„Целосна и апсолутна победа. Сто проценти. Без никакво прашање.“ Со овие зборови Доналд Трамп го опиша двонеделниот прекин на огнот со Иран објавен синоќа.
Само неколку часа претходно, Трамп се закани дека „цела една цивилизација ќе умре“ – што не предизвика ниту еден збор критика од сојузниците на САД. Но, непосредно пред да истече неговиот краен рок, Трамп се повлече пред очите на светот. Сега, барем на зборови, се согласи на разговори врз основа на ирански предлог од 10 точки, посредуван од Пакистан, како чекор кон траен крај на непријателствата.
Ако може да и се верува на Белата куќа, прекинот на огнот е резултат на тоа што САД „ги исполниле и ги надминале“ сите воени цели. Трамп сега тврди дека претстои „златна ера на Блискиот Исток“. Портпаролката Каролин Левит се пофали со „неверојатните способности на нашите војници“ и му ја припиша заслугата на Трамп што „повторно го отворил Ормускиот теснец“ – наводната главна награда од војната, без разлика што тој беше отворен и пред САД и Израел да го нападнат Иран на 28 февруари.
Прекинот на огнот е многу кревок и може да се распадне во секој момент. Но, без разлика дали ќе опстане или не, ова претставува сериозен пораз за САД и лично за Трамп.
Последниот месец ги откри и ограничувањата на „дипломатијата со оружје“ на Трамп, како и на американскиот империјализам воопшто. Светската економија претрпе сериозна штета, сојузниците на САД беа систематски оттурнати, базата на Трамп е поделена, а сега над иднината на американското влијание на Блискиот Исток виси голем прашалник.
Уметноста на договорот?
Ако се погледне вистинската содржина на планот, како што е објавен од иранските државни медиуми, се добива сосема поинаква слика од триумфалните изјави на Трамп. Наместо да попушти кон САД од позиција на послаб противник, Иран, барем на хартија, обезбедил отстапки кои САД никогаш не би ни помислиле да ги дадат пред почетокот на војната.
Договорот бара целосен и траен прекин на непријателствата не само во Иран, туку и во Ирак, Либан и Јемен – што фактички ги принудува САД да ги ограничат не само сопствените амбиции, туку и оние на Бенјамин Нетанјаху. Секое прекршување би му дало легитимна основа на Иран повторно да започне напади, без разлика дали Нетанјаху би го таргетирал Иран или неговите сојузници.

Ормускиот теснец треба да биде управуван преку договорен „протокол за безбедност на навигацијата“, при што Иран практично би делувал како наплатувач на патарина, барајќи значителен надомест во замена за безбеден премин.
На економски план, САД би требало да исплати целосна компензација за обнова на Иран, да ги укине сите санкции и да ги ослободи сите замрзнати ирански средства. Иран, од своја страна, само се обврзува да не развива нуклеарно оружје – нешто на што веќе се согласувал многупати пред војната.
За Иран, победата отсекогаш била поистоветувана со сопствениот опстанок. Со тоа што опстана, тој ги разоткри ограничувањата на американската воена стратегија, покажувајќи дека таа може да се неутрализира преку асиметрично војување и контрола на клучни геостратешки точки. Иранската воена кампања со ракети и дронови оштети најмалку 11 американски бази, принудувајќи евакуација на нивниот воен персонал, како и бројни енергетски капацитети низ регионот. Со истовремено затворање на Ормускиот теснец, Иран ја искористи ранливоста на светската економија на енергетски шокови – вклучително и во самите САД, каде просечните цени на горивото се зголемија за 45 проценти од февруари.
Постојаното менување ставови на Доналд Трамп – менувајќи ги воените цели и постојано преминувајќи од тврдења за рана победа кон понатамошна ескалација – нанесе невидена штета на неговата веќе ослабена популарност. Во движењето МАГА се појави длабока поделба, при што поранешни влијателни поддржувачи бараат негов импичмент.
Засега, прогласување „победа“ и повлекување од војната е неговата најмалку лоша опција.
Засилениот Иран
Во меѓувреме, Иран излегува со крената глава. Како што покажува опширната изјава на неговиот Национален совет за безбедност, раководството оди во Исламабад држејќи ги сите адути. Ако САД прифатат било која верзија од планот од 10 точки, Иран ќе го добие политичкиот и економскиот простор што му е потребен за обнова.
Во Израел, повлекувањето на Трамп веќе предизвика гнев и паника кај тврдокорните ционисти, кои бараат целосен колапс на Иран. Тие сигурно го поттикнувале Трамп да ги спроведе вчерашните геноцидни закани. Но, крај на војната под услови на Иран – што го претставува овој прекин на огнот – би бил најлош можен исход за нив. Тоа би го оставило Иран посилен од порано, би ја поткопало можноста Израел да стане доминантна сила во регионот – главната цел поради која ја вовлече Америка во конфликтот – и би ја принудило САД да се повлече од регионот, оставајќи го Израел изложен и во егзистенцијална опасност во момент кога се бори на шест фронтови.
Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид беше директен во својот коментар:
„Никогаш немало ваква политичка катастрофа во целата наша историја. Израел дури и не беше на масата кога се носеа одлуки за суштината на нашата национална безбедност. Нетанјаху политички потфрли, стратегиски потфрли и не постигна ниту една од целите што самиот си ги постави. Ќе ни требаат години да ја поправиме штетата што ја предизвика со ароганција, негрижа и недостаток на стратегиско планирање.“
Ова е тежок обвинувачки став, кој точно ја покажува ослабената позиција во која сега се наоѓа Израел. Не само што беа изненадени од способноста на Иран да погодува цели низ Израел, туку и Хезболах повторно се појави како значајна сила, предизвикувајќи сериозни загуби на инвазивните сили на израелската армија.
Бенјамин Нетанјаху ќе направи сè што може за повторно да ги вовлече САД во конфликтот. Индикација за тоа е што иранскиот предлог од 10 точки вклучува крај на војната на Израел против Либан – но Нетанјаху веќе се обиде да го поткопа прекинот на огнот со отфрлање на оваа точка и започнување на најголемиот бран напади врз земјата од почетокот на војната, погодувајќи повеќе од 100 наводни позиции на Хезболах во Бејрут, долината Бека и јужен Либан. Само утрово, 300 луѓе се убиени во Бејрут, додека болниците повикуваат на итни донации на крв.
Како и на крајот од 12-дневната војна минатата година, разликите во целите на Израел и Доналд Трамп повторно стануваат очигледни. За Израел, секој исход што го остава иранскиот режим на власт е еднаков на тежок пораз.
Економско закрепнување?
Во крајна линија, она што го натера Трамп да се повлече беа економските последици од војната. 38-дневното затворање на Ормускиот теснец предизвика хаос во глобалната економија, зголемувајќи ги цените на нафтата, гасот, ѓубривата и речиси сите индустриски хемикалии. Прогнозите за раст опаднаа, инфлацијата нагло порасна, а пазарите беа разнишани.
Обичните луѓе веќе го чувствуваат товарот. Долготрајно затворање на теснецот би ја влошило ситуацијата значително, како што резервите се исцрпуваат, а вистинските недостатоци и шпекулативното покачување на цените почнуваат да земаат замав. Со наглото зголемување на цените на нафтата, гасот и нивните деривати, кризата се закануваше да ја турне светската економија во бездна– во стагфлација или дури рецесија, што би избришало години на економско „закрепнување“ за само неколку месеци.
Имајќи го тоа предвид, и со приближувањето на изборите, Трамп одлучи да ја прекине играта и да ги намали загубите. Но, иако реакциите на пазарите денес ќе бидат еуфорични, последиците од војната ќе се чувствуваат со месеци, ако не и со години – под претпоставка дека непријателствата нема повторно да избувнат.
Аналитичарите за транспорт веќе велат дека нема да има „масовно минување“ низ Персискиот Залив, при што еден од нив истакнува дека прекинот на огнот „сè уште бара бродовите практично да бараат дозвола [од Иран], и тоа е клучното. Тоа значи дека ништо не е променето – нема дозвола, нема транзит.“ Во меѓувреме, енергетските капацитети се сериозно оштетени за време на војната и се далеку од целосна обнова. Се очекува некои да бидат во реконструкција со години.
Војната ја разоткри екстремната ранливост на глобалната трговија и синџирите на снабдување, кои можат да бидат искористени од земји што, на хартија, се многу послаби од САД. Со тоа што го стави Ормускиот теснец како средство за притисок во војната, Иран успешно ги сврте шансите на економската војна против САД, при што оствари и значителен профит.
Падот на САД
И покрај тоа што Трамп можеби ќе го тврди спротивното, неговиот дебакл во Иран за само неколку недели стана најголемата политичка грешка што се памети. Позицијата што САД ја градеше со децении низ Блискиот Исток – со воени бази распоредени низ Заливот кои наводно ја штитеа клучната инфраструктура витална за светската економија – се покажа како недоволна пред иранскиот арсенал од ракети.
Со тоа, САД беа разоткриени. Американските сојузници во Заливот – кои целосно зависат од Америка за својата одбрана – беа оставени сами на себе додека САД се фокусираа на заштита на Израел и сопствените бази. Сфаќајќи го тоа, многу заливски држави дури го притискаа Трамп да ја продолжи војната со надеж дека ќе се доврши работата и ќе се отстрани Иран како закана за нивните интереси. Но со примирјето, нивните надежи засега се изјаловија.
Во самата администрација на Трамп, воопшто нема согласност дека приближувањето со Иран е вистинскиот пат напред. Особено, Стив Виткоф, главниот преговарач на Трамп, е „многу лут“,според некои извештаи го нарекува го планот од 10 точки „катастрофа, вистинска несреќа“. Тој сега ќе отпатува во Исламабад заедно со Џеј Ди Венс.
Методот на Трамп да „прегази“ во надворешната политика со брзи договори и „хируршки“ воени операции наидува на објективните граници на американската моќ низ светот. Преминувајќи од една позиција во друга, тој се однесува како бик во продавница со порцелан, притоа дестабилизирајќи ја американската и светската економија.
Дали примирјето навистина ќе опстане и ќе доведе до некаков подолготраен договор во наредните недели, ќе покаже времето. Несомнено сè уште постои можност за уште еден пресврт од 180 степени.
Пад од врвот
Војната со Иран веќе има длабоко влијание врз свеста во САД. Иран сега може да прогласи барем привремена победа, што неизбежно го наметнува прашањето дури и кај најлојалните поддржувачи на Трамп: што всушност требаше да се постигне со сето ова?
Во таборот на МАГА, војната со Иран предизвика жестока реакција, поголема од реакцијата на било која од претходните политики на Трамп, вклучително и киднапирањето на Николас Мадуро. Истакнати МАГА инфлуенсери како Кендис Овенс, Џо Роган и Такер Карлсон јавно се свртеа против Трамп поради неговата вмешаност во војната. Алекс Џонс вчера изјави дека „Трамп буквално звучи како пореметен суперзлосторник од Марвел филм. ОВА НЕ Е ТОА ЗА ШТО ГЛАСАВМЕ!!“. Тео Вон, кој го угости Трамп на својот подкаст за време на изборите во 2024 година, сега ги нарекува САД и Израел вистинските терористи во војната против Иран.
Во меѓувреме, рејтингот на Трамп е најнизок од неговата инаугурација. Поддршката за војната исто така е постојано ниска, при што над 60 проценти не ја одобруваат, додека 69 проценти од Американците велат дека растот на цените на горивата е нивната главна грижа. И во однос на Израел, 57 проценти од младите републиканци – група која пред само неколку години беше сигурно про-израелска – сега имаат неповолно мислење за државата.
Значењето на ова не треба да се потценува. Како што посочивме и пред враќањето на Трамп на власт, неговата општествена база е составена од спротиставени елементи. Делот од работничката класа што гласаше за Трамп не го направи тоа затоа што сакаше нови војни на Блискиот Исток, туку затоа што Трамп ветуваше крај на странските војни, заедно со подобрување на животот на обичните Американци.
Војната со Иран се покажа како огромна грешка. Без разлика дали примирјето ќе опстане или не, 38 дена неселективно бомбардирање дојде со огромна цена за американскиот капитализам и неговиот режим – сега познат за многумина како военохушкачката „Епштајн класа“ – кон која расте недовербата, па дури и омразата кај поширокото население.
Како што истакна Ленин, империјалистичката војна ги засилува сите противречности – а поразот уште повеќе. Работниците и младите ќе извлечат важни заклучоци од овие настани, гледајќи го примирјето онакво какво што навистина е. Тие сè повеќе ќе бараат револуционерен пат, не од теоретски размислувања, туку од сопственото искуство на горчливиот пад на САД и ќорсокакот на трампизмот.
Животниот стандард сериозно се влошува во Соединетите Американски Држави, и во наредниот период Трамп нема да се гледа како човекот што ги решил проблемите на работниот народ, туку како човекот што ги влошил. Сите негови гласни изјави, целиот негов бомбастичен настап, ќе се разоткријат онакви какви што се: испади на претседател кој нема одговори за реалните проблеми. Наместо претседателот што ја прави Америка повторно голема, ќе биде гледан како човек под чија власт се случил дополнителен стрмен пад на моќта на Соединетите Американски Држави.
Кризата на Блискиот Исток го изнесе сето ова многу јасно и има длабоко влијание врз свеста на милиони луѓе. И како што коалицијата на сили што го донесе Трамп на власт се распаѓа по класни линии, перспективата што се отвора е период на интензивна класна борба во наредниот период.
