 1823 година. „Америка за Американците“ тогаш беше обид да се држат надвор другите (европски) империјалистички сили од континентот, иако американскиот империјализам сè уште немаше средства тоа да го спроведе. Она што навистина го гледаме, поточно, е обид да се врати Рузвелтовата политика, воведена по морнаричката блокада на Венецуела во 1902-03 година, кога САД си доделија право за воена интервенција во земјите на Латинска Америка.
Ова е рецепт за судири и конфликти, не само со кинеските интереси, туку на крајот и со масите на Латинска Америка, кои малку веројатно ќе прифатат директно американско империјалистичко заплашување без отпор. Доколку некој мислеше дека „мултиполарен свет“, со подемот на Кина и Русија, ќе значи намалување на експлоатацијата на народите на континентот, сега ќе ги види своите илузии уништени. Единствениот пат кон вистинско ослободување од империјализмот е борбата за укинување на капитализмот низ целиот свет, а не геополитички калкулации.

Меѓународно, дејствата на Трамп во Венецуела ќе бидат гледани како зелено светло за други сили – Кина и Русија – да постапуваат исто во своите сфери на влијание. Всушност, тој признава дека САД не можат да ја поразат Русија во Украина, но дека барем треба да бидат во можност да ја наметнат својата доминација на својот континент. И Си Ѓинпинг ќе обрне внимание. Ден пред нападот на Венецуела, кинеска делегација беше во Каракас, потпишувајќи економски договори за соработка. Како одговор на испораката на оружје од САД на Тајван, Кина ја засили воената активност околу островот.
Ние како комунисти, го одбиваме овој последен чин на американска империјалистичка агресија. Ние безусловно застануваме во одбрана на Венецуела. Единствениот ефективен начин да се бори против империјализмот е преку борбата на масите на работничкиот народ, низ Латинска Америка, низ целиот свет, а исто така и во самите Соединети Американски Држави. Капитализмот во својата империјалистичка фаза е систем во криза и систем на војна, насилство и потчинетост. Само со укинување на капиталистичкиот систем можеме да обезбедиме свет на мир и просперитет за мнозинството.
