Оваа изјава беше едногласно усвоена на летниот состанок на раководството на Револуционерната комунистичка интернационала. Ние велиме: Ја браниме кубанската револуција! Долу американскиот империјализам! Да се бориме за светски социјализам!
Охрабрен од непосредниот успех на нападот врз Венецуела на 3 јануари, американскиот империјализам започна невидена кампања на економско задушување и воено малтретирање на Куба.
Шеесетгодишната блокада е зајакната од почетокот на годината со речиси целосна нафтена блокада, која ја десеткуваше способноста на Куба да произведува енергија со разорни ефекти врз секојдневниот живот на милиони луѓе. Систематската криминална и многу ефикасна кампања на секундарни санкции и дипломатски притисок ги таргетираше сите аспекти на економијата на Куба (туризам, рударство, извоз на медицински услуги, превоз, трговија). Ова е брутална и сурова средновековна опсада со цел да се постигне предавање преку глад.
Економските мерки беа дополнети со арогантни изјави од Трамп и Марко Рубио, измислено обвинение против Раул Кастро, закани за воена акција и провокативни воени летови над островот за собирање разузнавачки информации.
Примарната мотивација за деценискиот напад врз кубанската револуција е фактот дека во 1959 година, мал остров оддалечен 90 милји од најмоќната империјалистичка сила во светот одлучи да го потврди својот суверенитет и, за да го стори тоа, го собори капитализмот, воспоставувајќи планска економија. Затоа американскиот империјализам се плашеше и сè уште се плаши од кубанската револуција како закана за неговите интереси низ целиот континент.
Сите импресивни придобивки од кубанската револуција беа постигнати врз основа на планската економија и укинувањето на капитализмот. Искоренување на неписменоста, бесплатен и универзален образовен систем од предучилишна возраст до универзитет, систем на здравствена заштита без конкуренција, бесплатно домување, очекуван животен век повисок од оној во Соединетите Држави итн. И покрај децениската империјалистичка блокада, придобивките на Куба во човечкиот развој и животниот стандард беа многу понапредни од сличните латиноамерикански држави и поволни споредено со напредните капиталистички земји. Тие даваат увид во тоа што може да постигне планската економија.
Сепак, социјализмот не може да се изгради во една земја. Историјата на кубанската револуција и нејзината тешка состојба денес се силен потсетник на овој факт. Единствените два периода во кои кубанската револуција имаше некаков простор за дишење беа кога беше поврзана со Советскиот Сојуз и кога беше поврзана со Боливарската револуција во Венецуела.
Иако капитализмот беше укинат и имаше масовен ентузијазам за новиот револуционерен режим, на Куба никогаш немаше вистинска работничка демократија. Немаше институции преку кои работниците и селаните можеа директно да ја вршат власта. Бирократизацијата на кубанската револуција има различни извори, но беше зајакната и зацврстена од влијанието на Советскиот Сојуз, особено по 1970 година.
Режимот на планска економија не може правилно да функционира без директна контрола и учество на масите во водењето на економијата и државата. Бирократијата неизбежно води кон лошо управување, расипништво, привилегии за малкумина и корупција.
На крајот, како во Советскиот Сојуз, дел од бирократијата ќе се обиде да стане сопственик на средствата за производство, а не само нивен менаџер.
Сега, под екстремен притисок од удвоениот напад од страна на американскиот империјализам, кубанското раководство одобри низа економски мерки кои, доколку се спроведат, би значеле крај на планската економија и целосна доминација на капиталистичкиот пазар. Многумина меѓу нив се свртуваат кон кинескиот или виетнамскиот модел, каде што капитализмот е обновен, но таканаречената „Комунистичка“ партија останува на власт.
За некои ова изгледа како излез од сегашниот ќорсокак, и постои илузија дека овие мерки ќе доведат до економски раст, а воедно ќе ѝ дозволат на Куба да го задржи суверенитетот. Мораме строго да предупредиме: укинувањето на планската економија би значело уништување на сите придобивки од кубанската револуција (кои сè уште постојат иако многу ослабени). Куба би се вратила во 1958 година: земја доминирана и окована за американскиот финансиски капитал, економски и политички. Мало малцинство би се збогатило, а огромното мнозинство би страдало од сиромаштија, невработеност и беда.
Кога Советскиот Сојуз во 1920-тите, соочен со меѓународна изолација и економски колапс, беше принуден да направи делумни отстапки на пазарот, Ленин јасно објасни дека тие претставуваат чекор назад. Овие отстапки беа придружени со мерки за зајакнување на контролата и надзорот на работниците. Стануваше збор за добивање простор за дишење, кој беше искористен за поттикнување на светската револуција со сите средства.
Најновите економски мерки одобрени во Куба отворија дебата на островот. Многумина кои јасно можат да ги видат опасностите коишто се наметнуваат прашуваат – која е алтернативата?
Коренот на проблемите со кои се соочува кубанската револуција може да се најде во нејзината изолација. Обновениот напад врз кубанската револуција од страна на американскиот империјализам, исто така, го откри банкротот на идејата за мултиполарен свет како прогресивен пат напред. Ниту Кина ниту Русија не направија нешто многу повеќе од давање изјави, а ниту една од таканаречените „прогресивни“ влади во Латинска Америка не се осмели да се спротивстави на малтретирањето од страна на САД.
Единствениот начин таа да се скрши е со ширење на револуцијата во други земји. Во 1960-тите, кубанското раководство притискаше во таа насока, а Че Гевара зборуваше за создавање два, три, многу Виетнами. Генералната идеја беше точна, иако усвоениот метод на герилски фокус се покажа како погрешен во пракса.
Политиката на ширење на револуцијата подоцна беше напуштена, а Куба ја усогласи својата политика со онаа на Советскиот Сојуз. Никарагванските Сандинисти ги советуваа да не го укинуваат капитализмот туку да одржуваат „мешана економија“ со катастрофални резултати. Советот даден на Боливарската револуција во Венецуела беше да не го следи примерот на Куба (експропријација на капитализмот), повторно со катастрофални резултати, што имаше директно негативно влијание врз кубанската револуција, зајакнувајќи ја нејзината изолација.
Единствените сигурни сојузници на кои кубанската револуција може да смета се светската работничка класа и сиромашните маси. Единствениот пат напред е политика на светска социјалистичка револуција (наспроти „мултиполаризмот“ или „борбата против неолиберализмот“). Судбината на кубанската револуција на крајот ќе биде решена на арената на интернационалната класна борба.
Одредени отстапки кон пазарот можеби ќе бидат неопходни, но треба да се објасни дека тие се чекор назад и не претставуваат „усовршување на кубанскиот социјалистички модел“. Тие мора да бидат избалансирани со остра борба против корупцијата и бирократијата, која може да се постигне само преку најшироко учество на работничката класа во водењето на државата и економијата.
Револуционерната комунистичка интернационала ја потврдува својата безусловна поддршка за кубанската револуција и ги посветува своите сили на најшироката можна борба за нејзина одбрана. Поразот на кубанската револуција би бил чекор назад за целата светска работничка класа и револуционерно движење. Посебна должност за нашата американска секција, Револуционерните комунисти на Америка, е да продолжат да го креваат знамето на одбрана на Куба од империјализмот на јенките.
Во крајна линија, изолацијата на кубанската револуција, која се заканува да ја запечати нејзината судбина, е резултат на доцнењето во градењето на потребното револуционерно водство низ целиот свет што може да ја доведе работничката класа на власт. Повторно се обврзуваме да ги удвоиме напорите во градењето на силите на револуционерниот комунизам низ целиот свет.
Долу американскиот империјализам – Ја браниме кубанската револуција – Работници од целиот свет, обединете се!
