Зад големите инфраструктурни проекти што изникнуваат во Македонија, а и на просторот на поранешна Југославија – автопати, мостови, брани и хидроелектрани – постои една скриена реалност која ретко допира до јавноста. Додека официјалниот дискурс зборува за развој, инвестиции и напредок, паралелно функционира еден затворен систем на труд, изолација и контрола. Тој систем се манифестира преку работничките кампови, кои претставуваат еден од најјасните примери на современ империјализам и модерен колонијализам во пракса.
Овие работнички кампови најчесто се сместени во напуштени објекти од поранешни касарни или во монтажни, привремени конструкции, изградени во близина на самите градилишта. Формално, тие се оправдуваат како логистичка неопходност. Во суштина, тие се внимателно организирани простори на контрола. Во нив, работниците не само што работат, туку и живеат, јадат, спијат и егзистираат во целосна изолација од околината.
Излегувањето надвор од делокругот на кампот е строго забрането. Нема слободно движење, нема спонтан контакт со локалното население, нема учество во јавниот живот. Кампот не е обично сместување, туку затворен микросвет во кој работничката класа е физички и социјално одделена од општеството. Оваа изолација не е ниту случајна ниту привремена. Таа е системска мерка, дел од поширока стратегија на дисциплинирање, контрола и замолчување.
Контролата не завршува со физичките огради. При секоја деловна соработка со надворешни компании или институции, на работниците им е строго забрането да споделуваат лични податоци. Името, презимето, контактите и било каква лична идентификација се исклучени од комуникацијата. Наместо тоа, службената размена на информации се одвива преку електронски адреси составени од случајни комбинации на букви и бројки, без препознатливост и без човечки лик.
На овој начин, работникот се претвора во шифра. Анонимноста не служи за негова заштита, туку за негово бришење. Таа го олеснува заменувањето, прикривањето и негирањето на одговорност. Во ваков систем, работникот не постои како личност со човечки права, туку како трошок и алатка во поголем механизам.
Кога комуникацијата мора да биде директна – на состаноци со технички инженери, инсталатери или лица задолжени за набавки – таа никогаш не се одвива слободно. Секој ваков состанок е задолжително надгледуван од надзорен партиско-корпоративен претставник, лице кое ја има последната одлука и контролира што смее, а што не смее да биде кажано. Овој надзор јасно покажува дека професионалното знаење и експертизата се подредени на политичко-корпоративни интереси, а не на јавниот интерес или безбедноста на работниците.
Особено мрачен аспект на ваквата изолација и тајност е поврзан со честите несреќи на големите градилишта. Тешките услови за работа, долгите смени и притисокот за исполнување рокови неретко резултираат со сериозни повреди и смртни последици кај работниците. Намерната изолација на камповите, забраната за слободна комуникација и анонимноста на вработените создаваат услови, овие случаи лесно да бидат прикриени, минимизирани или целосно отстранети од очите на јавноста. Кога работникот е одделен од општеството, неговата смрт станува административен проблем, а не општествена трагедија. Кога нема име и презиме, нема ниту одговорност. Тајноста овде не служи за ефикасност, туку како штит од јавна осуда и правна последица.

Покрај директната експлоатација и изолација, ваквиот модел на работа има и долгорочни последици врз состојбата на градежниот сектор во балканските држави. Со масовното ангажирање на работници од земји од т.н. „трет свет“, каде што платите и работничките права се значително пониски, се врши системски притисок врз платите и условите за работа на локалните градежни работници. Стандардот кој со децении се градел, постепено се урива, а локалната работна сила станува неконкурентна.
Овој тренд исто така ја намалува мотивацијата на младите од локалното население да се обучуваат и да се вклучуваат во градежниот сектор, создавајќи долгорочна зависност од евтина, анонимна работна сила. Но вината не смееме да ја бараме во мигрантите, тие се жртви на истиот модел на производство каде профитот е главниот мотив, па намалување на цената на трудот е составен интерес на сопствениците.
Единствени кои навистина профитираа од ваквите договори со странски корпорации се владејачките класи во балканските држави. Со секој склучен договор тие остваруваат коруптивни добивки, додека работничката класа ја плаќа цената – намален стандард, опасни услови, ограничен пристап до знаење и обука.
Овој модел на функционирање не е изолиран случај ниту ограничен во Македонија. Тој е дел од глобален тренд каде што големи корпорации и империјалистички интереси создаваат затворени, изолирани и анонимни работнички простори за да го максимизираат профитот, а истовремено да ја минимизираат одговорноста и да ги поткопаат локалните работнички стандарди ширум светот. Камповите, оградите и анонимноста се само локални манифестации на еден универзален модел на експлоатација.
Капитализмот, во својата империјалистичка фаза, неминовно создава вакви зони на исклучок, каде што законите, работничките права и човековото достоинство се суспендирани во име на добивката и геополитичките цели. Овие кампови не се аномалија, туку логична последица на систем кој го става профитот над животот.
Наспроти ова, комунистичкото уредување нуди суштинска и неопходна алтернатива. Во општество засновано на општествена сопственост, работничка власт и солидарност, ваквите кампови не би имале причина да постојат. Работникот не би бил изолиран ресурс, туку активен и свесен учесник во колективното производство. Инфраструктурата не би служела за империјалистички престиж, туку за реалните потреби на заедницата.
Во такво уредување, работата не би се организирала преку тајност и надзор, туку преку транспарентност и колективна одговорност. Смртта на работникот не би била статистика што се прикрива, туку трагедија што бара одговор и промена. Камповите на тишината би станале непотребни, бидејќи нема потреба да се крие нешто што не е засновано на експлоатација.
Ова сведоштво затоа не е само опис, туку обвинение. Камповите, оградите и анонимноста не се привремени решенија, туку јасни симптоми на еден систем во распад. Излезот од овој повеќедецениски тренд не лежи во козметички реформи, туку во радикална општествена трансформација.
Без империјализам, ваквите кампови и затворени работнички комплекси не би постоеле, бидејќи тие се директна последица на глобалната доминација на големите економски и политички сили кои го ставаат профитот над животот и човековото достоинство. Без експлоатација, безшумните страдања на работниците не би биле скриени зад огради, а нивниот труд не би се претворал во средство за акумулација на богатство на малата владејачка класа. Без капитализам, работникот повторно би станал човек, субјект со човечки права и достоинство, способен да учествува слободно во колективното производство, со безбедни услови за работа и со можност да го обликува сопствениот живот, наместо да биде заменлива алатка на системот.
