Смртта на истакнати личности – без разлика дали имаат позитивна или, како во случајот со Ратко Младиќ, негативна историска конотација – секако е можност повторно да се разгорат страстите во општествата создадени врз урнатините на поранешна Југославија. Смртта на поранешниот генерал на Војската на Република Српска и воен злосторник Ратко Младиќ, на 27 август 2026 година, беше уште една можност владејачките елити на југословенскиот простор и нивните медиумски пискарала да го искористат шовинистичкиот и националистички отров за да се обидат дополнително да ги зацврстат етничките поделби. Тоа е прилика работните луѓе од различни народности да се поделат на исклучиво „злосторници“ и исклучиво „жртви“. Целта на ова е секогаш иста: да се сокрие вистинскиот карактер на контрареволуционерните војни од 90-тите години на југословенската територија и на власт да се задржат истите оние елити што произлегоа од убивањето и ограбувањето на работниот народ, без оглед на нивната вера или нација.
Мумифицирањето на воениот злосторник
Веднаш по веста дека Младиќ починал во притворската болницата во Хаг, владејачките елити во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска започнаа со запалива реторика која на моменти потсетуваше на онаа од времето на војните во 90-тите години. Владејачките режими во Белград и Бања Лука, како и српските националисти, ја извлекоа старата приказна за Младиќ како српски херој кој го бранел српскиот народ. Во овој националистички мит, целосно се негираат вината и одговорноста на Младиќ за масовните воени злосторства. Оваа националистичка политика, во која воените злосторници се претвораат во симболи на правдата и одбраната на народот, не е карактеристична само за српскиот национализам, туку за националистичката идеологија воопшто. Секој национализам од злосторниците прави херои и се обидува преку нив да организира симболи на национално единство и да го подели работниот народ на „ние“ и „тие“.
Во Србија и Република Српска, режимите на Вучиќ и Додик приредија десетдневна сага, од моментот на смртта до погребот на Младиќ. На денот на погребот, 7 септември, речиси целиот врв на режимот на СНС се собра во Белград – со исклучок на самиот Вучиќ – како и претставници на опозициските националистички партии. Иако Вучиќ не присуствуваше на погребот, беше јасно дека со негов благослов целата погребна церемонија беше подготвена со државни почести и со присуство на патријархот на Српската православна црква. Ова е стандардното балансирање на Вучиќ меѓу национализмот и ЕУ.
Пресметката на Вучиќ е дека во моментот кога ги распишува изборите за 25 октомври, додворувањето кон српските националисти носи поголема корист. Поради ова, комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, ја откажа својата официјална посета на Белград. На ЕУ ѝ пречи балансирањето на Вучиќ меѓу „европските вредности“ и српскиот национализам, бидејќи вториот традиционално зависи од рускиот империјализам, додека ЕУ има силен интерес во Србија, како регионален фактор, да постои режим посветен на европскиот империјализам и на интересите на ЕУ. ЕУ му го толерира ова на Вучиќ сè додека тој му служи на европскиот капитал и е подготвен да им ги отстапи енергетските ресурси, како што е литиумот на западните компании за експлоатација. За ЕУ е од големо значење да се одржи регионалната стабилност на Западен Балкан, а секој пораст на националистичките тензии од страна на Белград има негативно влијание во соседните земји.

И додека бирократите од ЕУ му даваат зелено светло на Вучиќ за организирање на свечениот погреб на Младиќ, во исто време овие империјалистички лицемери ги поддржуваат Нетанјаху и Израел во геноцидната војна против палестинскиот народ. Исто како што во 90-тите години го поддржуваа распадот на Југославија, а потоа преку Хашкиот трибунал ја „переа“ својата одговорност и крвавите раце кои поддржуваа различни страни во војната, балансирајќи и маневрирајќи според потребите.
На погребот присуствуваше целата политичка елита од Република Српска, вклучително и Додик, како и речиси сите претставници на опозициските партии од овој ентитет. Како што се очекуваше, ова крена голема прашина во регионот, а особено во БиХ. Јасно е дека српските политичари сакаат докрај да одиграат на картата на национализмот и шовинизмот пред изборите и во Србија и во БиХ, со што отворено им се потсмеваат на жртвите на Младиќ. Според проценките, на погребот присуствувале околу 16.000 луѓе. Режимските медиуми, како и другите медиуми во регионот, се обидоа ова да го претстават како голема поддршка за Младиќ во Србија, но беше јасно дека мнозинството присутни дошле по инструкции на режимот – од десничарски и навивачки групи до здруженија на ветерани. Повеќето од овие организации се под контрола на Белград и Бања Лука и служат за мобилизација кога тоа им одговара на Вучиќ и Додик.
Од друга страна, бошњачките политичари и јавноста во Федерацијата Босна и Херцеговина во Младиќ гледаат архетипски криминалец и психопатски касап, кој најмногу наликува на хорор-чудовиштата. Ова е разбирливо ако се земат предвид злоделата на Младиќ врз бошњачкиот народ за време на војната во Босна и Херцеговина: од етничкото чистење, преку крвавата трага на воени злосторства во Приједор и бесмислената четиригодишна опсада на Сараево, па сè до злосторствата во источна Босна што кулминираа со масакрот во Сребреница. Однесувањето на официјален Белград и Бања Лука секако ги допира сè уште свежите рани на голем број припадници на бошњачкиот народ. За Бошњаците, Младиќ е личност што ги олицетворува сите злосторства извршени врз бошњачкиот народ во 90-тите години. Сепак, лесното препуштање на емоциите и сведувањето на војните на територијата на поранешна Југославија исклучиво на националистички злосторства ја попречува можноста за објективна оценка на карактерот на војните од 90-тите години. Само преку јасно разбирање на причините за распадот и војните на овие простори, можеме да ја согледаме улогата на Младиќ во тие војни и начинот на кој еден офицер на ЈНА се трансформирал од човек што се заколнал дека ќе ги брани СФРЈ и нејзините народи, во извршител на националистички политики на етничко чистење и воени злосторства.
Паѓање во злосторство
Ратко Младиќ е роден во 1942 година во Калиновик, во источниот дел на БиХ, а неговиот татко загинал како партизански борец во 1944 година. Младиќ ја започнал својата воена кариера во 1965 година во ЈНА. Сè до почетокот на војните во 90-тите години, тој служеше како офицер во Македонија и на Косово. Во средината на 1991 година беше испратен во Книн за да ги организира побунетите Срби во Хрватска, а во мај 1992 година беше назначен за командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска (ВРС). На таа функција остана сè до 1995 година, кога Хашкиот трибунал го обвини за воени злосторства. По завршувањето на војната, живееше во Белград, каде што уживаше заштита од режимот на Слободан Милошевиќ. По соборувањето на Милошевиќ, Младиќ, со помош на делови од државниот апарат, се криеше во Србија сè до неговото апсење во 2011 година, кога беше испорачан на Хашкиот трибунал.
Она што површните анализи на личноста на Младиќ не можат да го објаснат е како тој морално потона во калта на злосторот. Неговиот пат од југословенски офицер и Југословен до воен злосторник и извршител на етничко чистење на несрпското население не се разликува многу од трансформацијата на југословенската бирократија за време на реакционерниот распад на СФРЈ. Кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години, југословенската партиска и државна бирократија се распадна под притисокот на економската, социјалната и политичката криза. За повеќето бирократи, патот кон зачувување на привилегиите или кон трансформација од раководни во сопственички позиции беше кристално јасен – пат кон уривање на деформираната работничка држава и реставрација на капитализмот. Бирократскиот апарат се распаѓаше, а повеќето бирократи во новите капиталистички држави гледаа можност за богатење, додека многу мал слој од истата бирократија остана верен на интернационалистичките и социјалистичките идеали на југословенската револуција, иако на доста збунет начин.
Сличен процес се одвиваше и во ЈНА, бидејќи армијата е секогаш одраз на општеството во кое се наоѓа. Исто како што кариеристичките бирократи ги соблекоа југословенските костуми и облекоа нови – националистички и либерални – така и голем број офицери на ЈНА, не гледајќи веќе смисла во служењето на држава што наскоро ќе престане да постои, одлучија да ѝ служат на новата капиталистичка елита составена од бирократи, технократи, дисиденти и криминалци од секаков вид. Некои офицери го сторија тоа за да ги зачуваат своите чинови и офицерски привилегии, некои бидејќи во војната гледаа можност за богатење, а други поради најразлични мотиви – од месијанскиот порив да ја предводат и бранат својата нација, егоманија, па сѐ до лажниот југословенски дух. Што се однесува до офицерите на ЈНА од српска националност, некои од нив на почетокот на војната сигурно беа заведени од лажната политика на Милошевиќ за зачувување на Југославија, зад која всушност стоеше целта за српска доминација над бирократиите на другите републики. Овој мит на Милошевиќ меѓу Србите во Хрватска и БиХ ја експлоатираше и се хранеше од колективната траума на Србите од времето на НДХ и злосторствата извршени врз српскиот народ. Не е неразбирливо што некои офицери, од овие причини, се ставија во служба на српските националисти за време на војните во 90-тите години, сметајќи дека тоа е начин да се одбранат Србите од нови злосторства.

Само ретки офицери, како Бранко Мамула или Владимир Баровиќ – секој на свој начин – ја зачуваа својата војничка чест и не дозволија да бидат впрегнати во националистичката кочија на новата елита. Кои мотиви или сплет на околности го навеле Младиќ на почетокот на војната да тргне по патот што го одвел кон воени злосторства, секако не е важно. На крајот на краиштата, човекот се дефинира преку своите дела или недела, а не преку она што го зборува или мисли дека го прави.
Младиќ беше свесен дека политиката на военото раководство на босанските Срби, предводено од Радован Караџиќ, неизбежно ќе доведе до воени злосторства и етничко чистење. На 16-тата седница на Собранието на српскиот народ во БиХ, одржана на 12 мај 1992 година во Бања Лука, Ратко Младиќ беше назначен за командант на Главниот штаб на новоформираната Војска на Република Српска. На истата седница, политичкото раководство усвои шест стратешки цели кои предвидуваа целосно етничко раздвојување и создавање посебна српска држава. Реагирајќи на тие цели и планови за етничко чистење, Младиќ од говорницата рече:
„Според тоа, не можеме да чистиме, ниту пак можеме да имаме сито низ кое ќе просејуваме така што ќе останат само Србите, а другите ќе си заминат… Па, тоа е тоа, тоа нема да оди… Не знам како господинот Крајишник и господинот Караџиќ ќе му го објаснат тоа на светот. Тоа, луѓе, е геноцид!“
Младиќ додаде и сликовито објаснување за тешкотиите при спроведувањето на таков план на терен:
„Луѓето и народите не се кокошки или клучеви во џеб, па да ги преместуваме ваму-таму. Тоа е лесно да се каже, но е тешко да се оствари.“
Оваа изјава покажува дека военото раководство беше добро свесно оти поставените политички цели за етнички чисти територии не можат да се реализираат по легален воен пат, туку исклучиво преку масовни злосторства и истребување на несрпското население. И покрај тоа што јавно предупредуваше до што може да доведе националистичката политика на Караџиќ, Младиќ истиот ден ја прифати командата над војската. Во текот на следните три години брутално ги спроведуваше токму тие цели, што кулминираше со опсадата на Сараево, концентрационите логори, масовното етничко чистење и масакрот во Сребреница.
Токму во Сребреница, Младиќ ја доживеа кулминацијата на својот морален пад и тонењето во злосторство. Кога на 11 јули 1995 година влезе во Сребреница, Младиќ пред камерите изјави дека дошло време „да им се одмаздиме на Турците во овој крај“, алудирајќи притоа на периодот на османлиското владеење и на бунтот против дахиите од почетокот на 19 век. За време на војната во 1990-тите, терминот „Турчин“ честопати беше користен од српските националисти како погрден назив за босанските муслимани, со цел да ги дехуманизираат и да ги оправдаат своите злосторства.
Во друго видео, Младиќ бара од своите војници да го отстранат знакот во Сребреница со името на улицата што го носеше името на Реуф Селманагиќ Црни. Реуф Селманагиќ Црни бил муслиман од Сребреница кој им се приклучил на Народноослободителното движење и на партизаните откако бил сведок на злосторствата врз Србите за време на Втората светска војна. Тој загинал во пролетта 1945 година како антифашист и припадник на партизанските единици.
Оваа сцена впечатливо покажува како Младиќ ги отфрли сите интернационалистички идеали на кои го учеа школувањето, воената служба и официјалната политика на СФРЈ.
Предавство на работничката класа
Вината на Младиќ за воените злосторства ја стави во втор план неговата индиректна улога во обновувањето на капитализмот. Не смееме да заборавиме дека војните од 90-тите години на југословенските простори во суштина беа војни за приватизација, во служба на демонтирање на економските, социјалните и културните придобивки на југословенската револуција. Младиќ се стави во служба на националистите чија цел беше да создадат не само етнички чисти територии, туку и државни форми за новата капиталистичка класа што ќе владее со просторот окупиран преку злосторства и оружје. За оваа нова националистичко-тајкунска елита, одбраната на српскиот народ секогаш се сведуваше на одбрана на ограбеното богатство на несрпското население и на општествената сопственост создадена во СФРЈ, како и на ограбувањето на самото српско население преку обновувањето на капитализмот. А вината на Младиќ лежи во тоа што тој се стави во служба на овие контрареволуционерни промени, со што стана предавник на српските работници.
Вревата и денешното величање на ликот на Ратко Младиќ од страна на српските националисти и владејачката класа во Србија и во Република Српска е начин да се сврти вниманието од економската и социјалната беда на српските работници и младината. Издигнувањето на Младиќ во херој и симбол околу кој треба да се обединат Србите, е всушност прикривање на експлоатацијата, корупцијата, продажбата на ресурси на домашни и странски капиталисти, уништувањето на природата, кршењето на работничките права, нискиот животен стандард, клиентелизмот на сите нивоа (каде што до пристојна работа може да се дојде само со партиска книшка) и демографската пропаст на српските работници од двете страни на Дрина, кои се претворени во евтина суровина за богатење на капиталистичкото малцинство чии политички претставници се Додик и Вучиќ. За овие политички измамници, Младиќ е само димна завеса за прикривање на нивниот криминал. Кога политички им одговараше, и едниот и другиот го жртвуваа истиот тој Младиќ за да ја добијат поддршката на империјализмот. Сега, кога им одговараат национализмот и поттикнувањето етнички тензии за да ја зачуваат власта, Младиќ е погодна алатка за повторно консолидирање на редовите на „националното единство“. Оваа евтина фарса за единството меѓу газдите и обичните работни луѓе има за цел да ги скрие противречностите меѓу експлоататорите и експлоатираните.

Исто како што улогата на Младиќ за време на војната беше реакционерна, така и неговата смрт сега повторно им служи на оние во чија служба тој срамно се стави за време на граѓанската војна во Босна и Херцеговина. Ако неговиот живот беше трагедија за голем број обични луѓе од сите страни, неговата смрт е фарса преку која елитите се обидуваат повторно да нè поделат за полесно да владеат и да опстанат на власт.
Задачата на комунистите останува иста: борбата против својата владејачка класа. Затоа, српските комунисти и сите прогресивни луѓе од српскиот народ мора да се пресметаат со злосторниците од редовите на сопствениот народ. Најголемата штета е што српскиот народ не му судеше на Младиќ и не му ја изрече пресудата што ја заслужуваше. На тој начин, српскиот народ ќе го отстранеше сомнежот за неговото одобрување на злосторствата извршени од поединци наводно во негово име и ќе оставеше слободен простор за бошњачките и хрватските комунисти и работниот народ да се пресметаат со „своите“ злосторници. Само така можеме да подготвиме терен за нов класен интернационализам и за оживување на традицијата што Младиќ и сличните на него ја уништуваа во 90-тите години.
Време е српските комунисти повторно да се надоврзат на борбената историја на српскиот народ: од Првото српско востание, преку херојската одбрана и борбата против империјализмот во Првата светска војна и Народноослободителната војна во која Србите беа неизоставен дел, па сè до нивниот отпор за време на криминалното бомбардирање на Југославија од страна на НАТО во 1999 година. Српскиот народ треба да се гордее со таквите историски подвизи.
Иако српските националисти се обидуваат да нè убедат дека Младиќ е дел од таа чесна историја, ние комунистите отворено велиме дека Младиќ не е и не може да биде дел од таа славна и ослободителна традиција.

