Мирослав Крлежа е веројатно најголемото име во потесната хрватска книжевност на 20-тиот век. Роден во семејство на професионални работници, Крлежа израснал во малограѓанска средина, а благодарение на богатите роднини му било овозможено елитно образование. Истовремено романтичен уметник и политички активист, аграмерски отпадник и сојузник на работничката класа, младиот Крлежа бил изложен на низа класни контрадикции кои влијаеле врз формирањето на неговата личност и литературен стил. Крлежа рано се зачленил во меѓувоената Комунистичка партија на Југославија, каде со години бил клучен автор на партискиот весник. Во 1939 година се спротивставил на сталинистичкото преземање на Партијата и затоа бил исклучен од членство, поради што Втората светска војна ја поминал далеку од политиката, за по расколот на Тито и Сталин повторно да се профилира и стане еден од водечките интелектуалци на СФРЈ. Веројатно најзначајното наследство на Крлежа е спречувањето на доминацијата на соцреалистичката уметност во повоена Југославија, што овозможи значително ниво на слобода на уметничкото изразување во државата. Оваа комплексна личност била поборник на идеите на слободарскиот комунизам каков што живеел меѓу интелигенцијата на раните комунистички партии, што нужно вклучувало и одреден товар на академска малограѓанштина, во што Крлежа наоѓа уметничка инспирација и што во бројни дела самосвесно го сецира. Оваа преданост на модернистичката уметност и артизам, па дури и на авангардата, видлива е во романот „Враќањето на Филип Латинович“. Овој роман во Хрватска со децении се чита како дел од средношколската лектира, и повеќето училишни анализи го означуваат како модернистички роман на текот на мислата кој нема јасно определен ред и смисла. Со оваа статија ќе му понудиме марксистичка анализа и ќе покажеме дека се работи за многу прецизна анализа на свеста на сопственичките и средните класи.
Филип Латинович е средовечен модернистички сликар од 30-тите години на минатиот век, кој по претрпениот нервен слом се враќа дома, во селото Костањевец во загрепската околина, за да ги истражи сопствените идентитетски сомнежи. Исполнет е со фундаментални контрадикции – ценет уметник, но ја изгубил инспирацијата, и се прашува дали неговата уметност некогаш содржела некакви квалитети. Се приклучил на извесна повисока средна класа, но е прогонуван од малограѓанските кошмари на своето детство. Филип во првиот дел од романот се соочува со своето минато – син е на опортунистичка стручна работничка која по смртта на неговиот татко станала сопственичка на трафика, и целиот живот тежнеела кон класно и морално воздигнување – што е доведено до апсурд со оглед на тоа што се занимавала и со проституција, и сторила прељуба. Филип поради таа причина не е сигурен ниту кој му е татко, и израснал со озборувања посветени на тоа прашање кои му ја уништиле детската самодоверба. Филип како запоставено дете и самиот се предал на пороци, поради што е исфрлен од куќата и така да се каже оставен на улица со 17 години, во лицемерен чин на морална супериорност на неморалната мајка. Тука се наоѓа убава метафора на ситнобуржоаската свест, која тежнее кон богатство, а постои во беда, која тежнее кон морална чистота, а живее во разврат – а подоцна гледаме дека тој разврат е универзален и за повисоките општествени класи.

По доаѓањето во Костањевец јасно е дека мајката на Филип се пензионирала во релативен луксуз, и сега се дружи со припадниците на костањевечката елита – благородници кои тешко се прилагодуваат на модерниот свет. Најновиот љубовник на мајката на Филип е Пречесниот Силвије Лиепах Костањевечки, стар австро-унгарски благородник кој претставува карикатура на конзервативизмот – како и на меланхолијата која го кочи Филип. Овој старец практично живее во минатото, највозвишениот момент во животот му е една вечера во присуство на Царот, а животот го поминал како послушник на австрискиот двор, кој го продал сопствениот народ и држава за унапредување на својата општествена позиција, и сега на стари години блудничи со неблагородничка и живее во долгови. Покрај него седи, најчесто во мир и слога, неговиот внук Тасило племенити Пацек, кој претставува карикатура на либерализмот, и додека се преправа дека има слух за селаните и работничката класа, тој е всушност уште поголем сноб и елитист од стариот Лиепах, при што до израз доаѓа и сопствениот снобизам на Филип, од што на Филип му се гади. Станува јасно дека Филип има силно чувство на супериорност и гадење кон обичните луѓе, селаните и работниците кои ги среќава, за кои смета дека се неуки, практично поблиску до кромањонците отколку до него, а притоа му се гадат елитизмот и снобизмот на повисоките класи, и во сето тоа се гади и на самиот себе. Филип во својот ситнобуржоаски морал себеси се свел на нула, изгубен помеѓу работните и поседувачките класи.
Сепак, враќањето во природата и едноставниот живот го извлекле Филип од состојбата на креативна блокада, но не му пружиле животно задоволство. Автодеструкцијата на Филип продолжува во љубовната врска со осиромашената благородничка Бобочка, која е претставничка на новата генерација ослободени жени од повисоките општествени класи, како и на деструктивните аспекти на либералниот феминизам. Бобочка е жена фатена во стапицата на патријархалната експлоатација – слично како што ситната буржоазија се експлоатира самата себе – таа го искористува поседувачкиот однос на мажот кон жената каков што постои во феудалните и капиталистичките општества, за да си обезбеди сопствена егзистенција. Двапати разведена, Бобочка е магнет за мажи спремни да се откажат од малограѓанските морални илузии, но не и од гнилите класни перспективи. Таа живее со љубовник, или вдомен скитник, зависно од гледиштето, Владимир Балочански, кој некогаш бил успешен адвокат, но е уништен од контрадикциите на ситнобуржоаската класна позиција – тој живот, како и сопственото семејство, го отфрлил за да се ослободи од моралните окови и да стане хедонист, притоа завршувајќи во лудници и затвори се додека Бобочка не го примила под свој покрив. Балочански овде ја претставува можната судбина на Филип како припадник на повисоката средна класа со ситнобуржоаска свест, изложен на неразрешливи класни контрадикции кои човекот го доведуваат до лудило.
Независно од Балочански, како и од Филип, во орбитата на Бобочка постојат низа други пријатели и љубовници, а еден од нив е и д-р Сергеј Кирилович Киријалес, руски научник кој според сопствените тврдења ги изучил практично сите домени на човековата дејност, и преку тој процес утврдил дека во суштина ништо во универзумот нема смисла. Самопрогласен дијалектичар, Киријалес всушност континуирано останува во доменот на формалната логика, претставувајќи типична свест на либералната академија, како и најдлабоките сомнежи на Филип во самиот себе и своето умеење. Киријалес по внимателно проучување утврдил дека уметноста како таква нема никаква смисла бидејќи едноставно произлегува од вулгарната материја и вечното копирање на различни ретки гении. Затоа, Киријалес со Филип влегува во низа псевдоинтелектуални, софистички дискусии на двајца академици кои со реторика го прикриваат недостатокот на суштина. Под лушпата на супериорноста и привидната ментална бистрина, Киријалес е скршен човек исполнет со сомнежи, во длабока депресија, кому всушност му е сеедно дали е жив или мртов, поради што на крајот извршува самоубиство, за што размислуваат и Филип и Балочански.
Смртта на Киријалес предизвикува ескалација на автодеструкцијата на главните ликови – Бобочка одлучува да побегне од сопствениот живот со заминување во странство, што Балочански го доведува до лудило, а Филип го доведува до ескалација на сите сомнежи и тешкотии, и на крајот Филип е принуден да се соочи со вистината за своето потекло – тој е вонбрачен син на благородникот Лиепах – но сеедно не знае ни кој е ни каде оди во животот, и тука приказната завршува со убиството на Бобочка од страна на Балочански за да го спречи нејзиното заминување.
Сè на сè, Костањевец е прикажан како место на стагнација и умирање на едно време и еден општествен поредок, место на несмрт каде мртовците (случајно вклучувајќи го самоубиствениот австроунгарски престолонаследник) стануваат од гробовите, а живите животарат како да се мртви, чекајќи физичката состојба да се поистовети со менталната. Постепеното пропаѓање – психичко, физичко, морално – токму тоа е она што ги поврзува сите главни ликови во овој роман, средовечни или остарени луѓе заглавени во класни контрадикции, отуѓени од ритамот на историјата. Заклучокот што можеме да го исчитаме меѓу густите редови на реченици на Крлежа е тој дека повисоките класи се прегазени од времето. Во времето на пишување на романот тоа најочигледно било видливо во псевдо-феудалните редови на аристократијата и ситната буржоазија, но слично се пишува и за ретките капиталисти кои се појавуваат или се спомнуваат, и ги следат истите распаѓачки обрасци на овие феудални класи. Крлежа ни порачува – времето на класното општество е на умирање, а пред нас е раѓањето на ново општество на динамика и прогрес наспроти распадот и стагнацијата.
