Околу 60 проценти од Американците се противеа на војната во Иран уште од самиот почеток. Ако се спореди тоа со 90 проценти од Американците кои ја поддржуваа војната во Авганистан кога започна во 2001 година, веднаш се гледа колкава огромна промена се случила во САД во последните две децении.
Војната во Виетнам дури во 1967 година стана толку непопуларна како што оваа војна е уште од првиот ден. Разликата е што до 1967 година веќе беа убиени повеќе од 11.000 американски војници. Денешната војна сè уште не прераснала во копнена инвазија, иако, судејќи според движењата на трупите, тоа може наскоро да се промени, при што оваа војна ќе се претвори во вистински Виетнам.
Ова е почеток на крајот за движењето МАГА, кое го доведе Доналд Трамп на власт пред само 18 месеци како „претседател на мирот“ кој ќе ги врати работни места и ќе ги намали цените. За Трамп излез од оваа војна не постои, крајот не е на повидок, а горивото од 4 долари по галон е само почеток на поскапувањата.
Искуството директно повлекува линија помеѓу оваа војна и растот на цените на горивата, хипотеките и сите други стоки. Но, во умот на милиони, таа исто така се поврзува со Џефри Епштајн.
Во првите три дена по започнувањето на американско-израелските непријателства против Иран, фразата „Операција Епштајнов бес“ беше објавена 100.000 пати на X. Еден хумористичен видео-клип на Инстаграм забележа дека трошокот за првите 10 дена од операцијата, која го замени ајатолахот Хоменеи со ист ајатолах Хоменеи, е еквивалентен на давање по 30.000 долари на секој бездомник во САД или на 450 „Епштајн острови“.
Иранското раководство добро го разбира тоа и го користи како ефективна пропаганда. „Судбината на драгиот Иран, која е повредна од животот,“ изјави говорникот во иранскиот парламент, „ќе ја одреди исклучиво гордата иранска нација, а не бандата на Епштајн.“
Каква врска има оваа војна со Епштајн? За почеток, мнозинство Американци (52 проценти) веруваат дека нивниот претседател го вовлекол светот во оваа катастрофална војна за да го одвлече вниманието од скандалот со Епштајн. Несомнено, има одредена вистина во тоа.
Но, во умот на многу Американци од средната и работничката класа, врската е многу подлабока. Таа има објаснувачка сила. „Се разбира дека Трамп не се грижи за растот на цените на нафтата. Се разбира дека нема да ја среди економијата,“ ќе си велат многумина, вклучително и разочарани гласачи на Трамп. „Тоа е од истата причина поради која не ги објавува сите документи за Епштајн. Затоа што е дел од Епштајн класата.“
Милиони луѓе јасно ја поврзуваат состојбата на работничката класа дома, империјалистичкото ограбување и насилство во странство, и нелегитимното владеење на една насилна и експлоататорска класа — Епштајн класата. Овие заклучоци се исклучително напредни и точни.
Од тука до идејата за соборување на Епштајн класата и експропријација на нивниот имот има само еден мал чекор.
Епштајн класата
Последните недели на драматични настани беа проследени со едно навистина зачудувачко обвинување, ако се размисли за неговото значење.
По викендот со меѓусебни закани меѓу Доналд Трамп и Иран, цената на нафтата нагло порасна во понеделник, на 23 март. Потоа, во 6:49 часот по њујоршко време, некој направил огромен и изненадувачки облог од 580 милиони долари дека цената на нафтата, иако расте, ќе падне.
Само 15 минути подоцна, Трамп објави на Трут Сошл дека имало „многу продуктивни“ разговори со Иран. Одеднаш, цената на нафтата падна и некој значително се збогати. Овие „многу продуктивни“ разговори беа фикција — отворена лага со единствена цел да им даде краткорочен поттик на пазарите.
Очигледно, некој многу близок до претседателот не можел да ја пропушти можноста да се збогати енормно. Во текот на претседателството на Трамп, инвеститорите забележале јасен тренд на необично тргување што претходи на многу од неговите големи објави.
Ова е таа груба глупост од која американската владејачка класа се плашеше дека ќе ја добие со Трамп. Корумпираното инсајдерско тргување се случува постојано во капитализмот – тука нема ништо ново.
Но, досега тоа се изведуваше со одредена финеса и внимателно одржување на надворешниот привид. Ретко кога било спроведено со ваква глупост, ретко толку отворено и со егоистичко занемарување на општите интереси на капиталистичката класа, кои се подредени на желбата на мала клика за збогатување и самовозвишување.
Зад завесата, Американската Република отсекогаш била она што го покажува скандалот со Епштајн. Таа е игралиште каде што милијардерската елита може да ужива во секакво задоволство, колку и да е изопачено, без последици; каде што политичарите, интелектуалците, медиумите, судството – сите суштински им служат на интересите на оваа класа и се споени со неа.
Сепак, владејачката елита вешто има спуштено „демократска“ завеса над овој сплет. Тој е до срж проткаен со корупција, секако, но тоа (обично) е корупција што се одвива надвор од погледот на јавноста.
Документите за Епштајн го изнесоа сето тоа на виделина. Тие ги открија прецизно ситните детали за тоа како функционира таа корупција.
Како функционира? Постои случај на европски политичар, надвор од функција, кој му се обратил на Епштајн за помош за да добие профитабилна турнеја со говори по западниот брег на САД. Епштајн помогнал. Подоцна, тој политичар споделувал дипломатски информации со него.
Во случајот на поранешниот принц Ендрју, Епштајн му овозможил користење на својот приватен остров и авион. А Ендрју му откривал детали за деловни можности во Источна Азија, произлезени од неговото патување како трговски претставник на Обединетото Кралство. Му помогнал на Епштајн да импресионира богат пријател така што го прошетал низ Бакингемската палата. Тој богат пријател сигурно увидел колкава вредност има пријателството со Епштајн, кој можел дури и да ги поврзе со кралското семејство. Без сомнение, за да го одржат тоа пријателство, тие возвраќале со услуги за Епштајн.
Оваа корупција никогаш не била толку директна како пари во плик. Таа се состоела од многу индиректни услуги. Токму поради својата индиректност, таа е уште потемелна.
Епштајн станал неверојатно богат како незаменлив посредник кој можел да поврзува политичари, дипломати и бизнисмени. Можел да ви обезбеди информации, неформални канали до министри, турнеи со говори, пристап до кралското семејство, врски со врвни адвокати – или пак да тргува со малолетни девојчиња.
Сексуалната злоупотреба на млади девојчиња влегувала во ова само како еден дел од оваа вртелешка од корупција и декаденција, но и како средство за уцена што ги држело сите поврзани. Тоа е производ на чувството на неказнивост, каде што за оваа семоќна елита сè е дозволено.
Трамп и американската капиталистичка класа
Владејачката класа постојано е вклучена во нивоа на корупција што се толку длабоки и сѐопфатни што тие почнале да веруваат дека нема граници за нивните привилегии и дека се недопирливи. Трамп само го изрази тоа на најгруб начин, на загриженост на поинтелигентните претставници на капиталот.
Интересен напис беше објавен од „Фајненшл тајмс“ во 2018 година, за време на првото претседателство на Трамп, насловен „Дискретниот страв на американската буржоазија“, кој го сумираше размислувањето на капиталистичката класа за Трамп:
„[Американската] елита не сакаше кичеста потрошувачка и нискокултурна естетика. Тогаш, како и сега, Доналд Трамп беше на врвот на листата на отфрлени. Неговата победа го зајакна и го разниша нивниот светоглед. Позади скриеното мислење дека Трамп греши, се крие страв чие што име не се осмелува да го изговори. Трамп е одвлекување на вниманието од согледувањето што не може бесконечно да се одложува. Што ќе видат американските елити кога ќе се погледнат самите себе? Прво ќе биде шокот од самопрепознавање…
„Некаде во нашата буржоаска потсвест постои сознанието дека Трамп не е случајност. Тој ни држи напукнато огледало пред нашите илузии.“
Главната замерка на владејачката класа кон Трамп, причината поради која мнозинството од нив се обединија против него на изборите во 2024 година, е токму тоа што тој им држи огледало, покажувајќи им дека тој е исто што и тие.
Но, како неконвенционален играч, нему не му е грижа внимателно да ги одржува интересите на владејачката класа како целина. Тој се грижи само за сопственото лично збогатување, самовозвишување, слава, популарност и местото што замислува дека си го обезбедува во историјата.
Интелигентните стратези на капиталот беа згрозени од подготвеноста на Трамп демагошки и неодговорно да си игра со огромниот гнев на средната и работничката класа кон расипаниот и корумпиран естаблишмент, само за да се издигне до Белата куќа.
Тие знаеја дека неизбежно ќе разочара. И кога ќе ја исцрпи својата поддршка, гневот што привремено го канализирал ќе бара нов излез. Сега сме стигнати до таа точка. И токму неговата грубост, неговото целосно занемарување на државничките формалности, дува силен ветер во тој гнев.
Условите на работничката класа
Во јануари, Доналд Трамп беше домаќин на состанок со нафтени извршни директори во Белата куќа, со единствена цел да ги поттикне да се приклучат кон империјалистичкото ограбување на венецуелската нафта. Повторно, целосно отсуство на било какво прикривање. Медиумите беа слободно поканети да присуствуваат на отворено империјалистичко „распарчување на труп“. Секој американски претседател одржува вакви состаноци – но зад затворени врати!

Овде сè беше направено јавно, во сè поблескавото опкружување на Овалната соба. Денес, таа канцеларија е покриена со позлата, исполнета со златни вазни и мебел со златни украси што го имитираат Рококо стилот што го украсувал дворецот во Версај на Луј XIV. Исчезна надворешната строгост на Татковците-основачи.
Во еден момент, извршните директори му станаа здодевни на Трамп. Тој нагло стана и отиде до прозорецот за да го гледа напредокот на реновирањето од 500 милиони долари на Источното крило на Белата куќа. Претседателот нарачал изградба на балска сала со капацитет од 1.000 луѓе. Како Версај, Белата куќа се украсува со своја „Сала на огледала“.
Ова не се детали што остануваат незабележани. „Секој пат кога одам во продавница за храна, ме фаќа страв“, изјавил млад работник за Ен Би Си Њуз. „Во меѓувреме, ќе градиме балска сала во Белата куќа? Како Американец, тоа ми делува како шамар во лице.“
Дури и пред оваа војна, работниците прибегнуваа кон крајно очајни мерки за да преживеат.
Од 2015 година, има пораст од 235 проценти на Американци кои продаваат крвна плазма на медицински профитни компании. Во САД, може да се продава плазма 104 пати годишно, во споредба со 60 пати годишно во Германија, втората најлиберална земја во светот во однос на законите за донација.
За 64 долари, американски работник може да продаде 10 проценти од својот волумен на крв еднаш на две недели. Потенцијалните симптоми вклучуваат вртоглавица, лесна омалаксаност, замор и мускулна слабост. Не е случајно што овие симптоми се речиси исти како оние на неухранетост, затоа што продавањето плазма буквално значи продавање на хранливите материи од сопствената крв.
Истражувањата покажуваат дека каде што се отвораат центри за плазма во населби – а тие се отвораат низ САД со рекордно темпо – се зголемува и посетеноста на продавниците за храна. Работниците ги продаваат хранливите материи од својата крв не за луксуз, туку за да купат храна што инаку не можат да си ја дозволат!
„Лута сум што работам толку многу, што сум образована, што сум елоквентна, што имам вештини што се бараат на пазарот, а сепак сум сведена на тоа да ја продавам својата плазма“, изјавила сметководителката Џил Чемберлејн од Феникс, Аризона, за Ен Би Си Њуз. „На почетокот се срамев, но сега сум лута. Ова не треба да биде вака.“
Ова беше пред војната со Иран. Тоа беше видот на гнев што Трамп успешно го искористи за време на изборите во 2024 година, кога вети дека ќе ја намали инфлацијата.
Сега, цената на горивото е зголемена за 30 проценти, и тоа е само почеток. Ќе биде потребно време, но последиците од оваа војна ќе се прелеат низ секој синџир на снабдување во светот. Огромната цена ќе ја плати работничката класа, вклучително и во САД.
Многу работници, дури и ако не сочувствуваа со Трамп, барем чувствуваа доза на „злорадување“ додека го гледаа како ги навредува претставниците на либералното крило на владејачката класа. Сега, кога работниците трпат, Трамп има порака за нив, во својот препознатлив стил:
„Краткорочните цени на нафтата, кои брзо ќе паднат кога ќе заврши уништувањето на иранската нуклеарна закана, се многу мала цена за безбедноста и мирот на САД и светот. САМО БУДАЛИ БИ МИСЛЕЛЕ ПОИНАКУ!“
Според тоа, американскиот работник е будала ако не е среќен да ја плати цената што Трамп му ја одредил.
Иднината на војната
Доналд Трамп размислува за политиката како што размислува за недвижнини: користејќи го своето огромно богатство – или, во овој случај, огромната американска огнена моќ – може да ја присили конкуренцијата да прифати пониска понуда. На пазарот на недвижнини, тоа обично му успева.
Тој не е навикнат да губи, но во ретките случаи кога губел, секогаш реагирал многу лошо.

Се вели дека тој и Џефри Епштајн се разделиле затоа што влегле во наддавање за вила од 62.000 квадратни стапки во Палм Бич. Трамп победил, но дури откако Епштајн извлекол значителна сума со тоа што ја подигнал победничката понуда на Трамп на 42 милиони долари.
Токму ова, а не злоупотребата на деца од страна на Епштајн, наводно било последната капка за Трамп.
Иран е уште една ситуација во која тој не може да излезе како победник, и реагира многу лошо. Се` се сведува на хаотично дејствување од очај – од закани, до апсурдни прогласувања победа, па повторно назад кон закани. Нема излезна стратегија и е принуден да продолжи со војна што неизбежно ќе заврши со катастрофа за него, неговата администрација и за американскиот капитализам.
Една недела по почетокот на војната, тој покани евангелистички лидери во Овалната соба да се молат над него и неговата безнадежна мисија. Секако, не штети да се побара божествена помош, бидејќи од друго место очигледно нема да дојде! Апсурдната сцена што беше снимена потсетуваше на „Тајната вечера“.
Самиот министер за одбрана на Трамп, Пит Хегсет, исто така повика на божествена интервенција, барајќи Бог да „ја излее својата лутина“ врз злите и да „им ги скрши забите“ на непријателите.
Некои во офицерскиот корпус на американската армија изгледа се занесени од оваа реторика. Поднесени се најмалку 200 жалби против офицери кои, наводно, им кажуваат на војниците дека ова е религиозна војна, па дури и војна за исполнување на пророштво и донесување на Армагедон!
Меѓу редовите на армијата и морнарицата? Се ширеа приказни дека американски војници саркастично салутираат со изразот „За Епштајн!“. Наводно, тие биле демантирани. Но добро е познато дека маици и џогери биле фрлени во тоалетите на носачот на авиони USS Gerald Ford, а прашањето дали пожарот во пералницата што го направил бродот неоперативен бил подметнат, сè уште е под истрага.
Нема причина да се мисли дека американските војници се посреќни да ја плаќаат оваа војна со своите животи, отколку што работниците се среќни да ја плаќаат на бензинските пумпи.
Се создава впечаток на огромен јаз што ја разделува Трамповата клика и целата владејачка класа од остатокот од општеството.
Местото на Трамп во историјата
Очигледно, силен мотив зад политиката на Трамп е неговата желба да си обезбеди место во историјата како еден од големите американски претседатели – оној што ги врати работните места, го запре опаѓањето на САД и ги расчисти сметките со Венецуела, Куба и Иран, правејќи нешто што ниеден претседател претходно не го направил. Тој сонувал да го консолидира американскиот империјализам како никогаш досега.
Кога беше избран за втор мандат во 2024 година, многумина од т.н. левица исто така мислеа дека ќе успее. Потонаа во депресија, верувајќи дека неговиот избор означува свртување надесно на американската работничка класа и почеток на долг период на реакција.
Кога историјата навистина ќе се напише – години по завршувањето на социјалистичката револуција во Америка – сигурно ќе има многу интересна глава за Трамп. Но таа воопшто нема да наликува на надежите што ги изразуваше Трамп, ниту на очајот што го изразуваше „левицата“.

Тоа ќе покаже како Трамп, обидувајќи се повторно да ја воспостави моќната основа на американскиот империјализам, всушност во огромна мера ги разоткрил неговите слабости и подготвил стратешки пораз на Блискиот Исток.
За првпат, анкетите покажуваат дека повеќе Американци сочувствуваат со Палестинците отколку со Израел – 41 процент наспроти 36 проценти. Само пред една година, среде геноцидот во Газа, 46 проценти од Американците сочувствувале со Израел, а 33 проценти со Палестинците. Ова претставува уште една целосна пресвртница – навистина впечатлив пресврт!
Трамп му даде на светот извонредна демонстрација на ироничното функционирање на дијалектиката во историјата. Откако привремено го канализираше гневот на милиони американски работници против естаблишментот за свои цели, тој се претвори во самото олицетворение на истата онаа монструозна и корумпирана елита против која тврдеше дека се бори.
Наместо да претставува вистинско свртување надесно во САД, Трамп само ја искриви и привремено „јаваше“ на огромната брановидна маса на наталожен класен гнев, кој дури и самиот го поттикна во одреден период.
Тој гнев има потенцијал во наредниот период нагло да го насочи расположението на широките маси работници кон левицата, без никакви меѓустаници. На навистина впечатлив начин, поврзувајќи ги прашањата на класата околу Епштајн, империјалистичката војна и животните услови, свеста на работниците „прескокнува нивоа“ и ги надминува либералните т.н. левичари, кои претходно ги отпишуваа како „заостанати“ и „реакционерни“.
