
Кога се зборува за компании кои имаат рекордни профити, во јавноста често се нагласува заслугата на менаџментот и скоро воопшто не се споменува кој е вистинскиот извор на вредноста која се создава. Ова јасно можеме да го видиме од анализата неодамна објавена на порталот Фактор.мк, во која беа објавени десетте најпрофитабилни компании во Битола. Заедно овие 10 компании во 2025 година генерирале огромен профит од над 27,2 милиони евра. Само за споредба, вкупниот буџет на Општина Битола за 2026 година се проценува на околу 50 милиони евра. Од друга страна пак, вкупниот број на работници во сите овие наведени компании, според јавно достапните информации, изнесува околу 1650. Со едноставна математика, може да се дојде до заклучок дека секој еден од овие работници создава околу 16.500 евра профит за компанијата во кој/а работи за само една година. Со други зборови, работникот вредно и чесно ја заработува сопствената плата, создава доволно вредност за да се намират сите директни и индиректни трошоци за работењето на компанијата и на крајот од кога сѐ ова ќе се намири, останува вишок вредност од 16.500 евра по вработен, кои претставуваат неплатен труд односно профит за сопствениците.
Сѐ ова нѐ води кон едноставното прашање: каде завршуваат овие мултимилионски профити? Одговорот е релативно едноставен, а тој е во џебовите на газдите, било домашни или странски. Овде мора да потенцираме дека од десетте наведени компании, четири се во странска сопственост, што значи дека овие огромни добивки излегуваат целосно надвор од државата и заедницата не гледа скоро никаква корист од нив. Она што останува е и онака малата стапка на рамен данок од 10%, па така на пример, прворангираната компанија на листата, со добивка од скоро 5.200.000 евра, на крајот на годината платила околу 520.000 евра данок.
Според законот, добивката на сите овие компании се оданочува со рамна даночна стапка од 10 проценти. Тука се поставува прашањето дали рамниот данок е доволен државата соодветно да ги финансира јавните потреби на населението или е потребно воведување на т.н. прогресивен данок. Одговорот на ова прашање, на некој начин, дојде по скромниот и лош обид за воведување на прогресивен данок на доход во 2019 година, кој по само точно една година беше суспендиран, иако самото предложено решение беше доста парцијално и не предвидуваше прогресивен данок на добивка. Овде мора да истакнеме дека дури и прогресивниот данок и прераспределбата на богатството не е трајно решение за проблемите со кои се соочува работничката класа, како тука, така и во целиот свет, но е привремена реформа што комунистите ја поддржуваат. Капиталистичката класа, особено во периферни и полупериферни земји лесно наоѓа начини да ги заобиколи законите кои не и одат во прилог и да ги сочува огромните профити.
Кога зборуваме за профитабилните компании често се користат аргументи дека ова се пристојни работни места кои прехрануваат 1.650 семејства. Тука само би се навратиле на погоре изнесениот податок за распределбата на профитот на релација работник-газда. Ако малку подетално ги погледнеме овие податоци, лесно ќе заклучиме дека во три од овие десет фирми просечната исплатена плата по вработен е далеку под државниот просек (Цермат, ГП Пелистер, ЗД Игнација), а во уште четири од фирмите (Пелагонија, ЕРИ Корп, Стентон, Синпекс) проечната исплатена плата се движи во рамки на државниот просек. Во останатите три компании (Млекара, Киро Дандаро, Интерворкс) просечната исплатена плата го надминува државниот просек. Заклучокот е дека поголемиот дел од овие работни места не можат да се оквалификуваат ниту како средно платени а не пак како високо платени. Дополнително, квалитетот на работното место има повеќе аспекти и не е само платата во прашање.
Често пати сме сведоци на капиталистички жалопојки изразени преку разни системски „експерти“ дека работниците во Македонија не биле продуктивни, односно не создавале доволно вредност, па затоа платите биле мали. Сите тие хорски ни повторуваат дека требало “да ја подигнеме” продуктивноста за да имаме повисоки плати. Оваа пропаганда може лесно да се разбие со податоците кои Сојузот на синдикати на Македонија ги објави согласно кои македонскиот работник создава 34 долари по работен час, а светскиот просек е 23 долари по работен час. Македонскиот работник е за цела третина попродуктивен од светскиот просек. Колку за илустрација работничката класа во Македонија е исто продуктивна колку работничката класа во Бугарија (Бугарија е земја-членка на ЕУ веќе 20 години), а нивото на продуктивност е повисоко отколку во Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија. Платите во овие земји се повисоки отколку во Македонија, што значи дека стапката на експлоатација кај нас е огромна. Во крајна линија, прашањето за продуктивноста е поврзано со условите за работа, технологијата, знаењето, мотивираноста на работниците, а сите овие работи се одговорност на газдите. Не можат да очекуваат магично зголемена продуктивност, доколку не вложат во знаењето на нивните вработени и во нови технологии.
Ние како комунисти се залагаме за достоинствени работни услови и подобро платени работни места. Од досега кажаното, можеме да извлечеме јасна поука дека овие работи не паѓаат од небо и дека истите можат да се добијат преку синдикално здружување на работниците и методи на активна класна борба за одбрана и унапредување на положбата на работничката класа. Тоа е логичен чекор напред во борбата на работничката класа. Но, мора да нагласиме дека во услови на капиталистичка економија сите придобивки се од привремен карактер и истите се често под напад на капиталот и сите негови институции. Работниците го имаат знаењето, историското искуство и силата за да го трансформираат општеството на социјалистички основи и плански и рационално да управуваат со него за добробит на целото човештво.
