На 5та седница на Советот на Општина Битола одржана на 29.01.2026 година се донесоа малтене скандалозни поскапувања на јавните услуги кои се под општинска надлежност. Со други зборови поскапеа давачките ѓубретарина, гробно место и одржување, сместувањето во јавните градинки и јавниот старски дом, како и јавните паркинзи. Новите цени кои се донесени на оваа седница, изгласани од советниците на владејачката ВМРО ДПМНЕ со коалицијата и нивните соработници од ЗНАМ, изнесуваат дека собирањето на комуналниот отпад по метар квадратен за станбен простор на физичко лице се зголемува од досегашните 2,80 денари на 4 денари, а за дворно место од 0,17 на 0,24 денари, без ДДВ. За јавно зеленило за физички лица од 30 на 42 денари месечно, а за одржување на меѓугробен простор од 333 денари на 450 денари. Понатаму сместувањето во јавниот старски дом од 9711 денари на 11 737 денари и тоа за подвижни лица, а за неподвжни од 12.000 на 15.000 денари. Што се однесува на градинките, услугата која чинеше месечно 1490 денари сега чини 2000 денари.
Но, покрај овие зголемени цени, во јавноста најсилно одекна веста за поскапувањето на јавниот паркинг кој во центарот или во зоната А сега ќе изнесува 50 денари по час, за разлика од претходно кога изнесува 30 денари за 2 часа, и по 25 денари за секој следен час, додека пак за цел ден 150 денари. Односно за еден работен 8 часовен дена изнесуваат неверојатни 400 денари.
Но, доколку се загребе барем малку под површината, веднаш можеме да ги согледаме вистинските причини за овој потег. Последните јавно достапни информации за фискалната состојба на јавните општински претпријатија се од средината на 2025 година и се однесуваат на состојбата според завршните сметки од 2024 година. Во бројки тоа изгледа вака: ЈП Водовод загуба од преку 987 илјади евра, ЈП Комуналец загуба од 955 илјади евра, ЈП Нискоградба со загуба од 340 илјади евра, ЈП Паркинзи со загуба од 52 илјади евра и ЈП Пазари со загуба од 45 илјади евра. Вкупно загубата на овие пет јавни претпријатија изнесува околу 2,5 милиони евра. Краткорајното „решение“ на властите е со подигнување на давачките за услугите да се намали нивниот долг. Но, со оглед на начинот на функционирање на хаотичната економија, без никакви планирања што е главната економска карактеристика на капитализмот, јавните претпријатија ќе продолжат да трпат огромни загуби и оваа мерка нема да придонеси за нивно подобрување, туку само додатно ќе го оптерети семејниот буџет.

На ова треба да се додадe дека во рамки на периферна капиталистичка држава, во која владејачките партии ги користат јавните претпријатија за вработување на својот партиски неквалификуван кадар за возврат на гласови, додатно се влошува состојбата на јавните претпријатија бидејќи стануваат сe` поголеми загубари без притоа да имаат било каква квалитетна јавна услуга. Во суштина крајниот епилог во даден момент ќе биде наметнат за приватизација на јавните претпријатија, со што цените на месечните задолжителни давачки ќе бидат регулирани од прифитерските мотиви на сопствениците во рамки на „слободниот пазар“. Оваа формула како што е познато е секогаш погубна за обичните граѓани, односно за работничката класа.
Како што споменавме, цената на паркингот во центарот на градот за еден работен осумчасовен ден минимум би чинела 400 ден. Доколку еден работник кој работи во угостителски објект или во фирма во центарот на градот или во близината на центарот на градот, паркингот на месечно ниво би го чинел преку 9000 денари. Доколку ги земеме во предвид официјалните податоци за просечна плата во Македонија која изнесува околу 45.500 денари, цената за месечен паркинг би изнесувала една петтина односно 20% од платата на работникот. Треба да се знае дека за најголем дел од работниците оваа статистичка пресметка на просечна плата е идеално сценарио, бидејќи 75% од работниците работат за плата помала од просечната, согласно податоците на синдикатот. Ова особено важи за работниците кои се надвор од главниот град Скопје што во превод значи дека трошокот за паркинг ќе биде и поголем од овие 20%. Кога на ова ќе се додаде дека јавниот превоз во Битола е потполно нефункционален, скоро непостоечки, а исто така, ниту во поголемиот дел од градот не постои велосипедска инфраструктура, се поставува прашањето, како работниците кои живеат во подалечните делови од центарот на градот, ќе пристигнуваат на своите работни места?
Истиот метод на анализа може да се примени и за другите поскапувања кои ги споменавме, односно јасно е видлива состојбата со хигиената во градот, старите контејнери, нефункционалните и малку камиони за собирање на ѓубре кои често се расипани и се вложуваат огромни средства за нивно одржување, како и едноставно недоволната механизација за одржување на градската хигиена од страна на комуналното претпријатие.
Единственото решение на овие суштински проблеми лежи во сосема поразлично функционирање на економскиот систем, односно во социјалистички систем каде има демократски планирана економија. Тоа значи дека, јавните претпријатија кои се задолжени за овие услуги треба да ги оптимизираат своите расходи, од кои најголеми се склучувањето на сомнителните тендери со приватни фирми блиски до владејачките елити, за дополнување на нивните непостоечки капацитети за разните услуги, но исто така, и за оптимизирање на вработените кои не се вработуваат по потреби на претпријатието или по стручни компетенции, туку по партиски клуч. Поради тоа можеме да видиме една парадоксална ситуација каде имаме превработеност во јавните претпријатија, а од друга страна недостасуваат теренски работници, стручни работници итн. Затоа во демократски планирана економија овие аномалии ќе бидат отстранети, бидејќи јавните услуги се општествено добро и работат во интерес на сите нас.
Како директно погодена класа од овие поскапувања, ние мораме да се спротиставиме на поскапувањата, бидејќи прво, влијаат на нашиот семеен буџет, второ, не добиваме скоро никаква јавна услуга за тоа што плаќаме, а трето, крајниот епилог ќе биде приватизација на јавните услуги, со што нема веќе да бидат услуги за нас како работничка класа, туку единствено за привилегираната класа која ќе може да дозволи приватен старски дом или градинка. Поради тоа, РКС ќе го поддржи секој обид за протест на овие мерки за поскапување.
