Версајската палата беше интересен избор на Доналд Трамп за церемонијата на потпишување на договорот за завршување на војната со Иран. Но, со оглед на тоа што се потпишуваше документ што фактички претставува капитулација, местото не е најсоодветно.
Овој Меморандум за разбирање од 14 точки меѓу Соединетите Американски Држави и Иран претставува понижување за Трамп, стратешки пораз за американскиот империјализам и пресвртница во светската ситуација. За Израелците, кои не беа консултирани и не се потписници на договорот што, сепак, е обврзувачки и за нив, последиците би можеле да бидат уште посериозни.
Списанието Форин Полиси го опишува ова како „поголем пораз од Виетнам“. Навистина, иако оваа војна беше пократка и помалку исцрпувачка од Виетнамската војна, последиците од конфликтот со Иран во многу аспекти се подалекусежни.
Контролата врз Ормускиот Теснец му е препуштена на Иран. Земјите производители на нафта во регионот се доведени во положба во која му даваат данок и понизно му се додворуваат на Иран.
Русија и Кина излегуваат зајакнати. Тие се единствените што имаат влијание врз Иран. Токму сојузникот на Кина, Пакистан, посредувше во голем дел од преговорите. На светско ниво ќе дојде до ново прераспределување на силите, бидејќи и сојузниците и противниците на Соединетите Американски Држави ќе ја земат предвид слабата позиција во која се наоѓаат Американците.
Што се однесува до Израел, оваа вест одекнаа како вистинска бомба. Доколку договорот опстане, тоа би можело да значи политички крај за Бенјамин Нетанјаху. Дури се отвора и прашањето за иднината на самите односи меѓу Соединетите Американски Држави и Израел. Или, пак, Нетанјаху има нов план да се спаси, што би можело да значи нови ужаси за регионот.
Очajните луѓе често прибегнуваат кон очајнички мерки. Додека се пишуваат овие редови, Нетанјаху го бомбардира Либан во очигледен обид да го урне овој договор. Во американскиот неоконзервативен естаблишмент има луѓе кои без сомнение го охрабруваат во тоа.
Најновите вести се дека Израел бил принуден да потпише прекин на огнот со Хезболах. Иако ситуацијата сè уште е неизвесна, едно може да се каже: за Трамп не постои подобар договор од овој. Иако условите претставуваат капитулација, тоа е најдоброто на што американскиот империјализам може да се надева.
Што содржи Меморандумот
Да ги разгледаме неговите одредби.
Првата точка јасно наведува дека страните „прогласуваат итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан…“ и понатаму гарантираат „територијален интегритет“ на Либан.
Тоа значи дека Иран не само што обезбедил мир со Соединетите Американски Држави, туку овој договор би го обврзал и Израел не само на прекин на огнот, туку и на повлекување од Либан.
Со престанокот на непријателствата започнува 60-дневен период на преговори за постигнување конечен договор, кој може да се продолжи „со заемна согласност“. Во тој период треба да се постигне договор за чувствителното прашање на иранскиот збогатен ураниум. Доколку дојде до таков договор, на Иран му се ветуваат инвестиции во вредност од 300 милијарди долари, трајно укинување на сите санкции и целосно повлекување на американската морнарица.
Иако Трамп изјави дека овие 300 милијарди долари нема да дојдат од американските даночни обврзници, туку од регионални и други инвеститори, да бидеме јасни: ова претставува поразена Америка која плаќа воени репарации.
Дури и пред постигнувањето на конечниот договор, Меморандумот става во сила „изземања за извозот на иранска сурова нафта, нафтени деривати и нивни производи, како и за сите поврзани услуги, вклучително банкарски трансакции, осигурување, транспорт итн.“
Со други зборови, практично сите санкции се укинуваат уште од првиот ден.
Без оглед на исходот од идните преговори, овој Меморандум веднаш гарантира:
- крај на израелската агресија врз Либан;
- фактички крај на санкциите;
- признавање на правото на Иран да го контролира Ормускиот Теснец;
- ослободување на милијарди долари замрзнати средства.
Подеднакво значајно е и она што не се споменува во Меморандумот.
Нема никакво спомнување на промена на режимот; нема спомнување на иранските сојузнички вооружени групи; нема одредба дека на Иран нема да му биде дозволено да наплатува такси за поморскиот сообраќај низ Теснецот; нема ниту збор за иранските балистички ракети. „Ако другите земји ги имаат“, изјави Трамп за балистичките ракети, „малку е неправедно ним да не им биде дозволено да ги имаат.“ Во тоа, навистина, има одредена логика.
Всушност, не се споменува ниту една од бројните воени цели што Трамп ги изнесуваше во пресрет на војната и за време на нејзиното траење.
Што добиваат Американците за возврат?
Ветување од Иран дека нема да развива нуклеарно оружје, ветување што Иран го давал и претходно; малку дипломатски, благонаклонет јазик во текстот; и една вистинска отстапка: повторно отворање на Ормускиот Теснец, кој всушност не беше затворен пред почетокот на војната и кој отсега ќе биде под иранска контрола.
Што значи ова за САД?
И шестгодишно дете знае дека ова е капитулација од страна на Американците.

Причината е очигледна. Покрај тоа што значително ги исцрпија своите ракетни резерви, не успеаја ниту со воени ниту со економски средства да го принудат Иран на покорност. Поминаа четири месеци откако Иран го затвори Ормускиот Теснец. Во тој период, САД ги трошеа своите стратешки резерви на нафта за да ги одржат цените ниски. Сега тие резерви се при крај, а на повидок е економска катастрофа.
Трамп тоа отворено го призна: „Не сакав да дојде до економска катастрофа. Ако ова продолжеше, тоа можеше да се случи.“
По повторното отворање на Теснецот, цената на нафтата повторно падна на 80 долари за барел, а берзите нагло пораснаа.
Овој Меморандум има многу критичари, но фактот што берзата не беше меѓу нив беше причина за задоволство кај Трамп. „Берзата е погенијална од кој било друг, вклучувајќи ги и луѓето што се на оваа сцена. Освен мене, се разбира“, самозадоволно изјави тој, додека останатите „луѓе на сцената“, меѓу кои и Марко Рубио, непријатно се преместуваа од нога на нога.
Трамп сега чекори со видливо олеснување. Како да му паднал голем товар од плеќите. Но, последиците од оваа војна ќе се чувствуваат во Америка уште многу години.
Најнепосредно, договорот ќе го навлече гневот на неоконзервативниот естаблишмент во Републиканската партија. Тие се бесни. Американскиот политички естаблишмент психолошки не може да се помири со идејата дека токму тие, семоќните Американци, можеби биле поразени, и тоа толку темелно.
Во рамките на движењето МАГА ќе избие жесток судир. Ако неоконзервативците не успеат веднаш да го поништат овој мир, ќе бараат одмазда, можеби по период на повторно вооружување.
Но, последиците ќе се почувствуваат низ целото американско општество. Кога Трамп се обидува да го претстави овој исход во поинакво светло, дури нарекувајќи го договорот „безусловна капитулација“ на Техеран, што постигнува освен што додава елемент на комична фарса врз фактот на американското понижување?
Ова не е херојски пораз, како оној кај Аламо, кој во минатото можел да ги исполни Американците со патриотска гордост. Напротив, комичноста на Трамп, исто како и идејата за УФЦ борби и мотокрос спектакл на тревникот пред Белата куќа по повод 250-годишнината на Американската Република, само ја лишуваат државата од малкуте преостанати траги на достоинство и авторитет. Целокупното однесување на Трамп, насочено кон зачувување на сопствениот образ, всушност предизвикува само презир и омраза.
Кај империјалистичките сили што се во опаѓање, ова сме го виделе и претходно: поразот во странство го отвора патот за класна борба дома. Поразот на Франција во Алжир ги постави темелите за Мај 1968 година. Во Португалија, скапата војна во Африка ја создаде основата за Каранфилската револуција во 1974 година. Овој настан ќе го забрза трендот кон засилување на класната борба во самите Соединети Американски Држави.
Регионални последици
Меѓутоа, и во Иран договорот има свои критичари. Интересно е што тие сметаат дека Иран премногу лесно се откажал од своите преговарачки адути и дека требало да инсистира на ништо помалку од целосен пораз на Американците. Тоа би подразбирало целосно повлекување на САД од Блискиот Исток и признавање на правото на Иран да поседува збогатен ураниум.
Фактот што раководството на Исламската Република не барало повеќе, укажува на притисокот под кој се наоѓа, особено од Русија и Кина, кои би имале многу да изгубат доколку целиот свет западне во длабока економска криза.
Но, за Иранците не беше неопходно да инсистираат на овие барања. И без формално американско повлекување, САД отсега ќе бидат послаби од било кога досега.
Нивните воени бази се претворени во чадливи урнатини. Низ целиот регион сите ја почувствуваа американската немоќ и иранската сила. Различните земји од Персискиот Залив сега склучуваат сопствени, одделни договори со Иран.
Откако претрпеа големи штети од иранското ракетно бомбардирање во првата фаза од војната, Обединетите Арапски Емирати, наводно, се согласиле да му исплатат на Иран меѓу 10 и 20 милијарди долари, од кои 3 милијарди веќе биле исплатени. Катар склучил сличен договор. Наскоро и Саудиска Арабија ќе мора да постигне таков договор. Тоа, претставува плаќање данок, односно изразување почит.
Потоа следуваат американските сојузништва во регионот, кои веќе покажуваа знаци на распаѓање уште пред оваа војна. Од почетокот на војната, Обединетите Арапски Емирати се повлекоа од ОПЕК, практично ставајќи крај на функционирањето на тој картел и дополнително зацврстувајќи го раздорот меѓу Саудиска Арабија и Емиратите. Заладените односи меѓу Турција и Израел се влошија уште повеќе.
И, конечно, тука е најважниот американски сојузник во регионот, самиот Израел. За израелската владејачка класа, ова претставува вистинско кошмарно сценарио.
Најголемиот губитник: Израел
Владетелите на Израел со децении копнеат по директна пресметка со Иран. Нивната цел не е само промена на режимот и денуклеаризација. Тие сакаат уништување на Иран како национална држава, како чекор кон целосно прекројување на мапата на Блискиот Исток.
На почетокот на војната, тие сметаа дека конечно им се укажува таа можност. Замислуваа дека дури би можеле да ги уништат сите национални држави во регионот, освен Израел, создавајќи состојба на варварство во кое тие би владееле над урнатините.
Во средината на март, додека војната со Иран беше во својот врв, Нафтали Бенет, размислувајќи однапред, веќе ја нарекуваше Турција „новиот Иран“. Истиот тој Нафтали Бенет денес е омилен кандидат на либералите за да го предизвика Нетанјаху на претстојните избори!
Во февруари и март, израелската владејачка класа беше еуфорична, опиена од сопствените илузии.
Но од тие височини сега нагло се урна на земја.
Во моментов, низ целиот спектар на ционистичката елита ова се нарекува „катастрофална капитулација“. Нетанјаху е жестоко критикуван за тоа што направил стратешка грешка со тоа што дозволил прашањето за Либан да се поврзе со војната против Иран.

Но токму таа врска беше целата стратегија на Нетанјаху! Како што објаснивме на друго место, Израелците со текот на времето се навикнаа да вршат силен притисок врз своите американски покровители, оставајќи им малку избор освен да го поддржат Израел.
Нетанјаху ја започна инвазијата врз Либан истовремено со почетокот на војната со Иран, токму со цел да ги поврзе двата конфликта. Ако Американците се обидат да се повлечат и да постигнат договор со Иран, тој би можел да продолжи со провокации кон Иранците во Либан и на тој начин да ги задржи САД во војната по секоја цена.
Проблемот е следниот: бидејќи Нетанјаху ги поврза овие два конфликта на ваков начин, Трамп нема друг избор освен да ја прекине израелската интервенција во Либан за да се извлече од оваа војна.
Израелската владејачка класа е згрозена и во паника. За Нетанјаху ситуацијата е уште полоша. Поразот во оваа војна значи и крај на неговата политичка кариера, со можност за отстранување од власт, па дури и затвор што го очекува.
Дали Нетанјаху може да го спречи овој договор?
Некои од сојузниците на Нетанјаху инсистираат дека можат сами да продолжат. „Договорот на Трамп не нè обврзува нас. Израел не е подреден на Соединетите Американски Држави“, протестираше Бен Гвир. „Ние сме независна и суверена држава.“
Навистина? Џеј Ди Венс му одговори:
„Прво, Доналд Џ. Трамп е единствениот шеф на држава во целиот свет кој во овој момент е наклонет кон државата Израел. И тој е истовремено и лидер на светската суперсила. Ако јас бев во кабинетот на израелската влада, не би го напаѓал единствениот моќен сојузник што ми останал во целиот свет.
Втората работа што би ја кажал е дека во последните три месеци, две третини од одбранбените оружја што ја штитат вашата татковина се произведени од американски раце и платени од американските даночни обврзници.“
Ова е речиси не-завиена закана: „Не го загрозувајте нашиот однос со нас, Биби! Ќе зажалите!“ Но Нетанјаху и порано се извлекувал од тешки ситуации. И овојпат сигурно ќе се обиде да изнајде начин да излезе.
Прашањето е: дали ќе успее?
Има многу непознати и непредвидливи актери во играта. Но, во непосредна перспектива, се чини дека една од следните работи ќе попушти: светската економија, односот меѓу Израел и САД, израелското општество или комбинација од сите три.
Сценарио 1: светската економија се распаѓа
Ако Нетанјаху и неоконзервативците успеат да го натераат Трамп повторно да ја започне оваа војна, тогаш воената рамнотежа ќе остане непроменета. Залихите на скапа муниција се критично исцрпени. Затоа, ако Иранците повторно започнат со ракетирање на Израел, Американците дури и да сакаат, нема да имаат доволно противвоздушни ракети за да го одбранат.
Најдобриот можен исход за нив би било повторно затворање на Ормускиот Теснец, што би предизвикало катастрофа за светската економија. Но Иранците исто така имаат можност да додадат на тоа и затворање на Баб ел-Мандебскиот Теснец, со што би се блокирал пристапот до Црвеното Море преку активирање на своите сојузници Хутите во Јемен. Тоа би ја задушило главната трговска рута меѓу Европа и Азија.
Во моментов, светската економија сè уште стои на работ на провалијата. Вреди да се напомене дека дури и сега може да поминат недели, па дури и месеци, пред поморските компании да ги надминат логистичките последици и повторно да почнат со сигурност да транзитираат низ Теснецот во поголеми количини.
На многу од нафтените и гасните капацитети во регионот ќе им бидат потребни години поправки пред повторно да можат да го снабдуваат светскиот пазар. Во меѓувреме, исцрпеноста на стратешките резерви ја прави светската економија многу почувствителна на нови шокови, а не треба да се заборави и дека побарувачката ќе биде уште поголема само за да се надополнат тие резерви.
Сето ова е материјал за размислување за Трамп.
Сценарио 2: се распаѓа односот меѓу САД и Израел
Ова можеби нема да го спречи Нетанјаху да ги турка работите до крајни граници. Нетанјаху веќе се обидува да провоцира во Либан. Тој мораше да потпише прекин на огнот, засега, но ќе бара изговори за да го прекрши. И ден по потпишувањето на Меморандумот, тој објави „тампон-зона“ на трајна израелска окупација во Либан, што директно го крши договорот.
Но со тоа, Нетанјаху можеби си игра со самиот однос меѓу САД и Израел.
Од своја страна, Нетанјаху веќе ја предвиде логиката на својата политика која води кон раздвојување од САД. До одреден степен, тој веќе се обиде психолошки да го подготви израелското општество за тоа. Минатата година зборуваше за потребата израелското општество да се одвикне од американската помош во следната деценија, и Израел да се претвори во еден вид „Супер Спарта“ што може самостојно да ги води своите битки.
Можеби тој навистина ќе се обиде со тоа. Но раскинот со САД би бил егзистенцијален за Израел, и на крајот би бил проследен со пораз.
Сценарио 3: Израел се распаѓа
Последната можност е дека Нетанјаху ќе биде принуден да попушти. Но тогаш сите противречности во израелското општество, кои ги видовме како експлодираат во протестите против судската реформа во 2023 година, и кои периодично повторно избиваа како протестите за враќање на заложниците, повторно би се разгореле.
Нетанјаху се обидуваше по 7 октомври 2023 година да ги насочи противречностите во израелското општество кон надвор. Тие повторно би се свртеле навнатре.

Три години војна го оставија израелското општество во распад. Од 2024 година има зголемување од 240% на третмани за ментално здравје. Младите се во војска, а технолошките инвеститори заминале.
Армијата престана да објавува бројки за отпуштени поради ПТСП, токму поради тоа колку се високи тие бројки. „Луѓето ја изгубија довербата во своето општество, влада и институции“, изјави еден ветеран и професионалец за ментално здравје за Ал Џезира.
Според некои проценки, повеќе од половина од резервистите не се појавуваат кога се повикани.
Сето тоа се заканува повторно да експлодира. Бидејќи се потпира на религиозни и реакционерни елементи во израелското општество, Нетанјаху во моментов се соочува со масовни протести од ултраортодоксни Евреи кои одбиваат да служат во Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Имаше масовни протести и блокади на автопати. Имаше и нереди пред домовите на судии од Врховниот суд, а команданти на ИДФ дури биле изложени на обиди за упад во нивните домови. Шин Бет започна да изготвува разузнавачка проценка за крајнодесничарски еврејски тероризам.
Многуте противречности во Израел би можеле непредвидливо да експлодираат.
Сето ова уште повеќе го засилува притисокот врз Нетанјаху повторно да го насочи фокусот кон надвор. Ако не во Либан, тогаш каде? Во последно време се забележува зголемување на нападите на ИДФ во Газа. Смотрич во текот на изминатата недела започна провокации во градот Хеброн на Западниот Брег. Дали тоа би можело да го забрза процесот на анексија на Западниот Брег?
Други, како министерот од Ликуд, Амихаи Чикли, тврдат дека Израел наскоро ќе влезе во војна со Сирија, како дел од она што израелската владејачка класа сè почесто го нарекува „радикална сунитска оска на злото“ предводена од Турција. Врзан со САД да не го нападне Иран или неговите сојузници, дали Израел би можел да се сврти директно против регионалните сојузници на Америка?
Исход
Иронично, еден од исходите на оваа војна е токму тоа што САД стануваат уште повеќе зависни од Израел како свој прокси-сојузник, преку општо ослабување на американската позиција во остатокот од регионот! Како што Израел продолжува да излегува од контрола, тој може да поттикне нови пожари низ целиот регион и дополнително да ги вовлече САД.
Но да се повлечеме и да ги нагласиме најважните општи поенти.
Иран излегува од ова зајакнат: политички, воено, а со ослободените милијарди долари, можеби и економски во не толку далечна иднина.
За Америка и нејзините сојузници, ова е катастрофа, целосна и недвосмислена катастрофа. Тоа ќе ги извади на површина сите противречности во самите САД, Израел и целиот Запад. Американското влијание во регионот – и пошироко – е сериозно разнишано.
Во Југоисточна Азија, Филипините, Австралија, Виетнам, Камбоџа, Лаос, Тајланд, Мјанмар и Бангладеш, сите овие земји испратија делегации во Кина за време на оваа војна за да молат за ѓубрива, нафта и други критични суровини. И Европејците исто така! И Трамп исто така! Тој неодамна беше таму, без сомнение молејќи го Си да ги притисне Иранците.
Да не заборавиме дека од почетокот на оваа војна, Американците се разлутени поради тоа што го перцепираат како недоволна европска поддршка и ја намалија својата воена присутност на континентот. Тоа претставува уште еден клинец во ковчегот на таканаречениот „колективен Запад“.
Во меѓувреме, светската економија излегува поранлива од било кога. Иранците се признати господари на Ормускиот Теснец, додека европските „пигмејски“ сили се впуштаат во пиратство против таканаречената руска „флота во сенка“. Ова претставува уште една голема пукнатина во светската трговија, додавајќи нов поттик кон протекционизам и ремилитаризација.
Од друга страна, ова е тежок удар за водечката светска империјалистичка сила. Дури и сега, американскиот империјализам продолжува да врши притисок и да заплашува, особено во западната хемисфера. Претходно, масите можеби го прифаќаа тоа фаталистички. Кој воопшто може да ја победи концентрираната моќ на американскиот империјализам? Епа, сега тоа се случи!
Во пошироката слика, овој пораз ќе се гледа како клучна пресвртница во опаѓањето на американскиот империјализам.
