На 28 јануари во Скопје се одржа голем работнички протест во организација на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), најголемата синдикална централа во Македонија. Покрај синдикалното членство и активисти, на протестот беа присутни и многу несиндикализирани работници, а протестот исто така доби поддршка и од 5та сила, помала синдикална конфедерација која повика на протест. Другарите од нашата организација РКС беа исто така присутни и дадоа поддршка на протестот. Протестот доби поддршка од повеќе организации и активистички групи, како и од најголемите опозициски партии. На протестот му претходеше подготовка и неколку недели „загревање на атмосфера“ од страна на ССМ. Централното барање на протестот беше покачување на минималната плата на 600 евра и раст на сите останати работнички плати за 100 евра. Моментално, минималната плата изнесува околу 400 евра и со најавеното усогласување напролет ќе изнесува околу 425 евра, што значи дека две вакви минимални плати не би пополниле минимална синдикална кошничка во едно четиричлено семејство која изнесува над 1000 евра.
Согласно проценките кои се движат за најмалку 4.000-5.000 присутни, ова со сигурност претставува најголемиот работнички протест во Македонија во последните десетина години, што говори во прилог на нашите тези за заострување на класната борба и притисокот кон работничката класа.
Околу овој протест има неколку битни елементи кои мора да се подвлечат.
Прво, очигледно е дека синдикатот има стратегија да не попушта и да продолжи со притисокот. Веќе се одржаа најавените блокади на Собранието, стопанските комори и Владата за 10, 12, и 17 февруари. Согласно најавите, во игра е и генерален штрајк што би било огромен чекор напред во класната борба, особено ако знаеме дека кај нас немало вистински генерален штрајк од 2000 година, односно повеќе од 25 години. Делумно имаше обид за организирање на генерален штрајк во јуни 2022 година од страна на ССМ.
Второ, атмосферата на самиот протест беше доста наелектризирана и на секој чекор се чувствуваше гневот на работниците кон целиот систем и нивната одлучност за борба. Протестот делуваше борбено и моќно и не беше уште една класична протестна прошетка на активистичките слоеви.
Трето, сосема исправно, револтот не се насочува само кон политичките претставници, туку и кон центрите на економска моќ. Во синдикалните говори и пристапот не беа поштедени стопанските комори и цело време се алудира на тоа дека владата и газдите работат заедно и синхронизирано против интересот на работничката класа што дополнително го исцртува класниот судир во нашето општество.
Четврто, владата е решена да оди „на нож“ и да не покаже слабост и попустливост кон синдикалните барања. Владините претставници упорно изјавуваат дека синдикалното раководство „не сака договор“ и е „политички инструирано“. На власта и е јасно дека секое попуштање ќе ѝ ја врати довербата на работничката класа во сопствената сила и секој преседан ќе отвори нови фронтови во иднина.

Синдикалните барања, вака како што се поставени, сериозно го поставуваат прашањето за одржливоста на периферната капиталистичка економија кај нас и (не)можноста за нивно исполнување во рамки на сегашниот систем. Работничката борба го дестабилизира и онака кревкиот социоекономски поредок во оваа периферна земја. Затоа, вреди да се потсетиме на она што го напишавме пред неколку месеци:
„Синдикалното водство како напреден слој на работничкото движење, чија должност не е само да застапува синдикални барања, туку да ги втурнува работниците и во политичка борба, нужно е да се произнесе и со политички барања. Борбата за зачувување и унапредување на животните услови мора да се поврзи со пошироката политичка слика.Работниците мора да се припремат за напад, бидејќи тоа е најдобрата одбрана. Мора уште на самиот почеток, работниците да ја разберат нивната улога во општеството, а тоа е дека тие се темелот на секое развиено и современо општество. Моќта лежи во нив, а синдикалното водство има задача да ја разбуди и канализира таа моќ, кон отворено политички барања за промена на начинот на функционирање што е единствен спас и излез од целата оваа ситуација. Работничката класа го има потребното знаење и историско искуство за да го реорганизира ова општество и да создаде нови институции преку кои демократски ќе ја планира економијата и целокупното живеење.“
