Во јавноста протече веста за контаминацијата на водата за пиење во Гостивар. На 17 јули 2026 година, во Гостивар се дозна за една од најсериозните кризи со вода за пиење во поновата историја на Македонија. Она што во прв момент изгледаше како појава на неколку изолирани случаи на стомачни заболувања, за кратко време прерасна во сериозна здравствена и општествена криза. Голем број граѓани побараа лекарска помош, населението беше вознемирено, водата од градскиот водовод беше прогласена за небезбедна за употреба, беа отворени истражни постапки, а Владата прогласи кризна состојба. Официјалните податоци се алармантни. Над 3.100 жители на Гостивар се регистрирани како затруени, односно цели 10% од вкупното градско население на градот Гостивар, а тука не се вклучени оние кои не се јавиле на лекар и се лекуваат во домашни услови. Секојдневно пристигнуваа нови информации кои покажуваа дека проблемот е многу посериозен од првичните проценки. Истрагата отвори сомнежи дека во периодот пред појавата на кризата биле преземани активности во водоснабдителниот систем кои можеле да влијаат врз безбедноста на водата. Така, проблемот со кој се соочи Гостивар не е само локален технички инцидент, туку стана прашање за функционирањето на системот за заштита на едно од најважните човекови права – правото на вода.

Првите знаци на кризата се појавија преку нагло зголемување на бројот на граѓани со симптоми на гастроентеритис – повраќање, дијареја, стомачни болки и покачена температура. Кога бројот на заболени почна значително да расте, се појави сомнеж дека причината може да биде поврзана со водата од јавниот водоснабдителен систем. Последователните анализи покажаа дека водата не ги исполнувала условите за безбедна употреба, поради што беше препорачано граѓаните да не ја користат ниту за пиење, ниту за подготовка на храна, ниту за други секојдневни потреби. Оваа состојба уште еднаш покажа дека јавните услуги, кои во нормални услови се невидлив дел од секојдневниот живот, стануваат клучни во моментот кога ќе престанат да функционираат. Во текот на истрагата се појавија информации дека во системот била внесувана непречистена површинска вода преку привремено решение, без соодветен третман и контрола. Доколку овие наоди бидат потврдени, тоа ќе претставува сериозен пропуст во управувањето со систем кој директно влијае врз здравјето на илјадници луѓе.
Зад самиот настан постои и поширок проблем кој не може да се занемари – сè поголемиот притисок врз водоснабдителните системи. Потребата од дополнителни количини вода не се појавува случајно. Таа е резултат на повеќе процеси кои во последните години стануваат сè поизразени: климатските промени, подолгите сушни периоди, намалувањето на расположливите водни ресурси, зголемената потрошувачка и непланското ширење на населените места. Дополнителен фактор е стареењето на инфраструктурата. Голем дел од водоснабдителните системи во Македонија се изградени во периодот на поранешна Југославија, кога бea проектирани според тогашните потреби и услови. Денес многу од тие системи работат со значително поголем товар. Старите цевководи, објекти и опрема се соочуваат со почести дефекти, загуби на вода, намалени капацитети и потреба од постојани санации. Наместо системска модернизација и долгорочно планирање, проблемите често се решаваат со привремени мерки и краткорочни интервенции. Таквиот пристап создава ризик критичната инфраструктура да стане ранлива токму во моментите кога е најпотребна.

Водоснабдителните објекти отсекогаш имаа посебно значење за функционирањето на државата. Во поранешниот систем, акумулациите, браните, каптажите, резервоарите и постројките за преработка на вода беа третирани како стратешки објекти. Нивната заштита не беше само техничка задача на комуналните служби, туку беше дел од поширок систем на цивилна заштита и одбрана. Постоеа планови и процедури за заштита во услови на природни катастрофи, воени закани или други вонредни состојби, бидејќи беше јасно дека нарушувањето на водоснабдувањето не е само комунален проблем, туку прашање на општествена безбедност. Ако го споредиме тој третман со реалноста во која живееме денес, ќе сфатиме колку моменталниот економско-политички систем е деградиран и до кој степен го уназади секојдневното здраво и нормално живеење.
Од марксистичка перспектива, кризата со водата во Гостивар ја покажува основната противречност меѓу јавниот интерес и логиката на капиталистичкото управување со основните ресурси. Водата не е обична стока и не може да биде третирана само како економска категорија. Таа е природно богатство и услов за опстанок на заедницата. Кога јавната инфраструктура се гледа само низ призмата на трошоци, рационализација и краткорочни финансиски пресметки, тогаш долгорочната безбедност на населението се става во втор план. Намалувањето на инвестициите, одложувањето на модернизацијата и недоволната контрола создаваат состојба во која целото општество ги плаќа последиците од системските слабости на капитализмот на периферијата.
Во последните неколку години сме сведоци на сè почести проблеми со водоснабдителните системи низ државата – од загадувања до прекини и нарушувања на квалитетот на водата. Овие појави не се само изолирани технички грешки, туку се показател за подлабока криза во односот кон јавните добра. Кога основните животни потреби се подредуваат на политички интереси, партиски влијанија и економски пресметки, најголемата цена ја плаќа работничката класа. Повеќепартискиот систем сам по себе не гарантира дека јавните ресурси ќе бидат заштитени. Формалната промена на политичките структури не значи автоматски и промена во односот кон работниците, граѓаните и општественото богатство. Институциите одамна се место за распределба на моќ и влијание наместо механизам за заштита на јавниот интерес и така основните комунални услуги стануваат ранливи. Од оваа гледна точка, водата не е само прашање на цевки, резервоари и технички капацитети. Таа е прашање на тоа кој управува со ресурсите и во чии интереси се носат одлуките. Јавните системи се создадени преку колективен труд на генерации работници и нивната заштита мора да биде над краткорочните политички и економски интереси.
Кризата во Гостивар затоа не треба да се гледа само како еден изолиран инцидент. Таа е предупредување дека занемарувањето на јавната инфраструктура значи занемарување на човекот. Кога водата, здравјето и основните услови за живот се оставаат на милост и немилост на логиката на штедење и профит, последиците неизбежно ги чувствуваат најшироките слоеви на населението. Водата не е привилегија, туку право. Начинот на кој едно општество ги штити своите водни ресурси покажува колку ја вреднува човечката безбедност, јавниот интерес и достоинството на секој граѓанин.

Во сторијата со хуманитарната криза во Гостивар има уште една појава на која треба да се обрне внимание: недостатокот на протестна мобилизација и организација на граѓаните. На 20 јули беше забележан протест од мала група граѓани пред општината. Додека јавната инфраструктура со години се раситнува и уништува, мрежите на партиите и интересните групи на локални капиталисти кои се менуваат на власт, стануваат се посилни и поорганизирани, особено кога треба да се спречи барањето на одговорност од нив. Така, овие партиски мрежи се многу ефикасни кога треба да изнудат граѓанска мобилизација за идентитетски прашања, бидејќи собирите за чувствителни етно-национални теми знаат да бидат масовни. Додека пак, организирањето на протести како револт и барање одговорност за хуманитарни кризи, се гледа како опасност која мора да се спречи низ разни методи на закани, уцени, главно низ контролата на ресурсите и вработувањата, како и создавање силен чиновнички менталитет кај партиски вработената администрација, чија цел е истиснување на класната свест и работничката солидарност, подеднакво како и маргинализацијата на стручните кадри во витални делови на јавниот сектор. Класната мобилизација претставува позитивен преседан за надминување на сите наметнати етно-религиски поделби помеѓу работничката класа и затоа властодршците од петни жили се трудат истата да ја спречат. Резултатот е маѓепсан круг на нивно самоволие и хуманитарни кризи од различен вид.
Решението не е само во техничка санација на системот, туку во промена на начинот на кој се управува со јавните ресурси. Водата мора да остане јавно и општествено добро, а не ресурс подреден на краткорочни економски и политички интереси. Потребни се долгорочни државни инвестиции во инфраструктурата, заштита на извориштата, модернизација на системите и планско управување со водните ресурси. Работниците и стручните лица кои директно ги одржуваат системите мора да имаат активна улога во одлучувањето и управувањето, бидејќи нивното знаење е клучно за безбедноста на населението. Управувањето со водата мора да биде професионално, транспарентно и насочено кон одбрана на јавниот интерес. Само систем во кој човекот и заедницата се над профитот може да обезбеди трајна водоводна сигурност, а моменталниот капиталистички систем одново се покажува како елементарно неспособен за таа задача.
