За нашиот претходен конгрес, сосема оправдано во прв план беше перспективата на револуцијата во Србија, која го инспирираше целиот Балкан. Иако таа во овој момент забави, се случи она што го предвидувавме, а тоа е дека револуцијата во Србија беше само најава на уште поголеми настани што ќе се случат во светот. Од нив особено се истакнаа т.н. Ген З револуции, масовното движење и генералниот штрајк во Минеаполис во САД поради дивеењето на имиграциската полиција, како и генералниот штрајк за Палестина во Италија. Далеку од заспаност и незаинтересираност, масите не молчат пред растечката криза на капитализмот и, иако нивниот бунт не е насочен директно против него, тој се манифестира во борбата против неговите производи – корупцијата, војната и државното насилство.
Од друга страна, почетокот на годината беше обележан со криминалното киднапирање на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, од страна на САД и обидот за воспоставување марионетски режим во таа држава. Доналд Трамп, од една страна притиснат од неуспесите и неисполнетите ветувања дома, особено од скандалите поврзани со досиејата на Епштајн, а од друга страна охрабрен од успехот во Венецуела, гледаше која ќе биде следната цел – Гренланд или Куба. Започнувајќи економски напад врз Куба преку блокада на нафтата, истовремено се реши и за многу поамбициозен воен напад врз Иран. Додека го пишуваме овој документ, војната на Блискиот Исток се наоѓа во состојба на кревко примирје, што веќе има светски импликации. Поради тоа, нашиот осврт мора да започне од човекот кој во моментов има несразмерно големо влијание врз настаните во светот.
Доналд Трамп и релативното опаѓање на американскиот империјализам
Кога ја водеше кампањата за претседател, Доналд Трамп ѝ вети сѐ на американската работничка класа – прекин на вечните војни, борба против инфлацијата и намалување на цените, справување со миграцијата и епидемијата на зависности, објавување на досиејата на Епштајн и, најважно, повторно правење на Америка голема преку подобрување на економијата. За една година од својот мандат успеа да ги разочара своите гласачи по речиси секое ветување што го даде.
Трамп го претставува крилото на капиталистичката класа кое е свесно дека САД повеќе не можат да бидат светски полицаец каков што беа порано и дека за да се обезбеди положбата на најмоќна империјалистичка сила е потребна промена на стратегијата. Со Кина како главен растечки конкурент, неговата политика претставува обид да се обезбеди враќање на влијанието на американскиот империјализам и да се запре растот на кинеското влијание.
Неговиот првичен обид за свртување кон протекционизам, преку зголемување на царините во трговијата со бројни земји, што служеше како средство за притисок тие да прифатат поповолни услови за тргување со САД, брзо покажа дека американскиот империјализам таквиот притисок би морал да го врши така што ќе им наштети не само на другите држави, туку и на самиот себе. Тоа би била економска војна на истрајност насочена кон целиот свет, но во никој случај не гарантираше победа, туку се закануваше сите да ги претвори во губитници.
Кина се покажа мошне подготвена да ги издржи тие притисоци, а со тоа дури се отвори можност земјите погодени од зголемените царини да се свртат кон неа наместо кон САД. Покрај тоа, самите американски компании кои работат во Кина ризикуваа огромни трошоци поради царините, што на крај доведе до повлекување од стратегијата на притисок преку царински мерки.
Од друга страна, во документот на американската Национална безбедносна стратегија јасно се гледа дека новата цел на американскиот империјализам е повторно да го воспостави своето влијание во западната хемисфера, која дрско ја нарекува „своја“. Неговата политика се надоврзува на старата американска Монроова доктрина, според која американскиот континент се смета за сфера на влијание на САД, во која другите империјалистички сили не смеат да се мешаат.
Оваа нова-стара политика е наречена Донроова доктрина и Трампов королариум, инспирирана од Рузвелтовиот королариум, кој го воведе принципот на често насилно мешање на САД во политиката на латиноамериканските држави. Сепак, Трамп отиде и чекор понатаму, заканувајќи се дека ќе го преземе и Гренланд, ако треба и со сила, додека Канада, поради нејзината исто така економски нестабилна и зависна положба, често ја прозиваше дека ќе стане уште една сојузна држава во рамките на САД.
Додека размислуваше како да настапи на надворешнополитички план, на внатрешен план притисокот растеше. Економијата воопшто не се подобруваше, и покрај упорното инсистирање на Трамп дека САД никогаш немале подобра состојба од денешната.
Неговите ICE единици против нелегалните мигранти, со кои најавуваше дека ќе го отстрани криминалот од улиците на земјата, пред сè ги таргетираа работниците што работат нелегално, а не криминалците. Целта беше да се заплашат новите мигранти да не доаѓаат, но и работничката класа постепено да се навикне на насилството на државниот апарат. Резултатот беше драматичен неуспех кој, заедно со полициските провокации, доведе до убиствата на Рене Гуд и Алекс Прети, двајца американски државјани, што предизвика масовно движење во Минеаполис кое се закануваше да се прошири низ целa САД, слично како движењето по убиството на Џорџ Флојд.
Ништо помал неуспех не беше ниту привременото повлекување на Трамп во врска со објавувањето на досиејата на Епштајн. Пред доаѓањето на власт, целиот негов тим се фалеше дека ќе ги објави, а кога дојдоа на власт се однесуваа како тоа никого навистина да не го интересира и како Епштајн да дејствувал сам. По притисокот, особено од неговата МАГА база, Трамп сепак ги објави во силно редактирана и нетранспарентна форма, обидувајќи се да ја спаси својата опаѓачка популарност. Тоа само ја влоши ситуацијата бидејќи кај луѓето создаде сомнеж дека под површината на пристојноста на капиталистичкиот естаблишмент се крие многу повеќе гнилеж.

Поради тоа, работните луѓе кои беа верни гласачи на Трамп уште повеќе се разочараа од него и од неговото движење, гледајќи го како дел од таканаречената „Епштајн класа“ – класа на богати луѓе кои можат да прават што сакаат со човечките животи без да сносат последици, додека во општеството владеат сè поголема нееднаквост и сиромаштија.
Доживувајќи пораз по пораз, Трамп стануваше сè поочаен за некаква победа. Со месеци ја држеше Венецуела под поморска блокада, опкружувајќи ја со значителен дел од американската флота и економски ја задушуваше преку блокирање на нејзиниот извоз на нафта. Откако се почувствува доволно самоуверен, го киднапираше нејзиниот претседател Николас Мадуро и, во соработка со наследниците на неговата администрација, направи „договор“ според кој Венецуела отсега ќе работи онака како што ќе наложат САД.
Оваа „лесна“ победа му даде самодоверба да бара нова цел. Под притисок на Израел и на неоконзервативното крило во Републиканската партија, се реши да го нападне Иран, стар ривал на американскиот и израелскиот империјализам. Но ова веќе немаше добри последици ниту за американскиот империјализам, ниту за светскиот капитализам.
Иран не е Венецуела и возврати со сите средства – против Израел, против американските сојузници, нивните бази, но и против нивната економија. Неуспехот да се извојува брза победа ќе има за последица или вовлекување на САД во уште една неисплатлива бескрајна војна, или, пак, повлекување што длабоко ќе го поткопа авторитетот на американската војска во светот. А можно е и двете. Толку катастрофална беше оваа интервенција што Трамп веќе бара начин да се извлече од неа, но сега токму Иран ги држи картите во свои раце.
Поради неуспехот да ги оствари прокламираните воени цели – промена на режимот во Иран, принудување на иранските власти да го прекинат збогатувањето на ураниум и да престанат да му помагаат на Хезболах и на шиитските милиции во регионот – како и поради притисокот од владејачката класа заради економските последици во САД и политичкиот раскол во движењето МАГА околу бесмисленоста на оваа војна, Трамп беше принуден да прифати примирје. Двонеделното примирје, за кое Трамп најави продолжување, му даде предност на иранскиот режим кој го контролира Ормускиот Теснец, пропушта бродови на држави што не ги смета за непријатели и, според новиот договор, може да наплатува такса за премин низ теснецот.
Поразот на Трамп во Иран нема последици само во САД. Веќе сега расте притисокот врз Нетанјаху во Израел, кому континуираната воена состојба и милитаризацијата на израелското општество му се потребни за да остане на власт. Во исто време, иранскиот режим, кој пред американско-израелската агресија беше многу непопуларен и разнишан од низа штрајкови и протести, сега, носен од успехот во одбраната на земјата и националното единство, доби нова поддршка во речиси сите слоеви и класи на иранското општество.
Администрацијата на Трамп исто така започна нова блокада на Куба и ги засили санкциите, што за одреден период целосно го запре дотокот на нафта на островот, која е исклучително важна за енергетските потреби на кубанскиот народ. И ова е уште еден обид за воспоставување американска доминација над „нивната хемисфера“. Иако Трамп делумно попушти со блокадата и Куба доби нови испораки на нафта, таа и понатаму е мета на американскиот империјализам кој сака целосно да ги задуши прогресивните придобивки на Кубанската револуција, и мора јасно да кажеме дека стоиме на страната на Куба. Големиот бран на солидарност и хуманитарна помош што му беа пружени на кубанскиот народ од почетокот на оваа блокада е исто така значаен израз на важноста на работничкиот интернационализам, солидарноста и соработката.
Какви и да се вистинските желби на Трамп, тој доби мандат да биде главен претставник на американската капиталистичка класа, чиј припадник е и самиот. Тоа значи дека сите негови ветувања и замисли мора да се соочат со реалните противречности на капитализмот, кои не можат да се разрешат без ризик од уште подлабоко продлабочување на кризата и создавање нови револуционерни последици. Поразот на американскиот империјализам во Иран, во било каква форма, би бил голема победа за работничката класа во светот. Акробациите на американскиот империјализам, во обид да го врати својот поранешен углед и влијание, очигледно нема да успеат да го запрат процесот на неговото релативно опаѓање.

Леви свртувања на политичката сцена
Во изминатите неколку години, главна референца за општественото незадоволство беа политичарите од популистичката десница. За разлика од многумина на левицата, нашата интернационала растечката популарност на овие демагози не ја објаснуваше како некакво свртување на општеството надесно или, уште помалку, како подем на фашизмот, туку како збунета артикулација на класниот гнев во услови кога немаше никакви веродостојни опции од левицата, кои притоа веќе не беа компромитирани во очите на масите поради децениската соработка со капиталистичката класа.
Овие десничарски популисти ѝ го извлекоа тлото под нозете на таквата „левица“, затоа што токму десничарите почнаа да зборуваат за социјални теми како што се лошото здравство, противењето на војните, економскиот пад и слично. Но штом се појавија нови лица на левицата кои не делуваа како слуги на естаблишментот, тие брзо стекнаа популарност.
Највидлив пример за тоа беше победата на Зоран Мамдани во Њујорк, кој себеси се претставува како „демократски социјалист“, отворено се залагаше за Палестина и промовираше реформи што би ја подобриле положбата на работничката класа, притоа настапувајќи храбро и без двоумење. Во неговата кампања учествуваа дури 100.000 волонтери.
Иако Мамдани веќе делумно попушти пред естаблишментот, неговата победа покажува колку е радикализирано расположението во американското општество, а и пошироко во светот, со оглед на одекот што го имаше. Тоа исто така укажува на потенцијал за големи политички превирања и можност за појава на нови партии во САД кои нема да се движат по патеката на двете главни капиталистички партии, имајќи го предвид огромниот пад на кредибилитетот што тие го доживеаја во последниот период.

Од другата страна на Атлантикот, кога поранешните леви лабуристи Џереми Корбин и Зара Султана го најавија формирањето на партијата „Ваша партија“, добија стотици илјади онлајн пријави за зачленување. Во еден момент, десничарската Реформ УК и левичарската „Ваша партија“ во анкетите ги надминуваа и ториевската Конзервативна партија и лабуристите. Тие две партии цел век имаа монопол врз власта во Обединетото Кралство, а сега изгледа дека и двете можат да бидат оттурнати од политичката сцена.
За жал, бесмислените внатрешни кавги меѓу двајцата спомнати лидери на „Ваша партија“ го разнишаа нејзиниот углед. Иронијата е што Корбин сега стана десното крило во партијата, додека Султана зазеде многу порадикален тон, повикувајќи на национализација на сè, осудувајќи ги злосторствата на империјализмот и дури цитирајќи го Ленин во своите обраќања. Но важно е да се разбере дека таквиот тон сè уште го прескокнува клучното прашање – како сето тоа да се постигне?
Ова фијаско во „Ваша партија“ доведе до тоа Зелената партија да ги претекне одлево како посоодветна опција. Таа презеде радикално левичарска реторика против естаблишментот и истакна класна програма, а во еден клучен дел од Манчестер, каде што лабуристите владееја речиси 100 години, ја кандидираше Хана Спенсер, поранешна водоинсталатерка. Зелените и Реформ УК водеа во анкетите, но на крајот Зелените победија, што претставува огромен удар за естаблишментот и десницата.
Во Германија, Ди Линке повторно добива на популарност, бидејќи младите ја гледаат како единствена партија што може да му се спротивстави на растот на десничарската Алтернатива за Германија. Исто така, во Франција, Меланшон и понатаму без извинувања ја брани Палестина и не прави компромиси со естаблишментот. Згора на тоа, по убиството на еден неофашист во Лион, по судир меѓу фашистички и антифашистички групи, и покрај големиот притисок од парламентарните партии, Меланшон одби да се дистанцира од антифашистичките групи. Токму таа принципиелност му ја одржува популарноста.
Таму каде што не постои левореформистичка партија, незадоволството на масите својот израз го бара во оние буржоаски партии што се релативно нови и не се дискредитирани со учество во власта. Така, во Унгарија, по 16 години на власт падна Виктор Орбан, што секако претставува удар за Трамп и за популистичката десница во Европа. Иако од власт не го собори левореформистичка партија, неговиот пад сепак е последица на масовните мобилизации, особено на младите во Унгарија во последните години. Засега оваа радикализација на унгарското општество и незадоволството од економската и социјалната политика својот израз го најдоа во Тиса, опозициска партија на десниот центар, и во нејзиниот лидер Петер Маѓар. Времето ќе покаже дека програмата на Маѓар и Тиса не може да ги реши проблемите на младите и на работничката класа во Унгарија, со што ќе се отвори простор за продлабочување на класната поларизација и за натамошна радикализација налево.
Иако феноменот на реформизмот речиси воопшто не е присутен на политичката сцена на Балканот, младите ширум светот ги следат овие случувања на левицата и набљудуваат како комунистите се поставуваат кон нив. На пример, кога младите ги прашуваат нашите другари во Франција каков е нашиот став кон Меланшон, ако не застанеме во негова одбрана, тие нема ни да бидат подготвени да продолжат разговор со нас.
Кога ќе настапиме другарски, ќе покажеме дека разбираме оти појавата на реформистите е знак за раст на свеста кај масите, дека тоа го гледаме како позитивен феномен и дека заедно со луѓето што тие ги собираат ќе се бориме за истите реформи, дури тогаш можеме да продолжиме дискусија за вистинските ограничувања на реформизмот. Преку заедничко учество во борбата со тие луѓе и преку нивното стекнување политичко искуство и свест, полесно ќе можеме да ги придобиеме за идеите на комунизмот кога тие ограничувања ќе се покажат во пракса.

Револуционерни превирања
За време на револуцијата во Србија, иако беше прекрасно да се доживее таков настан, постоеше и силно чувство на изолираност. Светските медиуми молчеа за величествените случувања во таа земја, бидејќи нивните владејачки класи не сакаа таквото расположение да се пренесе и кај нив, а истовремено беа посигурни да продолжат да соработуваат со криминалниот режим на Александар Вучиќ, кој со години беше сигурен партнер во оплодувањето на капиталот преку евтината работна сила во Србија. Генералниот штрајк во Грција и големите протести во Истанбул беа искри што се поврзуваа во солидарност, но движењето во голема мера остана недоволно видливо.
Ако некој навистина сериозно ги сфати настаните во Србија, тоа беше нашата Револуционерна комунистичка интернационала. Многу другарки и другари со голема љубопитност ги следеа нашите извештаи за тоа што прават студентите и младите во Србија и внимателно ги очекуваа следните. Но колку и да сакаа странските медиуми да избегнат известување за Србија, на Светскиот конгрес ние смело најавивме дека сето ова што се случува во Србија наскоро ќе го доживеат и нашите сестрински секции во интернационалата.
Впечатоците од конгресот уште не беа ни слегнати, а во Индонезија започна револуција, која доби ист медиумски третман како и нашата. Политичарите си ги зголемија бонусите, а како одговор добија огромно масовно движење. По убиството на еден демонстрант прегазен од полициско возило, движењето успеа за само две недели да го надмине интензитетот на српската револуција.
Иако не беше лесно да се најдат, снимките од демонстранти кои се судираат со полицијата, принудена постојано да се повлекува, инспирираа луѓе ширум светот. На една од нив, градоначалник кој ги навредил демонстрантите, откако зградата во која се наоѓал била опколена, морал да им се извини од оклопно возило по препорака на полицијата. Како одговор, бил засипан со сè што демонстрантите во тој момент можеле да дофатат.
Уште посмело, демонстрантите упаѓаа во вилите на парламентарците и ги демолираа. Особено симболичен беше случајот со еден политичар кој прво ги укори демонстрантите преку социјалните мрежи, а потоа, кога тие почнаа да ги уништуваат вилите, преку истите мрежи почна да им се извинува. Сепак, тоа не беше доволно и неговата вила исто така беше уништена.
Додека во Индонезија настаните се развиваа експлозивно, во Непал тие добија уште поголем интензитет. Она што започна како протест против ароганцијата на децата на богатите, кои на социјалните мрежи се фалеа со своето богатство, прво ескалираше во исклучување на интернетот, а потоа и во убиства на демонстранти од страна на полицијата.
Младите Непалци на ова одговорија ништо помалку решително. Веднаш почнаа да учат од Индонезијците и тргнаа кон вилите нa богатите. Но отидоа и чекор понатаму. На интернет кружеа снимки на кои се гледаше како министри се влечат по улиците и се камшикуваат, откако претходно биле соблечени во долна облека. Владата набрзо падна, бидејќи војската сфати дека работите станале сериозни и дека мора да ја жртвува актуелната власт за да го спаси системот.
Во Индонезија особено се прослави знамето од манга-серијата Едно парче, со пиратски череп што носи сламена шапка. Овој симбол брзо го прифатија и Непалците, кои по палењето на претседателската палата исто така го оставија тоа знаме на нејзината порта. На Мадагаскар, поради исклучително тешката економска состојба, исто така се појави масовно движење што се развиваше по сличен тек. Го прифати истото знаме како Ген З револуцијата, режимот убиваше млади луѓе, за на крај токму младите да го соборат, при што и војската таму одигра клучна улога во жртвувањето на власта.

Ген З револуциите ја покажаа исправноста на свртувањето на нашата Интернационала кон младите. Младите генерации ширум светот не се оптоварени со поразите од минатото на начин на кој се оптоварени постарите генерации, па затоа се поподготвени да се борат против неправдите што ги гледаат, како во своите држави, така и во целиот свет.
Меѓутоа, ангажманот на младината не е доволен за навистина да се промени системот. Масовните движења во Индонезија, Непал и Мадагаскар успеаја да ги соборат владите, но поради недостаток на вистинско револуционерно раководство, на власт доведоа само нов слој од истата владејачка класа што ја создала потребата за бунт. Затоа ниту едно клучно прашање не беше решено и може да се очекува дека во иднина повторно ќе се појават слични масовни движења.
Покрај овие големи настани, ништо помалку важен не беше генералниот штрајк во Италија, организиран во солидарност со Палестина. Масите во Шпанија и Италија најавуваа големи протести доколку биде нападната Флотилата „Сумуд“, која носеше помош за Палестинците и беше предводена од Грета Тунберг. Кога израелската војска упадна на бродовите на флотилата и ја блокираше помошта, масите одговорија решително. Во Шпанија протестираа дури два милиона луѓе. Италија, пак, отиде чекор понатаму.
Нашата Интернационала долго време ја најавуваше можноста работничката класа да организира политички штрајкови. Низ историјата тие не се честа појава. Таквиот штрајк претставува прекин на работата од страна на работничката класа, но не како борба против поединечен работодавач околу работничките права и економската положба, туку како политичко средство за притисок врз целата владејачка класа. И не само што во Италија се случи политички штрајк – туку тоа беше штрајк на солидарност со друг народ!
Стануваше збор за мобилизација во која учествуваа околу два милиона луѓе. Повикот тргна од еден мал синдикат, но идејата брзо се прошири меѓу масите. Под притисок од сопственото членство, раководствата на поголемите синдикати неволно мораа да го прифатат повикот, надевајќи се на што помал одзив.
Сепак, штрајкот ги надмина сите очекувања. Ваквото будење на работничката класа ја исплаши европската владејачка класа и таа веднаш почна да прави барем симболични отстапки преку спротивставување на Израел, плашејќи се трендот да не се прошири. Треба да се има предвид дека овој штрајк, иако беше политички и во солидарност со друг народ, истовремено претставуваше и акумулиран класен гнев што постои во општеството, а прашањето на Палестина беше точката преку која тој гнев се прелеа.
Затоа новата година, покрај дивеењето на Трамп во Венецуела, беше обележана и со трагичното убиство на Рене Гуд и Алекс Прети во Минеаполис, но и со револуционерни превирања во САД какви што не сме виделе со децении. Движењето во Минеаполис, во суштина, продолжи таму каде што застана движењето по убиството на Џорџ Флојд. Гледајќи дека сопствениот државен апарат ги убива, самите работни луѓе во Минеаполис сфатија дека единствените кои можат да ги заштитат од него се тие самите.
Во самиот град беа формирани соседски комитети, многу слични на зборовите во Србија, но на далеку повисоко квалитативно и квантитативно ниво. На некои од нивните состаноци присуствуваа и по илјада луѓе, кои разговараа како да се организираат за понатамошната борба и како политички да одговорат на сето тоа. Преку групи на Сигнал воспоставија мрежи за следење и попречување на движењата на озлогласените единици ICE.
На работните места луѓето имаа подготвени планови што да прават ако тие се појават, а истовремено се поврзуваа и со соседните работни места. Работите кулминираа со генерален штрајк во кој учествуваа десетици илјади луѓе, и тоа на температура од -20°C. ICE мораше привремено да се повлече за состојбата да не се прошири во остатокот од САД, при што водечкиот човек на теренот, Грегори Бовино, мораше понижено да се повлече.
Она што исто така е симптоматично е што природата на генералниот штрајк во Италија и масовниот протест во Минеаполис беа многу слични на генералните штрајкови во Србија. За сите три случаи мора да признаеме дека работничката класа не настапуваше организирано со прекин на работата во големите претпријатија, но наоѓаше други начини да учествува, како користење одмор, боледување, надоместување на работните часови и слично. Исто така, клучно беше учеството на малите претпријатија, од кои многу беа затворени, дел како поддршка на движењата, а дел од страв од немири. Но, иако можеби не ја исполнуваат целосно својата дефиниција, и ваквите генерални штрајкови претставуваат чекор напред и прашање е само на време кога ќе прераснат во вистински општ прекин на работата.

Каде застана револуцијата во Србија?
Иако Ген З револуциите и движењето во Минеаполис со забрзано темпо ги надминаа настаните во Србија, барем во некои аспекти, вреди да се потсетиме што сè успеа да постигне движењето под водство на студентите. Тоа практично ги блокираше сите високообразовни установи, каде што студентите преку пленуми демократски одлучуваа во која насока понатаму треба да се движи движењето. Беа организирани голем број масовни собири со повеќе од 100.000 луѓе, од кои протестот на 15 март беше најголемиот во историјата на Србија, со најмалку 300.000 учесници. Повеќе од еден милион луѓе учествуваа во протестите на страната на студентите. Беа организирани два генерални штрајка. Беа формирани соседски зборови, како и по некои зборови на други групи, вклучувајќи и работнички, како облик на директно демократско организирање и вклучување на пошироките слоеви во движењето.
Од нашиот последен документ Перспективи од мај 2025 година, студентите на 28 јуни одржаа уште еден масовен протест со 150.000 луѓе. Откако увидоа дека режимот не ги исполнува нивните скромни барања, им дадоа „зелено светло“ на демонстрантите, со порака дека повеќе нема да ги повикуваат граѓаните на мир, бидејќи режимот не попушташе. Но, иако борбата против полицијата и подигањето барикади ја покажаа храброста на масите, се покажа дека тоа не е доволно средство за исполнување на барањата.
По притисоците од Вишото јавно обвинителство во врска со обвиненијата за корупција во случајот со „настрешницата“, веројатно во соработка со одредени крила на владејачката класа во Европската Унија, режимот почна да се чувствува очајно. Најарогантното и најзакоравено крило на Српската напредна партија на 12 август во Врбас ги нападна демонстрантите со огномет. Демонстрантите не се повлекоа, туку се обидоа да возвратат колку што можеа, сè додека не интервенираше полицијата. Но, тоа беше само проба на режимските криминалци за она што следеше на 13 август во Нови Сад.
Низ цела Србија беа организирани протести поради овој дрзок напад на криминалците поврзани со СНС во Врбас. Згора на тоа, и претседателот Александар Вучиќ и неговиот брат Андреј отидоа во Ќациленд за да бидат меѓу своите во текот на овој предизвик. Тоа значеше дека режимот вложи максимални напори да го одржи моралот на своите приврзаници на високо ниво тој ден и, фигуративно кажано, да биде на првата линија.
Во ранетиот град Нови Сад, кој особено го замразија и самиот Вучиќ и разрешениот премиер и поранешен градоначалник Милош Вучевиќ, беше организирана многу посериозна провокација од онаа во Врбас. Демонстрантите овојпат не ги дочекаа само огномети, туку и организирани заседи од униформирани и маскирани насилници, вооружени со летви, факели и топовски удари. Закоравеното крило на СНС одлучи дека 13 август е денот кога ќе се обиде да се пресмета со движењето преку криминални елементи и сила. Но она што не го разбраа празноглавите приврзаници на СНС беше дека масите, кога еднаш ќе се раздвижат, не можат лесно да се запрат.
Оваа провокација не доведе само до физичка пресметка меѓу демонстрантите и насилниците, туку и до контранапад. Полицијата интервенираше само за да ги заштити луѓето од СНС, додека тие од зад полициските редови ги гаѓаа демонстрантите со огномети. Сепак, снимките покажаа дека ни самите насилници не поминаа добро. Особено симболично беше претепувањето на припадници на специјалната единица „Кобри“, кои според некои непотврдени тврдења можеби го обезбедувале самиот Вучевиќ и преку кои Вучиќ своевремено се закануваше дека ќе ги растера демонстрантите уште на првите големи собири.
Од целиот град се собра младината против режимот, која на насилството на неговите тепачи возврати со иста мера, опремувајќи се со маски, кациги, факели и летви. Беа уништени и автомобили во близина што беа непрописно паркирани, без регистарски таблички или со таблички што не беа новосадски, поради сомнеж дека им припаѓаат на режимски гости од криминалното подземје. Следниот ден беа демолирани просториите на СНС, а во еден момент беше нападната и полицијата што ги бранеше. Тој ден режимот во Нови Сад претрпе понижувачки пораз.

Друг значаен датум беше 5 септември, исто така во Нови Сад. Нему му претходеше полициска провокација, кога полицајци без јасна причина ги нападнаа демонстрантите за време на одбележувањето на десет месеци од падот на настрешницата. Како одговор на тоа, четири дена подоцна беше организиран протест.
Гневни поради полицискиот напад и поради полициската окупација на Филозофскиот факултет, извршена на повик на неговиот декан, дел од демонстрантите се обидоа да се пресметаат со полицијата. Сепак, изгледаше како полицијата токму тоа да го посакува. Низ целиот град таа беше во висока готовност. Дел од силите беа поставени пред Филозофскиот факултет како жртвено јагне што требаше да ги издржи првичните напади, кои и онака не беа особено силни. Откако обезбеди доволно снимки за политичко оправдување, полицијата ја спроведе дотогаш најбруталната интервенција врз демонстрантите.
Градот беше преполн со оклопни возила. Количината солзавец што полицијата ја употреби го претвори Универзитетот во Нови Сад во зона на хемиска војна. Се појавија снимки на кои и самите полицајци повраќаа и страдаа од количината на употребениот солзавец. Од Природно-математичкиот факултет беше објавена анализа според која станувало збор за тип на силен солзавец што повеќе не се препорачува за сузбивање демонстрации бидејќи е премногу штетен. Полицијата тешко повреди еден постар човек и покажа сила каква што дотогаш не беше видена. Сцените потсетуваа на оние што сме навикнале да ги гледаме на протестите на Жолтите елеци во Франција.
Масите навистина беа потресени, бидејќи ова им беше прв пораз од почетокот на движењето. Сепак, брзо се созедоа и ја продолжија борбата. Вучиќ, пак, буквално беше опиен од оваа пирова победа. Во своето обраќање по демонстрациите, видно под дејство на алкохол, во еден момент ги нарече припадниците на германската Зелена партија олош, бидејќи биле присутни на овој протест. Ваквата изјава на еден послушник на западниот империјализам, по сè изгледа, претставувала црвена линија што не смеел да ја премине.
Неговото фалење не траеше долго. Набргу го посети Урсула фон дер Лајен, а по таа посета Европскиот парламент усвои дотогаш најостра резолуција, во која директно и таксативно беа наведени злосторствата на режимот, додека во претходниот период се држеше до дипломатски тон и, според сопствените зборови, само внимателно ја следеше ситуацијата. Наскоро се засилија и напорите Нафтeната индустрија на Србија (НИС) да биде отстранета од руска сопственост, а против неа беа воведени санкции.
Џаред Кушнер се откажа од изградбата на хотел на местото на Генералштабот, погоден за време на НАТО-бомбардирањето во 1999 година. Кинеските инвестиции, во споредба со истиот период во 2024 година, се преполовија. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, јавно се потсмеваше на сметка на Вучиќ, велејќи дека на едната страна ѝ ветува и зборува едно, а на другата сосема друго. Русија, во преговорите за продажба на мнозинскиот пакет акции на НИС, во голема мера ја заобиколи Владата на Србија. Стана очигледно дека Вучиќ ја губи довербата на сите империјализми помеѓу кои некогаш успешно балансираше.
Годишнината од падот на настрешницата беше одбележана со уште еден масовен и мирен собир, на кој присуствуваа повеќе од 100.000 луѓе. На него беше претставена ретроспектива на сè што режимот направил во текот на ова движење. Но од тогаш наваму сè значително стивна.

Битката не ја бие светликаво оружје, туку битката ја бие јуначкото срце
Но, доколку движењето во Србија го анализираме само низ призмата на неговите успеси, нема да му направиме услуга во ниту една смисла. Нашето воодушевување од потврдувањето на нашите перспективи преку извонредни настани не смее да ја намали искреноста на нашата анализа, но исто така е недозволиво таа анализа да има каков било циничен заклучок поради моменталното забавување на борбата.
Првото што мора да се оцени е како тоа Вучиќ, и покрај сè што се случи, сè уште остана на власт? Да му се припише тоа само на неговата личност, на неговите притисоци во рамките на државниот апарат, на неговата корупција на избирачкото тело, би било премногу еднострано. Како ниеден владетел, ниту овој не е имун на пад од власт. Па тогаш зошто тој сè уште не паднал?
Помина повеќе од една година од историски најголемиот протест во Србија на 15 март 2025 година. Иако студентите не го најавуваа овој протест како Ден Д, многумина чувствуваа дека тој би можел да биде токму тоа. Вучиќ најавуваше големо насилство, студентите ги пишуваа своите крвни групи на рацете во случај тоа да се случи, активисти беа апсени и обвинувани за уривање на уставниот поредок, а Ќациленд стоеше подготвен за провокација.
Сепак, кога пресметката на режимот започна преку звучен топ, оклопни возила и фрлени тули од Ќациленд, протестот по повик на студентите беше завршен и сите 300.000 луѓе полека си заминаа дома. Многумина сосема оправдано се прашуваа: зошто доаѓавме од цела Србија, само за да си одиме дома кога ќе почне метежот, особено кога сите бевме свесни дека до него ќе дојде?
Подоцна, потегот на студентите да ги соблечат жолтите елеци и да го завршат протестот, многумина го видоа како храбар и исправен чекор за да се спречи крвопролевање. Велеа: и да се влезеше во Собранието, што ќе се случеше потоа? Не постоеше политичка сила која би можела соодветно да го пополни вакуумот на власта. Тогаш, до што би довело пролевањето крв од страна на режимот, ако не знаеме што нè очекува?
Сето тоа е точно. Но само делумно. Ако револуционерните промени се случуваа со гаранција за успех, револуциите би биле многу лесни. Треба само да го чекаме моментот на сигурна победа и сите ќе живееја среќно до крајот на животот. Но светот низ историјата не се менувал со чекање на невозможниот идеален момент. Се менувал со храброст, и покрај сите ризици што ги носи со себе.
Иако е точно дека прогнозите за тоа што би се случило доколку се пролееше крв и Вучиќ паднеше од власт беа нејасни, исто така тоа можеше да ги подготви настаните за преминување на револуцијата на уште повисоко ниво. Секојпат кога режимот покажуваше насилство, тоа му се враќаше со ескалација на револуцијата. А уште пред 15 март студентите повикаа на формирање зборови. Замислете само колкав одѕив и колкава енергија би имале тие доколку се одеше до крај! Исто така, таквата ескалација несомнено би имала огромен одек и кај останатите луѓе на Балканот и во Европа.
Токму тогаш би го отклучиле нивниот целосен потенцијал и би имале ниво на креативност во зборовите што можеби ќе ги надминеше дури и оние на пленумите. Исто така, доколку режимот пролееше крв и доведеше до смрт на поединечни демонстранти за да се одржи на власт, масите решително би реагирале на тоа и можеа да создадат услови за вистински генерален штрајк. Видовме што предизвикаа настаните во Индонезија, Непал и Мадагаскар по кобните случувања и денес треба другарски да се каже: беше пропуштена можност затоа што се немаше доволно храброст.
Оттогаш движењето е на блага надолна траекторија. Издржа уште цели седум месеци, но ништо не го достигна врвот што се случи на 15 март. Обидот за поправен испит се случи на 28 јуни, со зелено светло дадено од студентите, но тогаш веќе беше предоцна. Расположението на масите не е копче што може да се притисне кога и да се посака. Ако се пропушти клучниот момент, тоа исто така води кон неизвесност дали таков нов момент повторно ќе се отвори во претстојниот период. Можеме отворено да заклучиме дека тој не се отвори и дека со Вучиќ можевме да завршиме уште на 15 март.

Следниот тренд на надолна траекторија беше барањето на студентите за распишување избори. Кога студентите преку блокадите воведоа општа демократија на факултетите, а преку зборовите помогнаа во формирањето демократски борбени организации за останатото население, тие воведуваа општа демократија во општеството. Преку неа се покажа вистинскиот потенцијал на човештвото, колку тоа може да биде способно и креативно во самоорганизирањето, само доколку му се дозволи. Во почетокот, студентите дури и отворено се спротивставуваа на идејата за вонредни избори. Но по одмерувањето на силите на 15 март се почувствуваа доволно сигурни дека угледот на Вучиќ е урнат и дека неговата машинерија би можела да се порази преку избори.
Она што ние го критикувавме во врска со тоа барање е дека тоа претставува чекор назад. Имавме повисоко ниво на демократија во пленумите и собирите отколку што некогаш би можеле да имаме на избори! На секои избори добиваме можност да избереме кое крило на владејачката класа ќе ја исцедува работничката класа и кое ќе биде поуслужно кон своите европски или какви било други господари.
Покрај очигледните и редовни изборни манипулации од страна на режимот, се вративме на теренот на противникот, каде што тој многу подобро се снаоѓа и каде што нема никакви гаранции дека изборите се средство со кое ќе го отстраниме од власт. Во прилог на тоа оди и фактот што, и покрај една година револуција, изборите се најавени дури за крајот на 2026 година. Редовните избори би се одржале само шест месеци подоцна, па тоа барање не постигна ништо, освен што борбата ја врати во рамките на естаблишментот.
Исто така, ги критикувавме плановите за формирање на студентската листа. Наместо студентите, како несомнено најборбениот дел од општеството, самите да учествуваат на изборите, тие одлучија својот политички авторитет едноставно да им го предадат на постари луѓе во кои имаат доверба. Предупредувавме дека тоа фактички претставува политичко развластување на студентите во ова движење, бидејќи сите тие луѓе избрани на студентската листа ќе бидат слободни да постапуваат според сопствените убедувања, да соработуваат и со опозицијата, или уште полошо, со режимот, во моментот кога ќе влезат во парламентот.
Нивното влегување во парламентот воопшто не би било гаранција за добивање правда за 16-те жртви на режимот при падот на настрешницата, бидејќи токму тогаш би се покажало колку е тешко да се исполни дури и тоа основно барање во рамките на капитализмот.
Вистина е дека државниот апарат го сочинуваат многу повеќе луѓе отколку самата Српска напредна странка. Во него има многу соучесници на режимот кои немаат никаков демократски легитимитет, од судии, обвинители, директори на полицијата и тајните служби, па сè до директори на образовни институции, медиуми, клучни државни компании и други. Сите тие се поврзани со режимот со илјада нишки и сносат одговорност за неговото досегашно функционирање. Прочистувањето на државниот апарат, односно таканаречената лустрација, е пат напред, но да се успее да се спроведе и да се обезбеди правда за жртвите во ваков систем преку парламентарни методи е целосно утопистички.
Дури и на поширокото општествено поле, критикувавме дека студентска листа која избира свои претставници што не се од редовите на студентите може да произведе само таква листа која е мешавина од сите политички прашања што беа туркани под тепих заради единството на движењето. Според тој критериум, таа не би била производ на дискусиите на пленумите, кои би можеле да бидат средство за воспоставување на најдобрата можна програма за движењето и листата, туку една хетерогена, лабаво поврзана група луѓе со различни политички сфаќања, која лесно би можела да се распадне по влегувањето во парламентот.
Покрај тоа, начелната студентска програма едвај успеа да се разликува од некои постојни опозициски партии, па единствениот адут на студентската листа остана тоа што внесува нови луѓе на политичката сцена и што е формирана од студентите. Сепак, секој што е доволно во контакт со студентите знае какви борби и фрустрации постојат при формирањето на листата и дека изгледа оти тие политички разлики сепак не можат да се надминат.
Многу значајна енергија од студентите беше вложена во поврзувањето со невладината организација ЦРТА, со цел подготовка на фер избори. Но локалните избори веќе покажаа колку тежок предизвик ќе биде тоа. Во суштина, наместо енергијата на движењето да се насочи кон тоа кои грешки треба да се исправат за да се победи Вучиќ, таа се троши на избори што едвај се на повидок и кои очигледно не се никаква гаранција за таква победа. И сето тоа се случува, според наводите на самите студенти, прилично далеку од очите на јавноста.
Сите овие работи доведоа до значителен замор во движењето, при што масите се повлекоа од улиците и останаа само најодлучните активистички слоеви. Затоа е потребна повторна евалуација на сè што е направено досега, што функционирало, а што не, за да бидеме подготвени да ја придвижиме борбата понатаму ако се отвори можност за тоа. Сепак, да не се заврши она што е започнато претставува голема опасност од длабока деморализација на масите. Во случај Вучиќ да не игра ниту според правилата на естаблишментот, како што правеше досега, ќе биде потребна сериозна подготовка за вистински генерален штрајк и решителност на нивото на онаа што беше присутна на Петти октомври.
Една од главните работи што следното движење мора повторно да ја преиспита е неговата поврзаност и соработка со напредниот и организиран дел од работничката класа во Србија. Важноста на класната политика во борбата, не само против СНС, туку и против сè што таа претставува, не може доволно да се нагласи. Притисокот што организираната работничка класа може да го изврши врз српската владејачка класа, во сојуз со студентското движење, без сомнение многу побрзо би ја развил борбата и би довел до поголеми победи.

Интензивирање на класната борба во Југославија
Првите ерупции на гнев и протестна мобилизација во Македонија можевме да ги видиме кога дваесет и двегодишна девојка беше убиена во сообраќајна несреќа. Неколку илјади луѓе се собраа на протест, чувствувајќи гнев поради тоа што млади, пијани синови на богати и влијателни родители можат да се однесуваат бахато, без да размислуваат за потенцијалните кобни последици што тоа може да ги има.
Ситуацијата ескалираше на многу повисоко ниво со пожарот во Кочани на 16 март, во кој загинаа 61 лице, претежно млади луѓе, а повеќе од 100 беа повредени. Во Кочани владееше состојба на бунт, при што беше демолиран уште еден локал на сопственикот на дискотеката во која се случи пожарот, зградата на општината беше засипана со камења, полицијата немо го набљудуваше сето тоа, а протестот заврши пред куќата на градоначалникот.
Сето ова се случуваше еден ден по најголемиот протест во историјата на Србија, па власта, учејќи од грешките и неспособноста на властите во Србија, брзо спроведе апсења на клучни лица во тој мал град, за да ја спречи можноста за создавање револуционерна ситуација во државата, слична на онаа кај соседите. Двата протеста во Скопје собраа повеќе од 10.000 луѓе, но ова сè уште не се материјализираше во појасно изразување на класниот гнев.
Причината лежи во тоа што несреќата се случи во мало место на периферијата на капитализмот, каде што тешкиот живот и трагедиите имаат помала можност пошироко и подлабоко да влијаат врз свеста на луѓето од целата држава. Слични несреќи видовме и во останатиот дел од Македонија, како и во Јабланица во Босна и Херцеговина, но дури смртта на студентот во Сараево предизвика бран на продолжени протести предводени од младите, при што трагедиите во Сараево и Јабланица беа поврзани како делови од една целина. Потенцијалот за вакви несреќи расте со кризата на капитализмот и, доколку се случат нови трагедии од ваков тип во Скопје, тоа би можело забрзано да предизвика нов бран протести во земјата.
Покрај ова, треба да додадеме дека во времето на случувањето на трагедијата, моменталната гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ беше само 9 месеци на власт и тоа го користеше како адут во своја полза, обидувајќи се пропустите да ги препише на претходната гарнитура на СДСМ која владееше седум години. ВМРО ветуваше „ресет на системот“ и успешно го искористи овој грејс период. Доколку ВМРО-ДПМНЕ беше на власт повеќе години, веројатно ќе имавме поинаков епилог и поголема протестна мобилизација.
Треба исто така да се забележи дека работничката класа во Македонија во претходниот период беше една од најборбените во Југославија. Она што започна како неколку изолирани штрајкови, постепено се материјализираше во обединет класен бунт.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), како и целата работничка класа, беа мета на власта, која се обидуваше да подготви терен за спроведување антиработнички мерки со цел уште поголема експлоатација на работниците. Но ССМ на овие напади не реагираше со жалење и помирување со новата реалност, туку под притисок на своето членство постепено тргна кон ескалација на борбата. Неговото раководство не ја исклучува можноста за генерален штрајк, а едно од главните офанзивни барања е зголемување на минималната плата од околу 400 на 600 евра.
Тие организираа протест со неколку илјади присутни, со поддршка од други синдикати, несиндикализирани работници, па дури и од опозициски партии. На него не се воздржуваа да ги обвинат и власта и газдите дека работат заедно против работниците. Во комбинација со веќе растечките фрустрации поради арогантноста на македонскиот капитализам, кој, како што гледаме, има најтрагични последици за работните луѓе, младите и пензионерите, претстојниот период дефинитивно изгледа како најава за ескалација кон директен класен судир меѓу газдите и работниците.

Што се однесува до Босна и Херцеговина, кон крајот на минатата и почетокот на оваа година видовме неколку собири за поддршка на студентското движење во Србија, кои се одржаа во Сараево, Бања Лука и Бијељина. Под директно влијание на студентското движење во Србија, во текот на пролетта се одржаа неколку протестни собири во Сараево организирани од неформалната група студенти под називот „Ќе биде ли таа промена“. Главните барања на овие протести беа покренување истрага за одговорноста на властите за смртта на 27 лица по поплавите и активирањето на каменоломот во Јабланица во октомври 2024 година.
Паралелно со овие протестни собири, во текот на пролетта видовме редовни собирања и маршеви на неколку илјади граѓани во Зеница. Овие протести се одвиваа во некогашниот индустриски центар на овој дел од Босна и Херцеговина, кој за време на приватизацијата и транзицијата беше претворен во урнатини што сведочат за некогашниот сјај на градот. Главните барања на овие протести, под називот „Зеница се буди“, беа усвојување итни мерки за сузбивање на инфлацијата, намалување на даночните оптоварувања на трудот, ограничување на растот на платите во јавните институции, транспарентност во трошењето на буџетските средства, зголемување на пензиите и мерки против врсничкото насилство. Исто така, и од овие собири беше побарана истрага и одговорност за несреќата во Јабланица.
За состојбата да биде уште полоша за Зеница, но и за цела Босна и Херцеговина, во последните недели актуелно е и гасењето на производството во зеничката железарница, која по приватизацијата и поради неможноста на властите во БиХ да го заштитат домашниот пазар, не е во состојба да работи профитабилно. На ова треба да се додаде и затворањето на Коксарата (металуршка фабрика) во Лукавац и рудникот во Љубија кај Приједор по нивната приватизација, со што целиот преостанат индустриски сектор во БиХ се наоѓа пред колапс. Ова ќе има погубни последици за економијата на БиХ бидејќи новите сопственици на овие претпријатија ќе го распродаваат имотот, а земјата ќе ја стават во целосна зависност од странскиот капитал во сите стопански сектори. Во наредниот период ќе видиме дали затворањето на овие претпријатија и отпуштањата на работници ќе доведат до одбрана на егзистенцијата на работничката класа и заедниците поврзани со овие индустриски комплекси, како и до подем на класната борба, како што видовме пред неколку години кога рударите во Федерацијата на Босна и Херцеговина се мобилизираа во одбрана на своите работни места.
Во Република Српска, во меѓувреме, се водеа еколошки борби против нелегалните рудници. Протести се одржуваа во Угљевик и Лопаре против најавите за ископување литиум, додека во Приједор граѓаните се собираа барајќи затворање на рудниците за лигнит во околните села. Овие протести не само што го покажаа расположението против ентитетските власти и владејачката коалиција, туку и антикапиталистичкиот инстинкт, бидејќи на обичните луѓе сè појасна им станува врската меѓу политичарите, власта и крупниот капитал, кој го намирисал профитот таму каде што сè уште не уништил сè до крај, а тоа се земјата и водата.
Погоренаведените борби не беа ограничени само на граѓански собири што обединуваа различни слоеви на општеството, туку имаше и штрајкови. Работниците од Термоелектраната Угљевик штрајкуваа против намерата на властите во Република Српска да приватизираат дел од рудникот, со што се доведува во прашање и работата на самата термоелектрана, стотина работни места и самиот опстанок на локалната заедница. Зеничките рудари протестираа против затворањето на јамите во рудникот во Зеница и против незгрижувањето на рударите кои стекнале право на пензија. Да ги споменеме и неколкуте штрајкови на здравствените работници во Кантонот Сараево и Херцеговско-неретванскиот кантон. Барањата на овие штрајкови беа зголемување на платите, почитување на работничките права и подобрување на работните услови.
Сите овие борби го одржуваа расположението кое особено меѓу младите експлодираше кога во трамвајска несреќа беше убиен студентот Ердоан Моранкиќ, а тешко беше повредена седумнаесетгодишна девојка на која мораше да ѝ биде ампутирана ногата. Како и во Србија, младите беа тие што го покренаа бранот протести кои траеја неколку недели.
Ова претставуваше најголема мобилизација на масите по движењата „Правда за Џенан“ и „Правда за Давид“, како и нов бран на будење на младите во БиХ. Протест на солидарност беше одржан и во Бања Лука, што зборува за продолжување на тенденцијата на поврзување на фактот дека несреќите на сите народи во БиХ всушност имаат ист корен. Протестите и нивните барања не се кристализираа јасно, поради недостаток на водство и структури како студентските пленуми, кои би биле средство за одредување на насоката на движењето, но овие протести дефинитивно се одраз на расположението на дел од младите во БиХ, како и одек на револуцијата во Србија, чии причини беа многу сродни со оние во Сараево.

Во мај 2024 година беше формирана една од најконзервативните влади во последните три децении во Хрватска. Владата, формирана од коалицијата на ХДЗ и Домовинското движење, воведе широк спектар конзервативни измени во законите и министерствата. Од Министерството за демографија, кое неодамна формираше Совет за раѓање составен од 35 мажи и 5 жени, до радикализацијата на десничарскиот наратив на кој сведочиме во последните две години.
Со развојот на револуцијата во Србија се појавија различни симпатии и изрази на солидарност со движењето и во Хрватска. За тоа сведочат неколкуте протести одржани во текот на последната година. Сепак, реакцијата на владејачките кон оваа солидарност беше остра и дополнително го заостри доминантниот антисрпски и антијугословенски националистички наратив.
Во изминатата година сведочевме на различни ескалации и напади врз Србите, имигрантите и женските права во Република Хрватска.
Исто така, се одржа наводно најголемиот концерт во историјата на човештвото, таканаречениот концерт на Томпсон на Хиподромот, на кој присуствуваа повеќе од 100.000 луѓе.
Со оглед на тоа што националната идеологија во Република Хрватска делумно се заснова на прифаќањето на тезата на Фрањо Туѓман, првиот хрватски претседател, дека НДХ всушност била творба која ја претставувала желбата на хрватскиот народ кон самостојна држава, властите уште од создавањето на современата Република Хрватска кокетираат со величење на усташката марионетска држава.
Сепак, општеството во Хрватска отсекогаш покажувало голема поларизација. Како последица на заострувањето на наративот и нападите врз Србите и имигрантите, на 30 ноември 2025 година се одржа протестот „Обединети против фашизмот“.
Според проценките, на протестот учествувале меѓу 10 и 20 илјади луѓе само во Загреб, а истовремено маршеви биле организирани и во Сплит, Риека, Пула и Осиек. Тоа суштински покажува дека барем кај дел од работничката класа во Хрватска не постои одобрување за таквата шовинистичка политика.
На протестот, покрај нашата интервенција, се појавија транспаренти со натписите „Балканска федерација без држави и нации“. Говорот одржан на Плоштадот на бан Јелачиќ беше исполнет со револуционерна партизанска реторика. Се бараше братство и единство меѓу Србите и Хрватите, а главниот повик беше „Смрт на фашизмот, слобода на народот!“ (СФСН), традиционалниот партизански поздрав.
Освен тоа, протестот од 8 март 2026 година покажа исто ниво на радикализација. Отворено се зборуваше за работничката класа, потребата од револуција и за братството и единството.
Паралелно со тоа, беше организиран голем протест на сите три синдикални централи во Република Хрватска, што е многу ретко со оглед на тоа што тие често не соработуваат. Синдикатите на главниот плоштад побараа зголемување на просечната плата на реален износ од 2.000 евра, колку што е проценета минималната потрошувачка кошничка во Хрватска.

Иронично, еден од протестите против странските работници и самиот во својата содржина се занимаваше со класни прашања, но својот гнев го насочуваше многу повеќе кон припадниците на работничката класа од друго потекло, отколку кон сопствената владејачка класа која ги експлоатира и домашните и странските работници. Но, иако владејачката класа сака да ужива во дополнителната експлоатација на странските работници и во извлекувањето поголеми профити од нив, и тука се покажа дека таа повеќе не може да се чувствува комотно.
Дополнително, во трговскиот синџир Плодине се случија два штрајка, а во еден од нив клучна улога имаа странските работници. Неколкумина од нив се приклучија на Независниот синдикат на работниците на Хрватска и, по заканите со отказ и одземање на дозволите за престој од страна на менаџментот, започнаа штрајк. Газдите брзо попуштија, заканите кон работниците беа повлечени, а нивните плати беа зголемени за 100 евра.
Ова е одличен пример колку е бесмислено гневот да се насочува против странските работници, кога дури и тие на домашните работници им покажаа како треба да се води борба против газдите, и покрај нивната понесигурна положба, како и тоа дека работниците се посилни кога се обединети. Штрајковите сè повеќе ќе се покажуваат како мост меѓу домашните и странските работници, бидејќи имаат заеднички противник.
Покрај југословенските републики, важно е да се осврнеме и на остатокот од Балканот. Доволно е да се потсетиме дека минатата година бевме сведоци на протести од огромни размери во Грција, по повод две години од железничката несреќа во Темпи, како и во Истанбул поради апсењето на опозицискиот градоначалник Екрем Имамоглу. Демонстрациите во Грција повторно се одржаа и на третата годишнина од несреќата, бидејќи, како и во Србија, сè уште не е добиена никаква правда.
Кон крајот на минатата година, на масовните протести и револуциите на генерацијата Z ѝ се приклучи и Бугарија, каде што беа одржани неколку протести со повеќе од 100.000 учесници. Она што започна како протест против буџетот за 2026 година брзо доведе до пад на владата во Бугарија, а на крајот ескалираше во борба против влезот на Бугарија во Еврозоната. Земјата веќе се наоѓаше во постојана парламентарна криза, со осум избори во последните четири години, но овојпат токму масите беа тие што ѝ пресудија на владата. Дури 70% од Бугарите ги поддржуваа овие протести, што покажува колку е дискредитиран бугарскиот политички естаблишмент.
Многу симболично беше тоа што протестите во Србија, Бугарија и Сараево го усвоија истиот шеговит слоган: „Кој не скока, тој е…“ – ќаци, дебел или крадец. Исто така, и во Србија, и во Бугарија, и во Хрватска можеа да се видат знамиња од One Piece. Ова покажува дека младите сосема природно ги поврзуваат сите наши балкански и светски борби во една заедничка борба против корумпираниот систем.

Повик за мобилизација
Повеќе од очигледно е дека капитализмот се наоѓа во толку длабока криза што поголемо изненадување е ако некој смета дека се наоѓаме во каква било нормална фаза на овој систем. Од 2022 година наваму имаме три војни со глобални последици, во Украина, Палестина и сега Иран, како и голем број посреднички војни какви што се оние во Јемен, Судан, Либија, Сомалија, Сирија и други. Ја имавме и корона-кризата, во која системот се покажа како целосно неспособен и неподготвен да се справи со неа. Насекаде гледаме парламентарни и политички кризи, како и опаѓање на животниот стандард, особено предизвикано од инфлацијата која не изгледа дека наскоро ќе исчезне.
Од друга страна, имаме масовни протести, генерални штрајкови и форми на организирање како пленуми и собири. Не постои континент што пасивно ја прифаќа оваа неподнослива состојба. Дури и земјите за кои сакаме да се шегуваме дека се здодевни доживуваат вакви потреси. Она што треба да се забележи е дека повеќето од овие мобилизации сè уште не произлегуваат директно од економската криза, туку од нејзините политички последици, како што се геноцидот во Палестина, дејствувањето на ИЦЕ, несреќите како оние во Нови Сад, Кочани, Јабланица и Сараево.
Дури и кога станува збор за прашања од економски карактер, масите го изразуваат својот гнев поради ексцесите на владејачката класа, како во случаите на Индонезија, Непал и Источен Тимор, додека истовремено не им дозволуваат на владите да спроведат антиработнички буџети, како што видовме во Франција и Бугарија. Не се поштедени ниту земјите што навистина доживуваат економски колапс, како што покажаа примерите на Шри Ланка и Мадагаскар. Што и да направи или не направи, владејачката класа ја очекува неверојатен гнев со кој нема да знае како да се справи.
Еден од најголемите проблеми со кои ќе мора да се соочи целиот свет е климатската криза. Нејзините последици во периодот што доаѓа ќе имаат сè полошо влијание врз биосферата на Земјата, врз сите растителни и животински видови, а со тоа и врз човечкото општество. Таа криза претставува сè поголем товар за човештвото преку влијанието врз земјоделството, здравството, инфраструктурата и многу други сфери на економијата, а со тоа и преку политичките и економските притисоци како климатските миграции и големите бранови незадоволство што ќе ги предизвика. Капитализмот и владејачката класа не се способни да понудат решение, туку или претпочитаат да ја закопаат главата во песок додека со полна брзина се движат кон бездната, или нервозно бараат половични решенија и компромиси што нема да бидат способни да ги спроведат. Капитализмот не може ниту на работничката класа ниту на човештвото да им понуди излез од оваа криза. Поради тоа, и еколошката и општествената нестабилност ќе продолжат да растат.
Стабилноста не се гледа никаде на хоризонтот. Очигледно е дека најлошото сè уште не ни пристигнало. Стагнацијата во бројни економии, особено во Европската Унија, во комбинација со растечките цени, огромните државни долгови, зголемувањето на воените буџети и намалувањето на социјалните давања, неизбежно ќе доведе до ситуација во која владејачката класа ќе се обиде да започне отворена офанзива против работничката класа. Но, како што гледаме, нема никакви шанси тоа да помине без нејзин одговор.
Од една страна, влеговме во нова фаза на класната борба. Стана вообичаено да гледаме работи на кои порано воопшто не бевме навикнати. Вреди да се истакне дека Соединетите Американски Држави првпат јасно губат во војна со една помала земја, настан каков што не се случил уште од Виетнам; дека штотуку доживеавме бран револуции на генерацијата Z; дека во Италија беше одржан политички генерален штрајк; дека Србија, земја од периферијата на капитализмот, беше централна точка на револуционерни превирања во Европа и формираше масовни демократски тела како пленуми и зборови; дека во Индонезија масите палеа вили на политичари, а во Непал камшикуваа министри. Не останува камен врз камен од старото време на бавен развој.
Но, ова истовремено треба да биде и предупредување. Иако владејачката класа е затечена, овие настани можеби се без преседан во текот на нашите животи, но не се без преседан во историјата. Она во што мора да бидеме сигурни е дека покрај големите борби и штрајкови ќе гледаме и уште побрутално лице на капитализмот: масовни отпуштања и невработеност, не само кај нас на периферијата, туку и во срцето на империјалистичките земји. Работниците ќе штрајкуваат храбро, но ќе гледаме и полиција што со сила ги разбива штрајковите. Државниот апарат сè помалку ќе биде способен да одржува каков било општествен поредок. Ќе се случуваат нови воени ескалации кои ќе ги надминуваат претходните.
Со какво темпо ќе се развиваат овие настани не е прашање на марксизмот, бидејќи тоа не може да се предвиди. Но, како што марксизмот ни помогна да не бидеме шокирани од сегашната состојба, туку подготвено да ја дочекаме, така ни нуди можност да ги согледаме тенденциите на нејзиниот понатамошен развој.
Ова отвора две прашања. Ако тенденцијата на капитализмот покажува дека сè што може да ни понуди е ужас без крај, тогаш колку подоцна се организираме за да го урнеме, толку подолго ќе ги трпиме сите кобни последици што неговиот опстанок ги носи со себе. Од друга страна, ако марксизмот и нашата интернационала постојано ни нудат точни перспективи за тоа каде се движи светот и како да се бориме против тоа, тогаш зарем не е време да се организираме и да ѝ се приклучиме на интернационалата која е способна да се справи со новонастанатата ситуација?
Човештвото во себе носи огромен потенцијал. Целото општество чувствува притисок дека живее во систем кој целосно се спротивставува на неговите лични и колективни стремежи. На повеќето луѓе не им се потребни војна и сиромаштија, а сепак сме принудени да ја трпиме оваа состојба. Но зошто би ја трпеле? Работниците и младите луѓе имаат многу поубави начини да го проживеат својот живот отколку да го трошат на работа каде што не се ценети, во цинизам поради наводно непоправливата состојба, во страв од сиромаштија, војна и смрт.
Ние не ја градиме нашата интернационала за некаков социјализам во некоја далечна иднина. Ја градиме за социјализам во текот на нашиот живот. Затоа не чекајте вистинската организација да падне од небото, затоа што токму во неа гледате!

