На 14 мај оваа година, осамна уште една вест за фемицид во Македонија. Овој пат стануваше збор за убиство со ладно оружје на 31-годишната Ајнет Вејсел, мајка на четири деца, од страна на сопругот, со кого не живееле заедно. Убиството се случи во населбата Баир, каде во најголем дел живее ромското население во градот Битола. Овој фемицид е уште еден во густата низа. Во изминатите месеци претходеа потресните случаи: мајката Ивана и ќерката Катја од Скопје (жртвата и нејзините блиски десетици пати го пријавувале насилниот сопруг, но работата на институциите фатално затаила); Росица Коцева од Велес (убиена заедно со нејзиниот татко, од страна на поранешниот партнер кој сметал дека има право да ја поседува); 36-годишната Рамајана Асан, во Шуто Оризари – брутално убиена од партнерот во присуство на нејзиното 5-годишно дете, и покрај тоа што во повеќе наврати го пријавувала насилството во институциите.

Со оглед на тоа дека државата не води посебна, официјална евиденција за бројот на случаи кои би можеле да се карактеризираат како фемицид, според податоците водени од граѓански организации, во периодот од 2008 до 2020 година вкупно се убиени 96 жени, од кои се смета дека најмалку 50 случаи се фемицид. Овој вид на насилство претставува родово засновано убиство на жени од страна на мажи. Во основата на овој феномен лежи мизогинијата. За време на вонредната состојба поради пандемијата во 2020 година, за само два месеца се случија два фемицида во Скопје. Според податоците на Еуростат за 2023 година, Македонија е на третото место во Европа по бројот на фемициди. Повеќе случаи имаат само Латвија и Литванија. Заедничка точка на фемицидната хроника е очигледниот неуспех на институциите да ги заштитат жртвите. Појавата станува нормалност, а реакцијата кон неа добива рутинизација. После секој од наведените случаи, следува завршница со слична јавно-политичка формула. Најпрво, оправданиот револт на граѓанките и граѓаните се излива на социјалните мрежи или во јавни протестни форми; истовремено, се јавува не мала маса на луѓе кои отворено истапуваат со сирова мизогинија; следува „тридневно“ медиумско внимание; најчесто следуваат штури казни за сторителите; за цело време детално се разголуваат проблемите на институционалното затајување; сè до новиот случај. Постапката се повторува, луѓето отрпнуваат. Во самите институции нема никакви поместувања. Случаите со жените Ромки дополнително ја разголуваат длабоката негрижа кон проблемот. Тука се открива повеќекратната маргинализација: жените Ромки се мета на насилство поради спојот на етничката припадност, родот и социјалниот статус. Тие се соочуваат со највисоки стапки на невработеност, што ги прави економски зависни и подложни на злоупотреба. Медиумската покриеност за фемицидите над Ромки се проткаени со доза на расна табуизација, а јавната реакција со доза исмејување низ етничките стереотипи и предрасуди.
Што прават надлежните институции пред да се случи последниот акт? Најголем дел од фемицидите кај нас имаат историја на насилство и на затајување на пријавите. Одговорот на полицијата на повиците и пријавите на жртвите е тромав. Зачестената појава на фемицид како да ги потврдува, на експлицитен начин, општетсвените структури кои ја институционализираат машката физичка, социјална и економска моќ над жените. Се јавува прашањето каде да ги трасираме причините?
Една од главните црти на транзицискиот период во Македонија, често забележан и изразен и во филмската и визуелната уметност од 1990те-2000те години, беше срозувањето на социјалната политика, и воопшто, градење на однос кон јавните институции кој е со јасна цел за нивна рудиментација. Нивно доведување во состојба на живуркање. Но, и често создавање на административни и бирократски простори каде се спроведува институционално насилство во интерес на владејачката класа. Една причинско-последична црта на која тука треба да се посочи е и вработувањето на неквалитетни кадри, низ партиски или непотистички клуч. Политиките на партиите кои се под контрола на олигархијата која владее со државата во изминатите 30 години од реставрацијата на капитализмот, дополнително го забрзуваат процесот на рудиментизација низ партизација, срозување и оневозможување на квалитетен работен и менаџерски кадар. Така, најважните институции кои беа една од придобивките на социјалистичката револуција и НОБ како предуслов за отворање на процес на хуманизација на односите меѓу луѓето: јавното образование, социјалните политики и квалитетни културни институции, се систематски и инфраструктурно срозени. Во 1990те години, насилната промена на социо-економскиот систем при распадот на работничката држава спроведе намерно девалвирање на социјалните политики од системот, намалување на квалитетот на јавното образование, намалување на инфраструктурата за пристап до културните добра, и секако – уништување на искуствата на граѓаните/ките со системи на станбени заедници, комуни, месни заедници и други мали и непосредни тела низ кои се вршеле социјални политики во 1960те и 1970те години. Со уништувањето на овие јавни политички добра, се отвора плодна почва за свирепоста на реставрацијата на капитализмот која ги засили патријарахлните погледи кон жената, племенските социјални норми и едно сеопшто уназадување.

Насилството врз родова основа не е приватна работа. Густата хроника на фемициди е симптом на длабоката општествена криза. Реформизмот тука нема да биде решение. Оддекнуваат и се потврдуваат тезите на Роза Луксембург дека војните и кризите на капитализмот водат кон варварство, т.е. го враќаат човештвото чекори наназад. Жените често се заробени во насилни врски поради финансиска зависност и недостаток на прифатливо домување. Затоа, борбата против фемицидот е неразделна од борбата против сиромаштијата, експлоатацијата и патријархатот
