Со капитулацијата на 22 април 1941 година после Априлската војна, територијата на Кралството Југославија била поделена на окупациски зони на Германија, Италија, Унгарија и Бугарија. Но, помеѓу населението масовно постоело антифашистичко расположение, благодарение на дејноста на Комунистичката партија на Југославија, факт што бил јасно видлив бидејќи отпорот бил веднаш организиран околу КПЈ. Додека траела Априлската војна, КПЈ започнала со подготовка на отпорот, што се гледа од формирањето на Воен комитет на 10 април 1941 година и издавањето на проглас за отпор против окупаторите, па преку Мајското советување од 4 мај 1941 година кога била издадена наредба за собирање на оружје и подготовки за борба, сè до носењето на официјална наредба од 4 јули 1941 година за почеток на масовна народноослободитена борба. Сепак, за прогласување на таа одлука, КПЈ се водела од инструкциите на СССР, чија политика сè уште била во духот на спогодбата Рибентроп-Молотов и не се дозволувало комунистичките партии да стапат во отворена борба. Тоа се променило со нападот од Германија врз Советскиот Сојуз, настан што бил од светско значење, и со кој започнал нов период во војната. Главнината на германските војски била насочена токму кон Советскиот Сојуз, со што се отворил простор за порешителна акција на КПЈ.
На територијата на цела Југославија биле формирани покраински штабови: во Словенија – Главен штаб на партизанските чети, во Хрватска – Оперативно партиско раководство, во Војводина – Штаб на партизански одреди, во Србија – Главен штаб на партизански одреди, Воен штаб за Босна и Херцеговина, Военореволуционерен комитет за Црна Гора и Воен комитет во Косово и Метохија.
„Југословенско решение“ за Македонија
Што се однесува до Македонија, секретарот на Покраинскиот комитет, Методија Шаторов Шарло ги прекинал врските со Централниот комитет и одбил да ги спроведува неговите директиви поради поврзувањето со Централниот комитет на Бугарската работничка партија (на комунистите), кон крајот на мај 1941 година. Поради овој развој на ситуацијата во Македонија, почетокот на НОБ е дури во октомври 1941 година, за разлика од останатите републики во кои НОБ започнал уште во јули 1941 година. Всушност, Шарло како долгогодишен член на БРП (к.), која пак била најблиска до политиката на Коминтерната поради Георги Димитров, дејствувал во таа насока и го застапувал т.н. „Балканско решение“ за македонското национално прашање односно формирање на одделна македонска држава во Балканската федерација, но по предуслов комунистичките партии на Југославија, Бугарија и Грција да излезат како победници од војната. Оваа идеја била стара идеја на Коминтерната од периодот помеѓу војните која постепено се развивала и менувала, па дури и во моментот за кој зборуваме била напуштена, но одредени кадри кои долго биле воспитувани во рамки на таа политика по инерција продолжиле да ја застапуваат, без суштински да ја разберат реалната промена која била т.н. „Југословенско решение“. Таа концепција опфаќала македонска национална држава во рамки на федеративна Југославија. Јасно е дека на БРП (к.) повеќе ѝ одговарало „Балканското решение“ на македонското национално прашање, бидејќи на тој начин би го оттргнале македонското народноослободително движење од КПЈ. Од друга страна факт е дека условите во 1941 година не го дозволувале остварувањето на „Балканското решение“, поради интересите на Велика Британија на Балканот, но тука влегува и напуштањето на теоријата за светска револуција од страна на Коминтерната уште во 1935 година и прифаќањето на тактиката на Народен фронт. Токму оттука произлегува „Југословенското решение“ кое всушност прераснало и во реална можност за решавање на македонското национално прашање. Затоа и подоцна, самата Коминтерна не притискала во таа насока и во рамки на спорот помеѓу КПЈ и БКП, арбитрирала во корист на КПЈ.

Но, и покрај „Балканското решение“ кое во суштина било Коминтерновска политика, после нападот од Германија на Советскиот Сојуз, нужно било разгорување на народноослободителните борби насекаде. Тогаш Коминтерната прави проценка дека КПЈ, има поголема можност да поведе масовна борба за разлика од БКП, бидејќи во Бугарија и немаше странска окупација, па можностите за масовно востание биле далеку помали, особено кога ќе се земе предвид дека и изградбата на силен Народен фронт во Бугарија била уште потешка поради тоа што најголемиот дел од бугарската буржоазија била соработник на бугарската влада, а со тоа и дел од таборот на сојузници на Германија. Поради сето тоа, нужно било разгорување на народноослободителната борба во Македонија па затоа, по препорака на Коминтерната, ПК на Македонија се вратил и официјално како дел од КПЈ, што БРП (к.) морала да го прифати.
Набрзо по таа одлука, Шарло бил променет од позицијата на секретар на ПК на Македонија, а новиот ПК започнал со интензивни подготовки за започнување на масовно востание, односно народноослободителна борба на 11 октомври 1941 година.
Сепак, политиката на КПЈ и БКП била заснована на исполнување на директивите на Коминтерната. Иако формално ПК на Македонија бил ставен под ингеренција на КПЈ, незаинтересираноста на ЦК на КПЈ, индиректно му имала дадено можност за понатамошен развој на „Балканското решение“, бидејќи истакната фигура бил делегатот на БКП во Македонија, Бојан Блгарјанов. Но, истата таа незаинтересираност на ЦК на КПЈ за состојбите во Македонија, делувала сосема спротивно, односно, македонските раководни кадри во нивниот истакнат политичко-национален развој самостојно да стигнат до заклучокот дека „Југословенското решение“ е всушност единственото остварливо решение за македонското национално прашање. Крајот на војната и победата на НОБ ни го докажаа тоа.
Развојот на НОБ во Југославија
Поради брзата активност на терен угледот на Комунистичката партија веднаш се подигнал. Така веќе во првите денови на јули КПЈ имала скоро 12.000 членови, додека Сојузот на комунистичката младина (СКОЈ) броел околу 40.000 членови. Веќе на 7 јули доаѓа до првата вооружена акција во западна Србија, поточно во Крупањ, каде т бил успешно изведен напад. На 13 јули започнало во Црна Гора, на 22 јули во Словенија, а на 27 јули во Хрватска и Босна и Херцеговина. Така сите Покраински комитети на КПЈ – освен во Македонија – започнале со вооружена борба. Тие ги разоружувале жандармериските станици, ги рушеле мостовите и патиштата, ги прекинувале железничките комуникации итн.

Народноослободителната борба и превземените акции од страна на партизанските одреди секако не поминале без реакција на окупационите армии. Веднаш биле пуштени во акција полициските единици, но откако тие не успеале да ги поразат партизанските одреди, биле воведени и оперативни трупи. Германската команда во Србија проценила дека народноослободителната војна направила значајни проблеми во сообраќајот и експлоатацијата на рудните богатства, како и тоа дека меѓу народот владее антифашистичко расположение. Во текот на јули и август биле формирани околу 60-70 партизански одреди на територијата на Југославија, кои војувале со германските окупаторски власти. Токму тоа довело до реакција на окупациските власти на територијата на Југославија и сè повеќе се разгорувала народноослободителната војна. Меѓутоа мерките кои биле преземени не вродиле со резултати, бидејќи во текот на месец септември акциите на партизанските одреди двојно се зголемиле. Во текот на септември започнале да се ослободуваат градови и полека да се отцртуваат границите на идната слободна територија позната како Ужичка република.
Првата слободна територија во Европа – Ужичка република
Ужичка Република е поим со кој се означува слободната територија која се формирала во текот на септември 1941 год., во западна Србија и Шумадија. Таа е првата слободна територија во Европа за време на Втората светска војна, иако траела само 67 дена. Границите не биле одредени бидејќи секојдневно се менувале, односно со секоја нова офанзива на партизанските одреди. Сепак од поголемите градови кои спаѓале во Ужичката Република се издвојуваат Ужице и Чачак, но и значајни стратешки места во овие окрузи како Косјериќ, Пожега итн. Исто така, за датум на основање се зема 24 септември, односно ослободувањето на Ужице, но останатиот дел од територијата бил ослободен порано во текот на септември.
Во текот на народноослободителната борба, КПЈ се залагала за промена на предвоениот систем и воведување на нов. Тоа веднаш го истакнале во оваа територија со формирањето на народноослободителните одбори (НОО) во градовите и селата. Сепак НОО не претставувале работнички совети по ленинистички принцип, туку биле логичен след на изградба на власт во рамки на политиката на Народен фронт. Со ослободувањето на Ужице се наметнала потребата од формирање на Главен НОО, и тоа уште во првите денови на ноември.

Во текот на своето кратко постоење во рамките на Ужичката република била развиена огромна активност од НОО во градовите и селата. На прво место, секако поради воената состојба се истакнувало организирањето на помош за фронтот, но биле преземани мерки за организирање на земјоделството, сообраќајот, финансиската поставеност и основањето на фонд, исхрана за жителите на оваа територија, грижа за работниците, организирање служба за здравствена заштита, културно-просветна работа, одржување на редот и мирот итн. Токму од овие секојдневни потреби за кои се преземале значајни чекори, ќе израсне потребата за формирањето на веќе споменатиот Главен НОО, преку кој идејата била да се зголеми ефективноста во работата на овие активности на сите полиња. Исто така, биле преземени значајни чекори околу социјалната политика. Таа се состоела од згрижување на деца, сиромашни семејства, инвалиди, стари лица, помош за семејства кои имале членови во заробеништво или на фронтовите итн. Во склоп на оваа политика на 18 октомври во Ужице бил донесен декрет со кој се регулирале платите на работниците, вработување на невработени лица, помош за невработени лица, како и прогласување мораториум за долговите на работниците.
Една од најважните работи во постоењето на Ужичката Република била фабриката за оружје во Ужице. Веднаш по ослободувањето било организирано производството на оружје, а фабриката го добила името Прва партизанска фабрика за оружје и муниција. Оваа фабрика била прва фабрика за оружје против Германија на територијата на Европа. Заради заштита од воздушни напади, производството било поделено во 5 погони. На 22 ноември, четниците успеале да извршат саботажа со експлозија во главниот погон, и тоа бил тежок удар за Ужичката Република.
Без никаков сомнеж, НОБ во Југославија е најпрогресивната епизода на нашите народи во историјата. Поради тоа наша задача како комунисти не е само симболично да ја негуваме традицијата на НОБ, туку и одново да се организираме врз основите и начелата преку кои партизаните од нашите републики храбро се бореле со надмоќниот противник и ги положиле своите животи.

